ОД ЦЕНТАР-ПЕРИФЕРИЈА НА БАЛКАНОТ

Со распарчувањето во Букурешт, Македонија од централен и најзначаен дел на Балканот станала периферија и провинција на балканските земји. Веднаш потоа започнало асимилирањето на македонското население во Јужни Срби, Бугари, Славофони Грци и Албанци. Дури и во пребројувањето на жртвите и загубите од Втората балканска војна македонското име не се споменувало, иако војната главно се водела во Македонија. Според извештаите, Србија загубила 44.500 луѓе, Црна Гора 1.400, Грција 20.000, а Бугарија 93.000 луѓе. Вкупно 158.000 луѓе.

Веднаш по потпишувањето, т. е. на 11 август 1913 година, Австро-Унгарија, Русија и Бугарија барале ревизија на Договорот, со оглед на бројните неправилности, недоречености и нелогичности во поделбата на териториите и во донесувањето на одлуките. На 14 август, Русија ги отфрлила намерите за ревизија на Договорот, па со такво барање останале само Австро-Унгарија и Бугарија, на кои остро им се спротивставувала Франција. Букурешкиот мировен договор претставува единствен меѓународен договор што не го потпишале сите големи сили и што бил во голема мера против нивните интереси.

Исто така, големите сили не ги зеле предвид барањата на македонскиот народ, кој од повеќе асоцијации, особено од Русија и од Швајцарија, интервенирал да се зачува идентитетот на македонскиот народ и единството и целината на македонската територија. На 1 март 1913 година, претставниците на македонската колонија во Петроград, Георги Константиновиќ, Димитрија Чуповски, Наце Димов и Александар Везенков потпишале Меморандум за независност на Македонија и му го предале на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Едвард Греј, и на амбасадорите на големите сили во Лондон. Со Меморандумот Димитриј Чуповски изработил и карта на Македонија во колор со сите специфичности што аргументирано ги докажувале посебноста и причините за самостојност на Македонија. Меѓутоа, поради сопствените интереси и во отсуство на било какво чувство за реалност и за македонскиот народ, големите сили судбината на Македонија оставиле да ја решат завојуваните балкански држави.

Наведениве факти недвосмислено докажуваат дека Балканските војни се подготвувале и се воделе за поделба на Македонија. Во периодот од неполни две години, колку што траеле Балканските војни, официјално биле извршени три поделби на Македонија. Првата поделба била извршена со Српско-бугарската спогодба од 13 март во 1912 година по линијата Деве Баир ‡ Охрид, втората настанала по завршувањето на Првата балканска војна, во која границите се поклопувале со достигнатата линија на фронтот и третата поделба е извршена со Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година, кога биле дефинитивно одредени границите меѓу Србија, Бугарија, Грција и Албанија на територијата на Македонија. Единствениот принцип врз кој се одредувале и се поставувале границите било правото на посилниот, односно оружјето. Со таа поделба, македонскиот народ ја доживеал најголемата измама и ја загубил довербата во своите соседи, што имало негативни последици не само во Првата и во Втората светска војна, туку за подолго време. На тој начин раскинувањето на македонското национално ткиво започнало со поделбите во Внатрешната македонска организација, потоа почнале да ни’ делат соседите и на крајот сето тоа го санкционирале големите сили.