ПРЕСЕЧЕНИ ВРСКИТЕ СО КАЧАНИК И ПРИЗРЕН
Во Тетово требало да се собере дезорганизираната турска војска и да ја организира одбраната на градот. Меѓутоа, командантот на Западната војска наредил 7. корпус преку Гостивар и преку Кичево да се повлече во Прилеп. Седмиот корпус успеал да се собере дури на 29 октомври и некако да ја среди состојбата. Мехмед-паша, кој бил роден од Тетово, настојувал да го брани градот, меѓутоа командантот на Западната војска повторно наредил 7. корпус да се повлече кон Прилеп.
Српската војска, во согласност со планот да излезе преку Албанија на Јадранското Море, побрзала кон Тетово, па во градот влегла триесетина минути по заминувањето на турската војска. Со оглед на тоа дека српската Врховна команда планирала решителната битка да се води на Овче Поле, и поради непланираното брзо и неорганизирано повлекување на турската војска, дошло до значајни промени и во српското командување, односно честопати командантите од понизок ранг самоиницијативно презеле борбени акции, што можело да создаде негативни последици.
Со навлегувањето на Моравската дивизија од вториот повик во Тетово биле пресечени врските со Качаник и Призрен и било спречено повлекувањето на турските сили од Метохија преку овој правец. Брзото продирање на Моравската дивизија се објаснува и со тоа што била засилена со таканаречениот. Прекуброен полк, кој главно бил составен од Македонци, кои имале силни мотиви да се борат против турската војска. На 31 октомври Моравската дивизија се разместила за одмор околу Тетово, а коњаничкиот полк добил задача да врши извидување на правецот кон Гостивар. Моравската дивизија се разместила во селата Јагуновце, Горна и Долна Лешница, Ратае, Палчиште, Речица, Радиовце, Камењане, Теново и други. Тука било извршено пополнување и речиси во секој полк влегла по една чета доброволци од месното население.
На 1 ноември Моравската дивизија од вториот повик добила задача да настапува преку Гостивар и да го заземе Кичево. Коњаницата да ја испрати во извидување кон Битола, а со пешадијата преку Брод да воспостави врски со Првата. Армија, која настапувала од Велес кон Прилеп. Во согласност со таа наредба, Моравската дивизија го започнала движењето кон Гостивар во три колони. Десната колона се движела по селскиот пат во подножјето на планината Рудок во правецот: село Палчиште-село Пирок-село Сенокос-село Врапчиште-село Долна Баница со задача да ја обезбедува дивизијата од правецот на Маврови Анови.
Средната колона, главнината на дивизијата, се движела преку Полошкото Поле, долго 25, а широко околу 7 км, по патот Тетово-Гостивар. Средната колона била засилена со Прекубројниот полк, кој бил користен како претходница. Левата колона се движела по источната страна на Полог, во правецот преку селата Брвеница-Радиовце-Тумчевиште-Турчане. Пред овие сили биле испратени првиот. Коњанички полк на чело со една чета македонски доброволци, засилен со една коњаничка батерија и едно митралеско одделение со задача во зоната десно Ново Село- село Горјан-Долно Јеловце- село Тајмиште и лево, Сува Гора-Белезик врши извидување и да го спречи евентуалниот напад. Особено да внимава на премините кај Враце, кај селото Вруток и кон Маврови Анови.
Дивизијата го започнала маршот во 9.00 часот. Непосредно по тргнувањето од Врховната команда стигнала наредба Прекубројниот полк да се врати во Скопје во состав на Моравската бригада од првиот повик. Во составот на Моравската дивизија од вториот повик ја продолжиле борбата бројни македонски доброволечки чети. Со оглед на тоа дека во Гостивар немало турски сили српските сили го продолжиле движењето кон Кичево.