Зборот социологија е творба на Огист Конт, кованица од два антички збора: од старогрчкиот logos и латинскиот societas, во значење - практична позитивна наука за општеството.

Тој се обидел проучувањето на општеството да го направи научно, одделувајќи го од филозофијата и теологијата. Тој физиката ја сметал за најразвиена „позитивна“ наука која треба да служи како пример за социологијата. Ова настојување општествените науки да се градат по примерот на природните е својство на позитивизмот - влијателен правец во општествените науки.

Како претставник на капиталистичката класа и приврзаник на Наполеоновата империјална политика, а потоа републиканец, Конт во своето дело ги изразува стремежите на класата на која припаѓа. Тој тврди дека, за да биде општеството стабилно, не треба да ја менува својата физиономија. Верува дека власта треба да остане во рацете на оние кои веќе ја поседуваат (капиталистите).

Своето учење Конт го поделил на социјална статика и социјална динамика. Во првото, тој ги истражува природата и односот на механизмите кои придонесуваат за стабилност на општеството, а тоа се јазикот, со чија помош се воспоставуваат односите меѓу луѓето; религијата (која го зајакнува општествениот поредок), со поделбата на ритуалите и верувањата и поделбата на трудот (која придонесува за меѓусебна зависност меѓу луѓето).

За Конт од особено значење за стабилноста и редот во општеството се институциите: семејството, религијата и др. Во своето дело насловено како „Социјална динамика“, Конт ги разгледува прашањата поврзани со општествениот поредок и човековата еволуција.

Во делото „Закон за трите фази“, Конт настојува да го објасни општествениот равој. Тој вели дека секое општество во својот развој мора да помине низ три фази: теолошка, метафизичка и позитивна. Во првата, важат апсолутни вистини. Појавите во општеството се објаснуваат со помош на дејствувањето на натприродните сили, поточно силата на единственото суштество наречено - Бог.

Втората ваза е видоизменување на првата. Наместо натприродните сили, во оваа фаза општествените појави се претставуваат како манифестација на одредени апстрактни сили (природата). Во позитивната фаза се напуштаат идеите за постоење на апсолутни вистини за општеството. Значајно место им се дава на карактеристиките на човековото дејствување на неговите можности и индивидуални потреби, зошто само човекот има способност да мисли и да ја осозава општествената стварност.