ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА МЕЛНИК
По тој состанок сите раководители на организацијата заминале во илегала, со задачи да го подготват населението и локалните војводи на дадениот повик да ги започнат дејствата. Мелничкиот округ бил поделен на околии, на реони и на села, а така се формирале и единиците, односно вооружените формации. Центар на округот бил Мелник, а главен раководител Јане Сандански. Негов помошник бил Ѓорѓи Казепов, кој воедно бил и околиски војвода.
Од Мелник биле раководени и координирани дејствата во целиот Серски револуционерен округ. По распоредувањето на реонските и на околиските војводи, Сандански издал усни и писмени општи и поединечни упатства. Во нив се одредувал начинот и бројот на мобилизираните во секое село, начинот на собирање оружје, храна и друга опрема, организирање на вооружените формации чета, баталјон и одред. Покрај македонското, поради авторитетот на Сандански, во неговите формации самоиницијативно се пријавувало и влашко, еврејско, дури и грчко население. Во упатствата биле содржани начините и формите на вооружените дејства на четите.
Тие требало да поставуваат заседи во теснини, да сечат телефонски и телеграфски столбови, да уриваат мостови и пруги, да напаѓат од зад грб, да му нанесуваат загуби на непријателот на секое место и брзо да се извлекуваат. Значи, да водат партизански облик на вооружена борба. Покрај тоа, овие чети ја вршеле разузнавачката и известувачката служба.
Кон крајот на септември во 1912 година, Тодор Александров се обидел преку Чернопеев и Казепов да контактира со Јане Сандански, со цел да ги распушти серските другари и да ги стави под команда на штабот на ВМРО или пак да ја обезбеди неговата соработка. Сандански во почетокот одбивал секаква соработка со штабот на Александров. По тоа прашање закажал средба со своите војводи А. Бујнов, Т. Паница, Т. Серски и други раководители на реоните. Средбата се одржала на Пирин и било констатирано дека штабот на Александров се обидува да ја стави Серската организација под своја команда. Распуштањето на другарите за Сандански било апсолутно неприфатливо.
Меѓутоа, со оглед на неизбежноста на војната и во името на Македонија се согласил на спогодување со четите на Александров. На теренот во целиот Серски округ, Сандански и неговите формации биле сметани за суверени и главни заштитници на македонскиот народ. До почетокот на војната, Сандански успеал да мобилизира околу 2.000 луѓе. Борбените дејства Сандански ги започнал на 5 октомври 1912 година, односно 13 дена пред соседните земји да и’ објават војна на Турција. Еден дел од овие сили се борел источно од Пирин кон Неврокоп (Годе Делчев) и Драма, а другите се бореле во областа на Мелник и Свети Врач (Сандански), односно го ослободиле Мелник и ги продолжиле дејствата кон околните места.