ОТВОРЕН ПАТОТ КОН БИТОЛА

Битолската битка се водела од 16 до 19 ноември 1912 година. По Кумановската битка, турската Вардарска армија, повлекувајќи се кон Битола организирала заштитни боеви кај Присад и Алинци, со цел да добие време за собирање, средување и повторно комплетирање на своите единици, како и за привлекување на други трупи во својот состав. Планот на Зеки-паша бил да ја задржи првата. српска армија додека не се расчисти состојбата на Тракиското боиште. Борбениот распоред за одбрана го поставил од десниот брег на Црна Река и на реката Шемница преку Киромарица-Кочиште и Бел Камен. На таа линија биле утврдени турските позиции, а некои села биле организирани како отпорни точки. Зеки-паша дошол до погрешен заклучок дека српската војска ќе ги избегнува ридскиот и планинскиот терен и дека ќе напаѓа само долж патните правци Прилеп-Битола и Кичево-Битола.

Врз основа на таа процена го поставил следниот распоред: петтиот корпус (13. и 15. дивизија) на позициите од сливот на реката Шемница до село Кукуречани да го затвори правецот Кичево-Битола; шестиот корпус (16. и 17. дивизија) бил во резерва на просторот село Оризари, село Поешево. Предните одреди биле поставени кај село Древник, Мраморци и кај манастирот Св. Петар, а страничните одреди кај село Логоварди и кај Бел Камен. Во тоа време, два полка биле на марш од Охрид кон Битола. За Битолската битка Турците ангажирале вкупно околу 35.000 луѓе. На правецот кон Лерин била ангажирана 18. дивизија од 6. корпус.

Српската прва. армија по битката кај Алинци се задржала на заземените позиции и тука ги чекала Дунавската прва и Тимочката дивизија од вториот повик. За тоа време, штабот го анализирал распоредот на турските сили, со оглед на тоа дека точните податоци ги добиле од македонските месни чети. Штабот утврдил дека главниот удар треба да се изврши на Киромарица, со што ќе се урне целата турска одбрана. На 13 ноември го започнале движењето, а на 15 ноември 1912 година го зазеле следниот распоред: Моравската дивизија од првиот повик била на падините на Дрвеник, Дринската дивизија од првиот повик во рамницата од двете страни на патот Прилеп-Битола; Дунавската прва на левиот брег на Црна Река, а Коњаничката дивизија лево од неа. Тимочката втора пристигнала на 16 ноември, била разместена зад Дринската и ја образувала армиската резерва. Моравската втора од 3. армија што и’ била потчинета на првата., тргнала од Кичево и се стационирала во реонот на Чагор. Српската војска ангажирала вкупно 68.000 луѓе.