Парчосувањето на Македонија

Со букурешкиот мировен договор кој бил отпишан на 10 август 1913 година, Македонија била поделена на тој начин што нејзиниот најголем дел, односно Егејскиот, со површина од 34.356 квадратни километри го добила Грција, Вардарскиот дел со површина од 25.342 квадратни километри, го добила Србија, Пиринскиот дел со 6.798 квадратни километри и бил даден на Бугарија и Албанија добила 1.115 квадратни километри

На 9 август 1913 година, Букурешката конференција на својата пленарна седница го усвоила текстот на договорот за мир, во кој била извршена конечна поделба на териториите што дотогаш биле под турска власт (Македонија, Косово и Метохија, Васоевиќи, Санџак, Тракија и северен Епир). Србија ги добила вардарскиот дел на Македонија, Косово, дел од Метохија и дел од Санџак. Со тоа била зголемена за 39.000 квадратни километри и 1.290.000 жители. Црна Гора ја добила територијата Васоевиќи, дел од Метохија и дел од Санџак. Таа се зголемила за 7.000 километри квадратни и за околу 260.000 жители.

Грција ги добила Северен Епир, егејскиот дел на Македонија, дел од западна Тракија, Халкидичкиот Полуостров со Солун и бројни острови во Егејското Море. Со тоа се зголемила за 51.300 километри квадратни и за 1.624.000 жители. Бугарија го добила Пиринскиот дел на Македонија, Струмица со околијата и дел од западна и источна Тракија. Таа се зголемила за 21.000 квадратни километри и со околу 600.000 жители. Излез на Егејското Море Бугарија добила од сливот на Места до сливот на Марица со пристаништето Дедеагач. Романија ја добила јужна Добруџа и се зголемила за 800 километри квадратни со 303.000 жители.