Пиреј - Петре М. Андреевски

Пиреј

Петре М. Андреевски

„Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева“, вака почнува култниот роман „Пиреј“ на Петре М. Андреевски, објавен во 1980 година. Ова е всушност и пораката на Андреевски во која тој го идентификува нашиот човек, нашиот и себеси, својата голема и трајна поезија.

„Пиреј“ е добитник на наградата „Столе Попов“, на Друштвото на писателите на Македонија, во 1980 година. Книгите на Петре М. Андреевски имаат доживеано повеќе изданија, а особено романот „Пиреј“, кој со своите десетина изданија станува една од најчитаните, ако не и најчитана книга во Македонија. Романот „Пиреј“ стана општопризнаен дострел на нашата современа литература и неодминливо четиво на генерации љубители на убавиот пишан збор

- Колку убав пролетен ден, луѓе божји, велеа жените, колку убав ден поминува низ полето!... Сега Велика веќе се сретнала со децата, велеа.

Денот беше широко отворен над селото и од селото излегуваа миризби од зовриен грав, од запалени буништа што смрдеа дури долу, до училиштето. Во дворот, од училиштето војниците на „Велика Б’лгарија“ го чистеа оружјето и погледнуваа кон патот. Од училиштето се слушаше: Здрав желаем, ште стареем, за кого живеем, за Б’лгарија, ура, ура, ура! Извиците се мешаа со испрекинатото одѕвонување на црковната камбанарија. Такви крикови доаѓаа само од жеравите кога, есење, го надлетуваа селото.

Од селото ја изнесуваа Велика Мегленоска. Пред неа одеа три божји крста, а зад неа гологлави мажи и забрадени жени во црни шамии. Патот беше понизок од меѓите и луѓето не се гледаа цели. Им се гледаа само главите што ги држеа наведнато, како искарани деца. Лицата од луѓето час се развласуваа во светлината (небаре грутки шеќер пуштени во чиста вода), а час стануваа јасно пристемнети од тажниот поглед со кој ја испраќаа старицата.

- Човекот со плач иди на светов и со плач си оди од светов, рече Дуко Вендија, одејќи рамо израмо со Родена Мегленоски. Роден Мегленоски, само ги забришуваше очите, зацрвенети од тутун, од ракија и од повремено расплакување. Ова можеби му беше прво расплакување, по раѓањето, зашто Роден Мегленоски одамна не живееше во селото. Сега беше дојден само заради погребот на својата мајка, Велика Мегленоска.

- Овој ден е само за сликање, како порачан за сликање, рече некој, загледан кон полето. А од полето дотекуваа разни бои, се разлеваа по нивите и по ливадите, се искачуваа по стеблата, заседнуваа на нови височини. И замаените луѓе, ги занесуваа во одењето. Кога врвеа пред училиштето, луѓето погледнуваа кон војниците и си шепотеа:

- На царот му била боса главата.

На папагалите Гањо, под рака, Македонија ја води на дупење.

- Даночниците ни бараат да пријавиме и камили.

Орачите коишто се враќаа од полето, подзапираа, ги вадеа капите и се крстеа. Тоа го направи и еден набожен бугарски војник од дворот на училиштето. Тоаш едно момче се стрча да го допре неговото оружје. Но војникот наеднаш запре со крстењето и му врза една тешка шлаканица на момчето. Со истата рака со која се крстеше. Момчето почна да бега.

- Мамката шумкарска, рече војникот потоа и ја крена пушката за да го нишани момчето. Но тоа подзапре, се сврте и рече:

- Па, нели сме Б’лгари?

Војникот ја спушти пушката, а момчето се смеша меѓу луѓето од погребната поворка.

- Која држава ќе дојде по оваа, рече момчето, кој ќе дојде, стрико Дуко, кога ќе се кренат овие?

Над главите од луѓето сонцето грееше преоблечено и чисто и ништо не можеше да го извалка во допирот со земјата. Од тоа се поткреваше и земјата, ко слабина од стелна крава. Всушност, ја поткреваа некои попови прасиња, и кртици, некои притаени семиња и повратени треви. И се беше во некакво движење: говедата се митареа, чешајќи се по дрвјата, младото ветерче скришно се задеваше со овошките и овошките крцкаа, занишани и одцут, од пеперуги и од пчели. И беше мачно, о боже, колку беше мачно да се повлекува тажна линија меѓу сите тие мириси и струи, меѓу окца и младици, меѓу свирки и светлини.

- Мачно е да си тажен во еден олку убав ден, рече Роден Мегленоски, и ваков ден не е за погреби.

- Мајка ти заслужува повеќе од еден убав ден, рече Дуко Вендија, иако добриот ден завршува како добриот човек.

- Мајка ми цел живот беше добра, рече Роден Мегленоски, но за татко ми никогаш не сакаше да зборува.

-Како што прекршува денот, рече Дуко Вендија, така прекршува и човекот. И ништо не би почнале кога би знаеле дека лошо ќе заврши, рече.

Кога излегоа пред гробиштата луѓето се видоа цели. Се виде и сандакот со Велика Мегленоска. Таа лежеше мирно и со прекрстени раце на градите. Како да криеше нешто под дланките. Меѓу прстите и стоеше угасената свеќа. Очите и беа пропаднати во длапките под веѓите и беше многу видливо дека сосила и ги затворале.

Всушност, едната клепка и беше се уште подотворена и од белката и излегуваше една студена светлинка во која се гледаше сиот грешен свет со кој беше се сретнала.

На стиснатата уста смртта и стоеше како незарастена лузна, како трага од долго целивање со неа. Од ушите и од ноздринките и се подаваше црвено пасменце волна.

Гробот беше ископан и купот земја го одронуваа мрави и гуштерици. Децата ги одврзуваа шамивчињата од крстовите што ги носеа, а попот пееше:

-Благословен бог наш всегда њиње и присно и во веки векови. Амин. Еден пијан гробар се занурка над гробот и луѓето го задржаа, фаќајќи го под мишките. -Помилуј нас боже, по велицеј милости твојој, молим ти сја, услиши и помилуј, господи помилуј, господи помилуј, господи помилуј! Од патот рикна магаре, и некој рече: волкот да те изеде! Пијаниот гробар си го исекна носот, а на црквинската црешна почна да црцори врапче. ...Еште молимсја о упокоении души усопшеј раба божија Велика, и о еже просттисја еј всјекому прегрешенију, волному же и неволному. Господи помилуј, господи помилуј, господи помилуј! -Еј, врапчено не гледа, рече пијаниот гробар, подавајќи се меѓу луѓето. Луѓето го мушкаа во ребрата, го тргаа за ракавите. -Леба ми врапче подлетарче не гледаше од црешнана, рече гробарот, тргнувајќи кон црешната, ене го, се скри меѓу лисјено, ене го колва мушички, рече, не запирајќи со одењето. ...Во блаженом успением вечниј покој подажд, господи, усопшију рабу твоеј Велика и сотвори еј вечнију памјат... Вечнаја памјат, вечнаја памјат, вечнаја памјат! -Одлета, рече пијаниот гробар, враќајќи се од кај црешната, одлета врапчето. А може да не беше врапче, рече, може да беше душата од Велика Мегленоска. Тоа што не гледаше и тоа што одлета, рече. -Ај, попе и коските од децата, рече Уља Мегленоска. -Еште молимсја о упокоениих души усопшеј рабеј твоеј... Како се викаа? -Ангеле. -Ангеле. -И Капинка. -Капинка. -Па Роса. -Роса. -И Здравко. -Здравко. -И Ѕвездан. -И Ѕвездан и сотвори им вечнију памјат, вечнаја памјат, вечнаја памјат, вечнаја памјат! Бог да ги прости!... Коските, одозгора... Ами мажот и, праша попот, зошто не и го кажавте мажот и?

-Тие беа скарани, попе, рече Уља Мегленоска, стрина му на Роден Мегленоски. Се налутија пред да го прости господ, рече, и таа не сакаше да ја закопаме заедно со него. Еднаш ме заколна за душата од децата: кога ќе умрам, сестрице, ми рече, закопај ме кај децата, ама подалеку од Јона. Овој век ми помина без него, ми рече и оној нека ми врви без него.

-Ама таму ќе се смират, рече попот, само што ќе се сретнат и ќе се смират. Таму нема бегање, нема разминување, рече.

Гробарите веќе ја ринеа земјата, си плукаа во рацете, и ја ринеа земјата, ја нафрлаа со лопатите на сандакот, го засипуваа гробот. Жените се наведнуваа, се наведна и Роден Мегленоски, се наведна и Дуко Вендија, се наведнаа уште два-тројца старци и сите заграбуваа земја меѓу прстите и фрлаа врз моштите од Велика Мегленоска.

-Ебати животот, рече пијаниот гробар и пак го издува носот, го исекна.

Наоколу мирисаше на догорени свеќи, на лански босилек, на пресна земја и на некоја старешка издишка што поминала меѓу расипани заби. Од зад црквата се слушаше кукање на кукавица, од селото доаѓаше пеење на петли, прилајување на кучиња и денот стануваше уште повисок.

- А зошто не го сакала и во гробот, праша Роден Мегленоски, бришејќи си ги очите.

- Зашто некои работи остануваат запаметени и за по смртта, рече Дуко Вендија, и зашто староста го расчинува човекот и затоа никој не ја сака, рече и зеде варена пченица од жените коишто раздаваа за душа. За испустената душа од Велика Мегленоска.

- Кажи ми, рече Роден Мегленоски.

- Ќе ти кажам, рече Дуко Вендија, ама ќе ти кажам како што ми кажуваше мајка ти, Велика, и како што ми кажуваше татко ти, Јон, и како што ми се кажуваше мене.

Под тремот црквински редачките веќе клаваа за ручек и нешто постојано брчеа со устите, како и мувите над котлите со манџа.

ЈОН

Кога се свапери Сребра Лишка дојде еден човек и на татка му вели:

- Се сваперила дека не сме префрлила вода преку рамена, вели и дека со немиени раце сме ручале по закопот. А може нешто сме подале преку покојната, вели, или нешто ја поминало: куче или маче, глушец или кокошка, а може и некој човек да ја пречекорил, му вели. Да се опулиш под мишката од ваперов син и ќе ја видиш ваперката, му вели човекот на татка.

- Не сакам да ја видам, му вели татко, а не сакам и тебе да те гледам, му вели и си пие цигара, се пули в земја.

По три дена татко си го пресече палецот со секира. Мајка тогаш му прати скришни мунѕи и му рече:

- Тоа е дека не веруваш во вапери. Може ваперот ти ја мрднал секирата, му рече и наместо тутун на прстот му врза изгорена човечка коса.

А татко беше голем мајстор за делкање. Ама јас малку го паметам, само како дете го паметам. Беше есено време и во гумното обделкуваше еден влек платици. Паче, тука беше и Давиде Недолетниот. Јас не знам дали имав десетина години, а Давиде беше речиси, момчарак, ама ништо не му помагаа годините. Кај ќе застанеше, таму е го засмрдеше местото. Како некоја болест да заседнуваше. Секој двајца со него тројца стануваа. Испустен човек: нема ни трпеза, ни нешто за на трпеза.

Клечи така Давиде Недолетниот пред татка, а татко си ги делка платиците. И ноздрите му се шират, фрчат и го шмркаат воздухот, го одбираат. Поделкај чини, поделкај, па плукни си во дланките за да не му се лизга рачката од секирата. И секирата само свирка и светка и летаат деланки од крај неа. Дури онаму, настрана, летаат деланките. Давиде Недолетниот си зборува нешто, ама татко не го слуша. Вистина, напати ќе го погледне со очите, ама пак убаво не го гледа. Оти очите му играат само над платицата што ја делка и му играат на смени. Со едното мижи, а со другото гледа. Ќе истера така еден ред делкање, па ќе клекне, ќе го замижи едното око, а со другото ќе нишани: дали под конец поминала секирата, дали право ја воделе рацете. Како што треба. Па после ќе ја сврти платицата, ќе и изврти нова дупка со сврделот, ќе ја презапне. И ќе почне да ја делка од другата страна.

- Еда, убава плужица, ќе рече Давиде Недолетниот, да му ‘бам мајката, ако не е убава плужица.

- Кај гледаш плужица, му вели татко, ова е платица.

- Еда, не е плужица, прашува Давиде Недолетниот, како изненаден.

- Платица е, бре Давиде, му вели татко.

- Еда, сега е платица, а после плужица, вели Давиде, колку нешто да се вели.

- Платица е, бре, платно да ти застане на очите, му вели татко, кај може од платица да стане плужица?!

И така: едниот - платица, другиот - плужица, платица, плужица, шарена марена, татко си делка, а Давиде клечи пред него, се чуди и не знаеше дали не знае или само се инаети. Ама си мрмори човекот, си брчи под носот.

И сред тие зборови, се надава мајка на чардакот и го викнува татка за ручек. Татко се исправа, издишува и ми ја подава секирата мене.

- Гледај ваму, ми вели татко, ова е даб благун и тој има најмногу срцевина за спици, за бочви и за качиња и да знаеш за отсега, ми вели, рапавиот даб е само за јаглен и за греење, а царевиот даб е за ништо, вели, оти нема срце и брзо скапува. Ајде, сега делкај, учи се, ми вели и тргнува по скалите, влегува ома. По него влетува и Давиде Недолетниот.

- Еда, господ да ви придаде, ќе рече Давиде Недолетниот, еда, не сум гладен, ама атер на трпезата и, еда, атер на лебот... ќе земам.

По едно време, а големо време, ете го пак татко, слегува по скалите во гумното. И по него слегува и Давиде Недолетниот. И застануваат пред мене ме гледаат кај што ги чачкам спиците, кај што ги џвакам со секирата. Ги мачам. Ме погледа така татко, колут, ко налутен и после наеднаш се наведна и почна да ми ги фрла спиците.

Ние отидовме над неа и таа не гледаше, а очите и се завируваа. Не може да зборува жената. Сака, а не може. Само не гледа и и се полнат очите со солзи, и претекуваат. Со мака ја поткрева едната рака и не фаќа за вратот, не милува по темето со раката. Првин едниот, па другиот. Не фаќа и не потргнува, не наведнува кон себе. Сака да не баци жената, а ние не знаеме што сака. Е, некако не баци, а лицето цело и подвирува од солзи. Батачка. Кога ја видовме таква мајка и ние почнавме да плачеме. Татко тогаш ги удри воловите со прачка, ги потера и тие тргнаа. Ама тргнавме и ние по колата. Колата чкрта, а ние одиме по неа и гледаме во рогозината кај што лежи мајка. И плачеме. Не знам тогаш дали од нишањето, од тресењето на колата се помрднуваше мајка, ама мене ми се стори дека се мачи да се поткрене, да се подисправи, да се обѕрне по нас. Да ни се опули уште еднаш, да не привиди. Ама не може. Ние тогаш уште посилно заплакавме со Мирчета и татко се сврте, се приповрати и не удри со прачката за да се вратиме дома. И ние се вративме. Се враќаме и се вртиме, гледаме по колата што се оддалечува надолу. И така, татко беше се вратил со мајка во Боишта, откај што беше земена.

- Мене не ми треба болен човек дома, беше му рекол на вујка, а ја оставил мајка. После си умре жената таму. Кога чувме дека умрела, се сетивме и за мочањето во јазот.

Татко после не глави кај калуѓерите од манастирот и си замина пак во Преку. Отпрвин по нешто праќаше, а после му се загуби трагата. Дали се прежени или умре, не дознавме. И така, откако му се загуби поштивијата работевме во манастирот колку за лебот и за по едно рало опинци што ги чувавме за зимата. За кога ќе падне силен снег. Сега никој нема со нас: ни некој нешто да не праша, ни некој да ни каже. Само еднаш дојде вујко и ни рече:

- Како сте, деца?

- Добри сме, му рековме ние на вујка.

- Е, добро што сте добри, вели вујко, така и треба, рече и си отиде. Толку беше.

А во манастирот не ни беше толку лошо. Вистина работевме се, ама и писмо научивме. Народот тогаш беше слеп за писмо. Качи го магаре и добитокот го носи од дома, добитокот го враќа дома. Толку беше опулен народот. Колку и добитокот. Немаше книги што ќе ти кажат кога си се родил и како се викаш. И тешко на оној што не ќе си ги запамети и името и годината на раѓањето. Живее ама како да не живее, тука е, а нетука. И ќе умре, не знаејќи дали на безвреме умрел. Речиси така, незапаметен од луѓето. Ама тогаш луѓето повеќе паметеа, оти помалку работи имаа за паметење. На книживе се запишуваа само умрените за да ги спомне попот во молитвата на гробиштата. Над нивните мрачни доми и домови.

Едно време се отвори училиште во куќата Кузека, ама малку траеше. И што ќе научиш таму во едно тесно зачадено одајче. Од чадот не се гледа и учителот. Огнот чади, а ние шмрчкај и бриши ги очите, бриши ги црните таблиња. А и учителот не го разбираш убаво, па тој ќе се налути дека не го разбираш, ќе земе прачка, и-рас-трус, ќе те шврка со прачката по прстињата. Тој ќе те удира, а ти ќе се превиткуваш, ќе потсинуваш. Ќе се собираш копец во вратот и во срцето, ќе ја собираш устата, ќе ја собираш раката и, примижувајќи, пак ќе ја подаваш. На крајот со пиштење ќе прснеш да бегаш низ врата, надвор. Ќе бегаш и - олеле, олеле, ќе викаш и ќе си дуваш во прстите од силна болештина. Јас поодев малку, оти мајка не ме пушташе.

- Мене, вели, главата ми гори од работа, а тој брка чавки. И ќе ме тера надвор, со кози или некому да му ги пасам воловите колку да не јадам дома. И јас ќе се искрадам кога понема работа, а кога немало работа в село, а мајка ќе помине пред куќата Кузеска, ќе тропне на џамот и ќе рече:

- Даскале, пушти ми го детето да ми помогне, па после кажи му што треба да му кажеш.

А вечерта ако земам да пишувам на кандило, мајка ќе дојде да ми ја затегне светлината. Само малку да светка колку око од мачка.

- Ајде, веќе легни си, вели, легни скости се, не ти даваат јадење од тоа. Проста жена, ама мајка ти е не можеш да ја смениш. Таа прва ти дала да јадеш. И јас сам, така, на одење ќе пишувам букви: дали во правата на патот, дали во пепелта од огнот, на камењата кај што ќе најдам. Така учиш, со овега, со онега. А навечер, ќе чекам да излезе месечината и ќе се потпирам на пенџерот: ќе собирам, ќе одземам.

- Бpавос, синко! Писмово ќе ти отвори уште еден пат кон бога. Богат не е тој што има пари, вели, туку тој што нема сиромашна душа.

По три години откако првпат ги чув овие зборови, во манастирот дојдоа тројца комити. Го фатија отецот Висарион и со нож му ја исекоа брадата, пред сите нас и пред сите светци. Си сечат и ножот, меѓу кандилата, само светка ко мразурец на месечина.

- Ако не знаеш зошто, прашај, велат и му ја сечат брадата, речиси му ја кубат. На отецот Висарион му се отвораат гушата и лицето, а му се затвора устата. Ништо не зборува. Потоа го изведоа надвор од манастирот. На излегување ме викнаа и мене. Другите ги оставија. И калуѓерите и Мирчета, брат ми, ги оставија. Им рекоа само да не зборуваат, оти тие секој збор можат да го чујат. Како и господ што може се да чуе.

- Видов - не видов, чув - не чув, рекоа.

И излегоа. Со нив излегов и јас. Отецот Висарион одеше напред и за ништо не се противеше. Ја прејдовме мртвицата и запревме во нивата зад врбите.

- Подај ми го ножот, рече војводата.

И јас со страв го извадив ножот од појасот на војводата. Му го подадов. И тој, едно земање, го збрца под гушата на отецот Висарион. Отецот Висарион се заниша, кркорејќи и откако падна на земја, почна да клоца со нозете, како бреспрашена пеперуга.

- Сега врати ми го ножот, ми рече војводата.

И јас клекнав, се потпрев со колената на градите од отец Висарион и со двете раце го повлеков ножот. Дршката беше топла и леплива од крвта на отец Висарион.

- Ние двајцата убивме еден доушник, рече војводата, поземајќи го ножот, и сега и ти можеш да дојдеш со нас. Подобро да дојдеш отколку да останеш, ми вели и го брише ножот од мантијата на отец Висарион.

И јас, молчејќи, тргнав со нив. Преку нивје, нагоре, в шума. Кога запревме, војводата рече дека сега е најблиску до бога тоа божјо копиле.

Јас ја кренав главата и видов една ѕвезда што се заниша и што падна од небото над манастирот. Каде што падна и отец Висарион.

Со прво јас не го знаев Јона, оти немаше и како да го знам. Јас сум од ова село подолу. Од Жван. Ако е за право, имав нешто начуено за него, ама на млади години ќе чуеш за многу. Еднаш, на киселица берење, тукуречи и го подвидов, ама многу од далеку. Кај си можел тогаш, кај си смеел да се гледаш. Тогаш беше големо ако ти пушти некој сонце од огледалце. Тој ќе ти пушти, а ти ќе му ја свртиш главата. И толку. Никако не оди: крв ти капе по лицето. Такво беше сакањето. Можеш да го видиш ако украдеш некоја минута кога тој не гледа. И ќе го видиш набрзина и од далеку. Како на нерамна вода. Се плашиш да не ти го фати погледот, да не ти се сретнат очите.

Е, после чув и од која куќа бил и што имаат. А повеќе чув што немаат. Јас пак прво што прашав: колку ниви имаат, прашав, а да имаш многу ниви, значи многу да работиш. Ништо друго. Оти знаеш: земјата е танка, ништо не додржува до крај. Ама младост! Се надеваш, се лажеш. И така слушам за него и пак не знам како догања, каква му е иконата, лицето.

Еднаш пак на Јона да му текне ќе ми ја гледа работата. Ги наовчиле колите со брат му, со Мирчета, и тргнале на пазар со платици, со плужици со ќумур... И кога свртеле на џаде, кај воденицине Чатлакови, ме здогледале мене кај што копам пченка. И ги запреле колите, ги отспрегнале коњите и седнале да ме гледаат. Ги пасат коњите, ги навртуваат покрај патот и ми ја гледаат работата. Јас не бев сама, ние бевме пет-шест другачки што си помагавме во пченки-копање. Денеска јас кај неа, утре -таа кај мене, и полесно ни се стемнува. А летен ден, долг како година, брзо се разденува, ама никако да се стемнува.

И, велам, копаме така наредени меѓу огништата од пченката, а мотиките само с’скаат, само касаат од земјата. Јас тогаш бев многу јака и работата се плашеше од мене. Мислам само господ беше поработлив од мене. Ракавите, завртени, ми пукаат на рацете, ко ќунци, ко бории. И мотиката ми игра пред мене, спипиле што се вели. Ама другачките не беа сите такви. Некои само гледаат во сонцето до каде е искачено. Ќе погледаат во сонцето, па ќе погледнат во сенката за да видат колку им е скусена. Па после ќе се џарат што се прави на патот: кој поминал кој заминал. Ајде, мори, повјасајте, ќе им викам ајде да ја претераме нивава, дури не се опрлила сосема пченкава, дури не се омацурила, ќе ги подземам и пак избегам напред, глава не покревам. Само гледам пред нозете, пред прстите. А другачки ми: ха, ха, ха - ихи, една ќе се изука, друга ќе и се привдаде, се смеат. И шатмара Божана, ова било, она било, го претеруваат селото. А едно жешко време беше згазило: еден припек те удира озгора, а друг те начекува оздола. Ти ја усвитува главата. Мислиш и шамијата ти ја подгорува. Ти ја присмадува. А јас ги силам другачките, им подвикнувам да истераме повеќе од нивата дури не ни дошла сенката под петици. Оти тогаш сите ќе избегаат под дрвјата и полето ќе остане само со сонцето.

- Кршете ги и грутките, викам, а не само копни-преврти, велам, и не ја оставам мотиката да застане да ми запре.

- Ако не ти чини, препомини го, ми велат другачките и пак се смеат, се укаат, еднаподруга се укаат и гласот им шета ко ѕвонец низ полето. Ќе се изукаат и ќе се опулат нагоре дали иде ручекот и до крај дошло сонцето.

И јас што ќе правам, нема да се тепам, си го терам редот пред себе. Еден ред фати со нив, па истерај го пред нив, па друг ред фати, стасај ги и пак пред нив истерај го. А Јон и Мирче си ги пасат коњите и само ме гледаат. Јас ништо не знам. Кој мислел дека некој ме гледа. За вистина еднаш како да ми се пресенија некои луѓе кај патот, ама откај знаеш кој се и што прават. Си мислиш некој патници си починуваат, го попасуваат добитокот. А и да сакаш да гледаш во таков ден ништо јасно не се гледа. Цело поле е некако пристемнето, омарничаво, и се некои дипли, дипли запурнина се наднесуваат над тебе и те притискаат. Времето тежи, мислиш облак ќе удри. Ама ништо. Ти само се потиш, бразди пот ти слегуваат и по снагата, од под гуша до петици. И само ти се суши устата и те тера да пиеш вода. И една од другачки ми, Стојна Ресулоска, само ја пуштаме да ги полни стомните, да носи вода. А таа радосна оти малку ќе здивне од копањето оди и ни носи. Таа носи, ние пиеме. Само малку ќе се потпреш на рачката од мотиката и ќе ја кренеш стомната. И стомната кркори, се празни. Мораш некако да се гаснеш. И тураш. Ќе подугаснеш малку и пак почнуваш да прашиш. Ја подберуваш нивата пред себеси и ја поштиш покрај секое коренче од пченката. Му ги ослободуваш рамената, ретчиш, му правиш пошироко место. И удираш двапати на лице, еднаш - наопаку, со тилјето. Мора секое грутче да се скрши, секое тревиште да го превртиш. Низ секој прст земја треба мотиката да помине. Така удираме: наведни се, исправи се, а нивата само си се зголемува. Да ја одиш не се доодува, мислиш.

- Е, онаа ќе биде моја жена, беше му рекол Јон на Мирчета за мена, или онаа или никоја, рекол Јон тогаш.

- Богами, ваква ламја не сум видел за работа, рекол Мирче, оваа сите може да ги носи под мишка. По тие зборови си ги спрегнале коњите и си заминале на пазар. Јас ова после го чув. Мирче ми кажа. Му се испушти некако во веселбата кога го женевме. Јон за ова ништо не ми кажа.

И така. Па после, ваму си, таму си: дојде време да се видиме и од поблиску. Мораш да си го видиш и лицето може да е алипен човек, треба се да знаеш. За прво треба да видиш да не е нешто глув или слеп, да не е некаде изгорен, да не криви со нога или со рака. Се треба да знаеш оти со него ќе робуваш.

И ден за ден, еден ден не ставија, не составија со Јона, долу кај мостон, кај вренгијана жванска. Тој отаде, јас одавде. И се гледаме така, се срамиме, не знаеш што да проговориш. Ниеден збор не ти иди, не ти текнува. Го погледнувам јас: здрав е, се има на него и се му е убаво. Очите сиви, големи, му играат, ќе ме голтне. Капата ја носи настрана. Косата му е костенлива и му се подава малку од под капата на десната страна. Мислиш страк од босилек да ставил на увото. Ушите му се оптегнати и на долниот крај зафатени, без јаготка. Зошто ќе му се јаготки на машко, кога машко не носи обетки. Го гледам така во лицето, па во џамаданот, па пак во лицето. На брадата има дупче и брадата му е малку подрамнета, потсечена. Ама ништо: се убаво му стои, па дури и дупчето на брадата. Кога ќе се насмее мислиш со две усти се смее. Се му е убаво, а на убавото сами очите ти бегаат. Тукутака, ќе ти направат, и нема мрдање. На убавото нема лага. И забите му се наредени ко пченица и цела уста бре, зошто да кријам цела уста му е некако ко изворче полно со белутраци. Така ми гледаа тогаш очиве. Е, носот му беше малку прчест, а сум чула дека луѓето со таков нос се малку лоши, наврапити, живци. Ама си велам: ај, не чешај се, Велико кај што не те јаде и не знам кај да му се изнагледам побрзо. А гледам се што треба има човекот: исправен е, џамаданот му крцка на плеќите, бечвите ги налеал со жили, со јачина. И што да гледам повеќе, си мислам, веќе ми е срам и ми е страв да го гледам повеќе. Сеќавам дека колената ми се нишаат. Некои трпки и покосници ми шетаат по снагава. И цела снага ми чука. Леле, ќе припаднам, си мислам. Срцето ми дошло в грло како да ме фатил зарек, како да сум почудена. Се погледавме така и јас му велам: - Е, ај доста е гледање.

- Е, како велиш ти, ми одговорува Јон, ама мене не ми е доста, вели. - Ај не играј си шукшуле, му велам јас на Јона, не играј си клиска со мене.

- Да си ги ебам мртвите ако лажам, вели Јон, очи да немам, вели.

Нешто како накриво да ме разбра.

Се враќам сега назад, ама со потскокнување, со подлетнување. Некоја радост ме поткрева над земјата и ништо нема да ми запне, да ме препне. Се е рамно, полно и недогледно. Некои жени што береа зелје се исправаат, гледаат во мене и се крстат. Сосе ракатки зелје во рацете се крстат. Се чудат жените што ми станало и затоа се крстат. Јас потскинувам и си го прераскажувам сонот што треба да ти каже кое момче ќе го земеш, за кој човек ќе се мажиш. Вистина е дека ќе видиш човек во сонот, ама во кој сон не ќе сретнеш човек. Треба само под перница да се клае чешел, огледалце и украдена пченица од жена што се враќа од црква. Е, клаваа сите, па и јас кладов.

И за големо чудење не го сонив Јона, туку некој непознат човек, непознат војник. Гледав само војски, војски, колони војски гледав, забрзани кон некаде.

Главите им се покриени со железо, со некакви шлемови што им светкаат ко тикви-видимки, ко црпки. Одат и очи не можеш да им видиш. А лицето без очи не го познаваш, не знаеш што ти мисли. Јас одам кај нив, им мавтам со рака, а тие само одат и не се обѕираат. Им го гледам само тилот. Ама, одејќи така, еден од крајот на редот се сопна и, паѓајќи, ме погледна право в очи. Ме погледна, се насмеа и со смеење се исправи. Сигурно со себе си се смееше војникот од сонот. А еве Јон не е војник, и се било мижи да те лажам, ветер во вреќа биле соништата. Кога и го кажав сонот на мајка, таа викна: - Леле, ќерко, ти ќе земеш војник, вели.

- Дај боже да е генерал, и велам јас на мајка, се пресмевам, оти имав чуено за генерали.

Си го прераскажувам така сонот, трчајќи кон село. А низ село, кокошки разбегуваат околу мене, подлетнуваат, кракаат и пердуви им се креваат наугоре и прав се крева наугоре, а јас само трчам и пак си мислам дека соништата не кажуваат ништо. Кажуваат само луѓето, си мислам. И тоа што ќе и текна ти кажуваат. Еве со Јон си дадовме збор, а Јон не е војник. Така, си мислев, ама не било така. Се женев во сенокс, околу црешни берење. Тогаш дојде грнчарот Толе од Вранештица и продаваше земјени посатки за раздавање. За мртвите на Дуовден. Ги даваше за грав, за жито, за волна, за чорапи и за објала, за штавени кожинки, за кој што има. Стои Толе над посатките и сеедно зборува:

- Стомниња, бардиња, грниња, вика, не ќе оди ова за многу и мечката од Москва ќе се опсени и за нас, стомниња, бардиња, грниња и ќе видите, вели, како што слушам јас, стомниња, грниња, ќе прави војна и за нас, вели, па уште ние останавме без држава, вели, стомниња, бардиња, грниња на сите околу нас им даде. И откако ќе ги надуе образите и откако ќе ја оддели устата од устинката на стомнето ќе клекне.

- Овие не пуштаат душа, а камоли вода!

Тогаш за ова одевме на Големача, над село. Од реката леевме тогаш. А и низ село беше чиста водата. Никој не смееше да пушти ѓубре по вода. Освен една казарница за варење ракија, покрај реката не се чуваше ништо. Ни нужник, ни кокошарник, ни кочина, ниту исцедок можеше да изведе некој. После направија и бунари и чешма направија на Пржница, ама се расипа. Се скина некаде жицата и не побараа да видат кај се скина. Не мислат сите исто. Народ!

Јас немав коњ за зет, па коњ ми даде Николе Солески. Еднаш му го направив плугот: му кладов плужица, а пари не му зедов. Тогаш, Николе Солески ми рече: „Ко ќе ти треба нешто, само кажи“ и јас ко дојде за женење, му кажав:

- Ми треба коњ, стрико Николе, му реков.

- Ене ти и коњ и седло и узда и узенгии, ми рече Николе Солески, име одведе во пондила.

Некако во тоа време се стуши воздухот, падна небото и се истури. Па ајде, сватовите, чекачите, закониците - излегувам надвор и реди крвчиња по патот, во калта. Едни крши тревичиња, други реди за да преврне. Па не би час преврна. Се исправи, се отвори небото, му помина. Не му била долга лутината. Подочисти малку, колку да не ги носиме лепешките дома.

За гостите заклавме прч. Олкав вака беше, ко козолци му беа роговите. Задоволено беше со месо. И со друго јадење. Сватовите донесоа тепсии со ориз, со грав, со компири - пупа. Со скала да се качуваш на нив. И погачи донесоа подлеани со јајца одозгора и со дупчиња на корката, зацрвенета ко жар, ко сушно лето. Извадиле луѓето се што закривале за весели и за тажни денови. Сега со право можат да се нагнетат. И ги полнат устите со месо, со ориз, со леб и губат здив, речиси се задушуваат, па мораат да џвакаат со отворени усти. И јадењето им се гледа - заџвакано-недоџвакано - се гледа како им запнува на шупливите заби. Гладен народ. Сиромаштијата никаде не се крие. Сите брзаат да заголнат душа. Некој ќе се обиде да каже нешто и малку од јадењето ќе му испадне од устата. И после ќе запре да зборува. Тогаш и другите почнуваат да џвакаат молчејќи. На крајот си ги чистат забите со голи прсти, со нокти или боцкајќи се со виљушката во непцата околу забите. И непцата им се раскрвавуваат. Некои од сватовите кршат од метлата зад врата. И за кусо време од метлата останува само коренот, само рачката. Целата е испокршена, подгризана. Се е оди-иди низ куќата.

Иди Џемо, полјакот, од Прибилци, иди во Жван и го среќава Стојана Пејкоски. А Стојан Пејкоски го разминува Џема како ништо да не среќава. И полјакот го враќа Стојана Пејкоски и му бара „многу години“.

- Бројани ми се годините, му вели Стојан Пејкоски, и дека се бројани знам дека не се многу, му вели. Ако ти дадам тебе, мене не ќе ми стасаат, па ќе треба да позајмувам, му вели. А од кого ќе позајмам јас, му вели, кој ќе ми даде мене години и со чии години ќе живеам јас, му вели.

И така: згоре-удолу, Џемо полјакот го враќа дома. Ја спружува пушката во скутот и бара зелник со кисело млеко, бара што има и што нема. Се што му сака газот. Еден селанец претрчува до војводата и му кажува: вака и вака.

- Вистина?

- Вистина!

И војводата го пречекува кај воденицине Чатлакови. Го зема на пушка и му излегува.

- Аман, вели, Џемоне земај душа, вели и го намовнува лицето, го собира ко гасеница.

- Секој гостин се испраќа, му вели војводата, па и јас сакам да те испратам.

- Не правам повеќе гости, се моли Џемо полјакот.

- Ако правиш пак гости, ќе те испратам кај господа, му вели војводата, да не речиш дека не ти кажав, му вели.

Ама од лево уво влегло, од десно уво излегло кажаното. И ете пак Џем, ама сега со џандари, со суварии да прават бозгун низ селото... Ги собира мажите и ги тепа пред жените. Тој ги тепа мажите, а жените се мачкаат со кал по лицата и со лепешки по рацете. И смрдат, корнат жените. Никој не им се доближува, никој не го напаствува.

По пет дена војводата го издемнува Џема, му фрла пипер во очите и му го пресекува гркланот.

- Јас еднаш сум се родил, вели војводата, и еднаш можам да простам, вели, а ножот уште му игра во рацете, ко сок на летен припек му игра, ко змиско око му светка седефот.

Дали го чу Џемо или не го чу, ќе го прашаме на тој век таму. Ако има тој век таму и ако има и таму среќавање, ако не се срами господ.

Многу срам имаше тогаш, ама мораш да се жениш. Што велеше Лазор Ночески: „Ако не каснеш црешна, барај јаболко или оскорушка, ако не го завтасаш и тоа, ти остануваат само шипинки и глогинки“. Толку. Брза е младоста, човече, ко вода истекува.

Се избриков на едно џамче од скршено огледало. И целото солупено беше. Само со едно око можеш да се гледаш во џамчето и само едно око можеш да си видиш. Ако си го гледаш окото не си ја гледаш брадата. А и бричот изабен, како брана по грутки ти скока по лицето. И купчиња брада ти остава нефатено. Па после сакаа со мед да ме мачкаат по образите. За да бидам благ со жената. Одвај се одбранив за да не збирам муви по мене.

И отидовме: ќе ја земеме Велика. Ама сватовите се опијанија и заборавија колку има, колку нема, што им треба и што не им треба. Пребаруваат:

- Камо чорба, викаа и ништо од чорбата, ако не цапа во неа петел.

И мајка и на Велика оди по нив. На ти ова. Не сака, На ти она, пак не сака. А тие чапји: викаат, бараат.

- За да пиеш, велат, треба нешто да те натера, вол не се врзува во празна плевна, велат, и вино не се врзува на празно чкембе, викаат... И на секое напивување, мајка и на Велика само се стресува.

- Е да простиш, свате, од ова немаме подолу, ќе вели мајка и на Велика, немаме ни повеќе, ни помалку, ќе вели.

Па после ги клаваа коњите в тепсија. Со сите четири копита в тепсија. Пијана работа.

Дуко Вендија ми беше девер. Велика и го здравува в образ. На враќање назад го заврза коњот за еден трн крај патот и, чурејќи со цигарата в уста, скршена од патот во мртвицата, за да се олесни зад меѓата. Ама Мисајле Ковачот за шега му го одврзува коњот и го поведува со себе. Излегува Дуко Вендија и гледа - нема коњ. И, ах мајче мајчино, ах живо и мртво. Не стаса под село кај топилана Швргоски. И од коњ под коњ, - го свлечка Мисајлета. Лутината му е крената високо од над очи, се накострешил и само крв гледа Дуко Вендија. Не знае кај да го удри побрзо Мисајлета Ковачот, не знае што да му скрши понапред: дали раката, дали нога, дали вратот, да му го скрши. Така на колено како сува прачка да крши. И го дави човекот, му ја кине устата, му ги каса ушите, го дупи со палците. Мисајле само кркори: испушта некои гласови, како да ждрига од жиговина и замалува човекот. Лицето не му се гледа од крв и од прашина.

Слегуваат луѓето од коли, од коњи, да ги разделуваат, да ги откинуваат, да го тргнат Дука ендија од над Мисајлета Ковачот. Ама кој како ќе му се доближи на Дука Вендија, овој - пам по муцката и ќе го кутне во ендекот. Па иди друг, со убаво да го фати:

- Немој така, бре, Вендија...

А овој - пам по муцка и ќе го ошеврати и него в ендек.

- Немој, бре Вендија, не расипувај ја свадбата, ќе му се доближи трет да го смирува, да се разбере, а Дуко Вендија и него го светнува преку муцка и црвени мазници му потекуваат од носот, од устата. Дуко Вендија само удира, да може и небото ќе го урне. Никого не го дослушува никому не му дава да се доискаже. Кај него никому петелот не му пее.

- Ах, што сум зет, си велам јас, знам инаку на кого да мавам, си велам, и гледам како се препелкаат луѓето, ошевратени митокос крај меѓата, како кијаници, коноп, излезени од под мелница.

Па после, ти велам, се искрадува Мисајле Ковачот, се истргнува некако, никој не виде во тој прплец кога отиде дома и кога се врати од дома, туку еве го со пушка в раце. Иди со пушката и ја крева нагоре, го бара со цевката Дука Вендија. Луѓето одат по него, му ја држат пушката и го молат. - Немој, бре Мисајле, не затворај две куќи, го молат луѓето, може да го погодиш, а може и да не го погодиш, а не чини ни едното ни другото, му велат луѓето.

- Цревата на рака ќе му ги навиткам, вели Мисајле зазбивано, како кокошајнца ќе го изгазам, во чкембето ќе му стапнам, вели Мисајле со модра и збувната уста.

- За добро треба да си подготвен, вели Лазор Ночески, ама и за лошо треба да си подготвен, вели, слегувајќи од воловската кола што ја носеше рубата од Велика.

Се тепаат луѓето, како што се тепавме ние после. Ќе прати писменце Комитетот: тој и тој да го снема. И ќе го снема. Ќе го земат двајца во некое долиште и ќе го заколат. После ќе дојде писменце за тој што колел: тој и тој да го стемни, да не го раздени. И не ќе го раздени. Така секој со секого се клеветевме и се виде дека од човекот немало поголем нечовек... А кога дојдоа големите војни чувме дека и војводата загинал. Се зборуваше дека намерно истрчувал кај што паѓаа гранатите од војските што влегоа да не ослободуваат. Некои рекоа дека од своја граната загинал. Кога видел какво е ослободувањето, ја испукал гранатата и истрчал за да ја стигне, за да падне на него. Други пак ќе речеа дека војводата е жив и дека некаде се крие. Не се крие од страв, туку од срам. Сите поразени се срамат.

- Ќе дојде време, велеа, кога војводата пак ќе се јави. Само да му помине срамот, велеа и ќе се врати.

Зборови човечки. И да е вистина голема лага, велеше Лазор Ночески. Е, и тоа помина. Би и помина. Ама војната не заврши на тоа. Некои во Сараево пак беше ја скашкале. А ние чекавме автономија. Сега пак ќе се повратам на свадбата. Свирач ми беше Јоше, кој би можел друг да биде. Рикна вол во темен дол. Без пари ми свиреше. Само за едно јадење. Ама убава свиреше човекот. Голем рекам држеше: ги замижал очите и се топи дури одменува со прстите, дури поттупнува со нозете. Игра напред Велика, лицето и е осветлено ко јаболко од ковчег извадено, а јас само збирам оскомиње. Оди таа, одбира во газењето, а предниците од клашеникот само и се поткреваат и копчињата и светкаат ко очиња од пилиња. Гледам јас горе, па гледам долу во нозете, во чевличиња, не сум ја прашал кој и ги купил чевлињата со жапчиња што се запетлуваат.

Таа оди напред, а јас мислам дека цела земја оди по неа. Погледот и паѓа пред врвот од чевлињата. Им прави место на чекорите, на стапалките. И чекам да се стемни, со душа чекам да се стемни, да си одат сватовите. Јас барем бев слободен од домашна страна. Само еден брат имав, а него можеш и надвор да го истераш, може и в плевна да спие, машко е. Оние што беа мнозина, се чудеа како да си легнат кај жената. Најтешко беше зимно време. Оти сите се во иста соба, покрај ист оган. Мораш да чекаш да заспијат луѓето, да почнат да грчат, да се уталожат, па дури тогаш обично не заспиваат лесно. Не се уморени, и ако заспијат сонот им е плиток: на секое лавнување на кучињата се разбудуваат, се превртуваат и поткашлуваат. Се се слуша во тие зимски ноќи. И првкањето на говедата и клоцањето на луѓето во сонот и миризбата од нивните испотени мишки и собуени објала и чорапи. Се се слуша, бре, ама се. Дури и гранката што го тресе, надвор, снегот, се слуша, А кога се слуша се, мислиш дека и се се гледа. Мачки мачеа тие луѓе со многу луѓе. Некои стануваа и го затвораа пенџерчето на вратничето од ќумбето. Стануваа, ама тие си знаат како стануваа: со алкање, да не згазиш некого во прескокањето, да не му го прекинеш сонот, дишењето. Така ќе одат со собрано срце, со запрен здив, да го затворат вратничето од ќумбето за да не пушта светлина во собата. За да не се гледа. Оти само по темница можеше да се побараш со жената. Така беше... Од глуждовите на нозете до гушарето, под гушата, женската снага беше непозната. Друга држава...

ВЕЛИКА

Е, даде господ, почнаа и децата да се раѓаат. Жената, по мажењето, станува нива. Тешка си, а нема кој да те одмени: треба готвение да се направи, да се усучи нешто, да се меси. Да се пригоди, да се стори. Ваму во куќата немаш постар човек. Едно е арно дека нема кому да му потураш, кому да му миеш нозе и да му гувееш кога ќе вечера, а трипати е полошо оти нема кој да те опсени околу тебе, да ти покаже, да те поучи. А, мажот си е маж: ти бара да му ставиш, да му постелиш, да му одиш по бесот. Не те прашува дали можеш. Тој е секогаш поуморен од тебе.

Со Ангелета многу се изнамачив. Беше во жетвата, жниевме ‘рж, време осилаво и усвитено, земјата пука. Скакулци бегаат пред српот, а ние жниеме со Јона. Нивчињата ни се присојни, посни, колку да се вели дека имаш. И житото му е планосано од некои болвајци и глотежи. Класот му е празен, ама мораш да го собереш. Барем сламата да ја извадиш. И така јас жнијам, а под мене, под скутината, ми удира златното, ко со јарешко копито. Ама јас го сетив уште на ручекот: сркаме маштеница, го квасиме лебот полесно да се џвака. И како ќе голтнам така ќе ме жегне под скутината. Си мислам: сум голтнала мрава и мешам во маштеницата. На секое ждригнување ми иде некоја кислојна во устата. Од лук, од перца.

- Да оставиме малку и за ужина, му велам на Јон за да не викам од болка. Маштеница има малку, велам.

- Дури има вода, ќе има и маштеница, вели Јон, оти млеко имаш колку што ќе ти дадат козите, вели, а маштеница, колку што ќе туриш вода, вели. И го зема стомнето од под ветките и тура во рачникот, во маштеницата. Маштеницата се танчи и помодрува ко небото. Помодрувам и јас така од бодежи, ама, си велам, ќе помине. Сигурно некоја мрава сум сркнала со маштеницата, си велам.

Стануваме да жниеме, а мене само светлинки ми излегуваат пред очите. Искри ми прскаат ко гламна да удрил некој од земја. Боли пустината: те вртат сврдли, дури в срце ти посегаат. Што да се прави сега, господе, си велам, никако не си. Нема да се чепатам пред Јона, а ваму не се трае. Мислиш ти се кинат цревата. Едно време се исправам, го клавам српот на рамо и се свртувам кон Јона. Тој пак не ме гледа, си го тера редот, фрп, фрп, прави со српот, наполни ја раката, остави ја на пологот. И пак забери го редот. Си тера, си сече. Не знам како да му викнам, како да му речам, што да му речам. Ми е срам: сонцето ќе ме изеде, виделото. Се бришам, а пот само врне од мене, утоп сум во снагата. Се исправам и гледам во плеќите од Јона. И туку наеднаш ми паѓа нешто пред очи. Ко перде, ко имела да ме фати. И седнувам на пологот до мене. Јон мој, дури тогаш ме виде.

- Што седна, вели Јон, сега станавме од седењето.

- Не знам што ми е, му велам, не можам.

- Му дојде редот, прашува Јон и иди кон мене.

- Веќе во десеттиот завлезе, му велам и пак се препотувам.

Ту бре, како не почека, вели Јон, кај најде сега, вели. Кој ќе ми направи јажици, со кого ќе ги врзувам снопјево, вели.

Јон зборува над мене, а мене ми се кине мевот, ми се отпарува.

- Подзатскри ме барем во нежниеноно, му велам на Јона, да не се козам пред светов.

И Јон ме зеде под мишка и ме легна во ‘ржта, ме намести.

- Сега оди онаму, му велам на Јона, поистај се за да не ме гледаш, да не се гледаме.

Пред него ми е срам и скутината да ја сопашам.

И Јон излезе од ‘ржта, за право, ме послуша. Јас лежам и гледам нагоре, во сонцето. Тоа ме замижува, ми е незгодно што ме гледа и стенкам, опенам, се лигавам. По нозете ми се качуваат мрави, полето ѕуни и ми одѕива во ушите.


Јас офкам, си ги прегризувам вилиците, да не чуе Јон, да не чуе никој. Ама одозгора едно за друго ми слегуваат некакви заплеткани конци, некои пајажини ми паѓаат вака право, како голема сенка и јас се барам со рацеве и се бранам со рацеве... Ја кинам сенката со ноктите и веќе почнувам да викам, не се додржува гласот.

- Види мрави да не влегле во маштеницата, викам, од мравите побрзо ќе зоврие, ќе се скисели, викам, мрави, кожата, во маштеницата, види во маштеницата, викам, а Јон ми се одѕива, не слуша, а ми се одѕива, а мене се ме боли и ме онеспособува.

- Има нешто, прашува Јон од далеку.

- Нема ништо, велам и се држам за мевот, се чепатам.

- Изгледа се спишмани, вели Јон, а гласот му заминува над мене.

Почекавме така, па после Јон го доведе магарето, ме седна в седлеје, ме товари, ко подврзана вреќа и ме однесе дома. И уште ноќ и ден се мачев така со Ангелета мој. Чинеше тргни и запри. Јас склучкај се, превиткувај се и офкај. И викај по Јона да превртува се што е мое: алишта, обушје, сиот ковчег да го преврти наопаку. Се што е врзано да разодврзе, да не тоа ми помогне, да се смилува Господ, да не ме мачи. И дури другиот ден, квечерината, се реши да се оддели од крвта моја, од трбушката. Се стемнуваше, говедата рикаа, по тоа знам дека се стемнуваше, кога го чув гласот од Ангелета. Блека, дали блека, јагнето. Со нов свет се среќава, ја бара мајката. Пуста мајка, да не се најде.

И со Здравко имав мака. Не со раѓањето. Не знам дали две години имаше: го нафатија некои мозолчиња, на слапој му се нафрлија, нешто како сипаници. Многу време замина и болката почна да му се собира горе на главата. Некои ми велат, да не даде Господ, може сараџија да стане. Жива рана да му се отвори. И Здравко си ја носи раната, како капче овдека, горе. А околу си џглиботи гној и матна вода, нечиста. Кој што ми рече - обидов, ама ништо, помош нема. Што велат: некогаш е за грош леков, може да е до тебе, ама кога не го знаеш!... Враќајќи се еден Велигден од црква, го виде детето Маса Ќулумоска и ме запира.

- Мори, оти ти е онака детено, вели, да не ти е изгорено, прашува.

- Не е изгорено, и велам јас на Маса Ќулумоска, туку некои мозолки му излегоа, и велам, дали од Еврејката или од некоја нечиста жена е видено, велам.

- Е за тоа, вели Маса Ќулумоска, лесен му е лекот за тоа, вели.

- Ами што, прашувам јас.

- Ами чисто салце, вели Маса Ќулумоска, и малку шамачна рогозина да се изгори и пепелта да се замеша со салото, ко мевлемче да се направи.

Ами, знаеш дека прво намалкување и се крена тоа пострупеното од главчето на Здравко. Ко капаче се крена, се одлепи. Ете, исто страда и Роса, ама нејзе не и здравееше од тој лек. Башка кожа, друга мрша... Море, море како гореше детето златно, целото запалено, и само да зборува нешто од недоветра. Како со мене да зборува, а пак не со мене. Занесено некаде, веќе душа да излегува. Му велам јас на човекот мој:

- Море Јоне, не верувам ова да остане, велам, не верувам утрешен да го дочека, да го раздени. Туку оди малку брашно да сомелеш, велам, да месиме нешто за закоп, велам.

Речи му чинев така на Јона и -плачи, плачи, плачи над Роса, дури да замалам. Ја гледам како кашла, заоѓа и помодрува. Море, море - зорт, море. Којзнае колку пати така до смрт дојде, ама не било за тогаш умирањето...

За Ѕвездана ми го фаќаа многу очи. Едно излегување и ќе го почудат. Туку ќе ги превитка клепките нагоре. Така му беше дарата, оти убав ми беше. Ама Маса Ќулумоска се разбираше и од баење, кушање, да му црцне млеко од туѓа жена, под корен да провира и други маривети знаеше. И многупати го носев Ѕвездана да му закуша со скрувци сол и со шепотење на темето.

Со другите деца не видов многу мака. И запчињата им никнуваа како кокичиња. Ниту нокти да гризат, ниту нешто. Само вода им се полнеше устата, ама не ги болеа, непцињата. Ни клинови, да ги боцкаат во ципите, ни мешето да ги врти од глисти, од далак или од нешто. Немаа тегоби. Сипаниците денеска ќе им излезат, што се вели, утре ќе им угаснат. А научив и јас многу маривети.

Маса Ќулумоска ми кажуваше, а ми кажуваа и други жени. Прашај една, прашај друга и така ќе се научиш. Дома немаш кого да прашаш. А немав мака ни со млекото, ни со одбивањето. Срамота е да се плачам. Маката беше што се раѓаа едно за друго и што работата ти се шири. Што се вели: едно уште ти плаче во нивата, дури кршиш ветки за да го зачекуваат до сонцето, од горештината, а друго веќе ти тежи под појасот. А мораш да работиш. Не знаеш што те чека побргу: дали нива да копаш, дали добиток да прибереш, дали опута да вразиш. Не е едно. И така го кладовме пологот во седлото, тргна коренот, се шириме, се темелиме. Ако оди само вака, си велам, низ цело село ќе го пуштиме појасот. Па после почнаа војните. Пак се склечка работата, пак почна да чкрта, да не оди. Тогаш последен пат го видов така. А немаше година откако се врати од Стамбол. Цел живот таму го помина. Мајка, кутрата, при маже- бела вдовица. Сама не креваше на нозе, таа си знае како. Татко се врати само да има уште една мака згора. Ќе се избричи, ќе ги ласне чевлите и ќе излезе да брои муви. И после го кутна болеста и мајка, ко дете, го повива, го расповива. В постела се шета човекот, под себе си работи. И кога сетил дека нема повеќе за одење, нема за понатаму, му пуштија вест и јас отидов.

Татко беше порачал терзија дома за да му се сошие нови бечви и нов џамадан со гајтани отпочени. За оној векалишта. И терзијата му зема мера од леженка со ендезето и пишува со сапунче на трабата шајаци што ја тркала. По некое време влезе и брат ми. Се врати од орање. - Што правите, вели брат ми.

- Кусури, вели мајка.

- Не сакам да одам непроменет, вели татко, не сакам кај господ со турски алишта, вели и лежи на гола рогузина. Само малку е подигнат со главата и потпрен со сламена перница под плеќи. Мајка му лепи пијавици на вратот и само се туфка.

- Леле, ќерко, вели мајка од кај му се собра околу лоша крв во снагата, вели и му го брише челото. А пијавиците откако ќе се нацицаат од крвта, ќе се подујат и ќе паднат на перницата од татка. Се собираат и капат ко црни сливи, шупливи.

- Белки , пијавиците ќе му ја намалат лошата крв, вели мајка, вели со нив ќе му поолесни. Откако му ги соши алиштата терзијата, татко вистина си умре. Првин почна да ги чепка алиштата, како да бара болви во рабовите и во веѓиците, а потоа се загледа, нагоре во гредите. Сигурно таму си го виде ангелот што дојде да му ги одврати рацете, нозете. Од сите зглобови и пршлени да го одврати, да го разоткова и да го земе. И татко така, со отворени очи ја испушти душата. Тогаш нешто скрцка на гредите и мајка рече дека тоа ангелот ја повел душата од татка. По овие зборови обете со еден глас заплакавме. Брат ми не се расплака.

ЈОН

Со комитите одев и не одев. Одиш, колиш и чекаш да те заколат. Пред жнеење слегов в село.

- Пушката е со мене, им реков, а јас сум пак со вас. Пушката никому не му родила дете, реков. И така, се разбравме.

И откако се оженив со Велика, ги засукавме ракавите. Јас, Мирче и Велика. Зедовме да раскопачуваме нивје. Треба повеќе да се сади, да се јаде. А во Дрмине сето поле беше јавнато од трње и од повит, од батачки од шамак, од евли и од врбушки. Зедовме секири, казми, дикли и му влеговме на дрезгите. Со ред: јас сечи напред, Мирче раскопачувај по мене, а Велика влечкај. Ги влечка копачките, корењата, камењата. Прави грмада крај реката. И така доста време работевме на новите нивчиња. Не е само да се ископачи земјата, туку и да се исуши водоврикот. Да послез е водата подолу, да се исцеди во ендеците, да се оспособи за сеење. Во дрезгите го најдовме и песот што збесна ланската есен и што растрчуваше низ полето со бела пена, ко сапуница на муцката. Коските веќе му беа побелени од снегот и од дождот.

Превртената земја мириса на некаков брлог од бозје и скапани лисја и миризбата те потсетува на одамна неотворен клед со скиселено комиње. Така полето, во Дрмине, си отвора нова врата кон небото и сонцето којзнае по колку години, а може и векови одново згазува на земјата. На голата земја, покриена само со сенки, со темница и со влага. И тоа не прави неизмерно радосни. Мислиш од тебе изгрева сонцето и скока од радост дека влегло во нивите наши. И не сака да зајде сонцето, не може да се наигра и да се нагрее во трапјето, во браздите. Ќе седнеме да прекаснеме чорба од киселица, а цело време гледаме во сработеното.

Толку ти е мило во душата што при секое посегање да сркнеш од чорбата, лажицата ти бега надвор од ваганот. На несакање ти бега. Радоста те пијани, како да си јал болвајчав леб што првин те успива, а потоа те тера на повраќање.

-Оваа работа, ќе бара нова работа, вели Мирче.

-Ќе бара, велам јас, ќе бара да се клепа ралникот, ќе бара орање, сеење и влачење...“ -Ќе бара и плевење, вели Велика, и ќе бара жниење и веење на житото.

-И пак гноење на нивите и пак орање, вели Мирче, една работа завршуваш и само што си се обѕирнал – гледаш веќе друга работа те чека...

-На човек му е убаво кога не го пушта работата, велам јас, кога не му дава да мисли на лошо. Навечер го товараме магарето со пењушки и си одиме.

-Со пенушки најдобро се вари грав и леќа, вели Велика, оти пењушката не гори, туку само го држи огнот. Ќе ја прилепиш до грнето, вели, и тоа цел ден ќе врие, ќе поткашлува како стар човек, поднастинат, вели.

Си одиме и кој како ќе не види ќе праша.

-Аирлија, Јоне, што правите во Дрмине, што ќе правите? -Правиме поле, велам јас, правиме ниви, новишта.

-Е, арно, велат луѓето, помогни си првин сам за да ти помогне и господ“, вели Лазор Ночески. Да, после почнаа сите да раскопачуваат нови ниви. Кога се зафати сета земја во Дрмине и во Батацине, почнаа да се префрлаат кон Задмартинец, Росуље, Лутешки Дол и на други места. Секаде кај што беше посложно и кај што можеше да појде вода. А некои и кај што не можеше. Расчистуваат луѓето, клаваат межници и крстици на средината од нивчињата. Цело село си отвора нова работа, си ја проширува старата. Се отвораат нови ниви и ливади.

На ливадите, по косидбата се бореа селските бикови. Мукаа и ја корнеа земјата со роговите и со копитата. Цели бозје креваа биковите на рогови. И потоа се затрчуваа и се удираа со челата, како да кршат камења. Насобраните луѓе само подзинуваа со устите, подзамижуваа со очите. И подрипнуваа заедно со биковите. На победникот ќе му навреа венец од шамак на роговите. Зелен гушник ќе му обесеа. Ама бикот ќе ја занишаше главата и ќе го истресеше венецот од роговите. Волот си е вол. Да разбираше повеќе не ќе влегуваше во јарем.

Откако ќе го испразневме полето, кога е го суправевме по амбарите, по кошовите, по ќеварите, одевме в орман. Делкавме главини, лактишта, спици, ражништа, растоки, јареми. И сите работи што им требаат на коларите. А правевме и ќумур за ковачите во Прилеп и во Битола. Од Битола купивме и овошни дрвца.

Веќе се растураше пазарот, му плативме на анџијата за сеното, а слушаме вика човек. Ќе си одиме, не си одиме, ама нешто како да не натера да појдеме кај човекот. Којзнае од кај беше дојден: дали од Солун или од подалеку. Само вика: јаболкници, круши сливи, црници, вика и ги преќача присадите, ги одврзува снопчињата. И јас од сите сорти купив по некоја. Најмногу купив сливи, оти имаше разни: и градски сливи и магарешки сливи и црни сливи – гунгулки и петровки сливи. Ако, си мислам, нека се најдат. Од сливите, сум слушал, многу ракија излегува. И ги посадивме на јуријата, под куќа. Сета јурија ја исполнивме дури до реката. Крај реката посадивме и неколку ореви за да го бранат овоштарникот од стекување, од подлокување. И за голема среќа сите дрвца се фатија.

-Како раката од господ да ги садела, рече Велика, сигурно сте родени пролеќе. Само на човек роден во пролет, вели Велика дрвцата му се фаќаат како пиреј. Ниедно не го проскокнува. Мирче и тогаш рече:

-И оваа работа, ќе бара нова работа...

-Е, ќе бара, му велам јас, не чини ако не бара, му велам...

-Ќе бара да се прашуваат дали ќе родат, вели Велика, дали ќе родат или да се пресечат. И да им се врзува јажица, вели, да се калемат, и да се требат од вошки и од седала со јајца на гасеници...

-И да се преват бочви и качиња, велам јас, да се киснат и да им се стегаат обрачите...

Така наврзувавме штогоде, на нероден Петко му сучиме повој, си правиме Богородица.

По мала Богородица дојде еден сапотничанец и побара да биде примен во четата.

-А што те натера, го праша војводата, дали имаш некој убиено, или сакаш некого да убиеш?

-Немам ништо убиено, рече сапотничанецот, мене сакаат да ме убијат.

-Кој, праша војводата.

-Браќата на Доста, вели дека сакав да ја грабам.


Доста ни е од такви Дости, вели војводата, зар и разбојници да прибираме, вели, и наредува да го врзиме, да го мочаме. И ние сите му се изредивме. Како да гаснеме запалена вреќа со ќумур. После го одврзавме човекот и го нападивме. По години, се разбира дека избегал во Америка. В село не му држело да се врати и избегал преку море. Мирче ми пиша дека го видел таму. Му се прикажал и се познале.

Мирче отиде подоцна, по женењето. А многу пропати тогаш Мирче со жената. Дали нешто нагази или нешто го начара, дали некој му наврза нешто, којзнае што му стана за да не може да си легне со невестата.

Го гледам така, секој ден увилен, само молчи и само се сука. Стои задуман и ништо не му се работи. Работи, ама како некој да му ги држи рацете. Ќе земе да делка, а секирата му стои чипаво. И наместо тој неа, таа него го занесува. Го шета наваму-натаму, ко опијанет да е човекот. Мајката, си мислам, што му стана, голема фатка имаше во работата.

- Ти Мирче, нешто си непара арен, му велам еднаш. Нешто си невеселен или нешто те мачи, му велам.

- Ме мачи несоницата, вели Мирче и ме мачи... не е за кажување, вели.

- Ако кажеш море, не ќе те мачи, му велам.

- Срам-несрам, брате Јоне, ми вели Мирче, јас изгледа не сум бил за жена. Изгледа некое виножито ме има пресечено, вели.

- Зошто, бре Мирче, му велам, што ми зборуваш така ко занесен, го прашувам.

- Ја немам Уља за жена, ми вели Мирче, како до мртов човек да легнувам, вели и ја врти главата настрана. Му е срам да ме гледа, да го гледам. Ќе си го пресечам со тесла, вели, со брадва ќе си го пресечам, вели, не ми треба само за мочање.

- Како, бре Уља е убава жена, му велам, да не си од нешто уплашен, го прашувам.

- Не знам што ми е, вели Мирче, ќе излезам надвор и ќе ми се кренат панталоните. Ќе влезам в соба и ништо немам в панталони. Сиот се оладувам, вели, и рацеве ми се испотено железо. Веќе ми е срам и од мене и од жената, вели.

- Ами, пат?

- Не знам кој пат да го заберам, вели Мирче. Чинам, мачи се, мачи се, така, а мачи ја и Уља. Па ќе излезам надвор, вели, и ќе седнам на некој камен. И ќе седам, така, ќе се думам... Ќе ми зоврие крвта, вели, а ми е страв да влезам низ врата. Само што ќе ја отворам вратата, вели, пак се гума и се губи се во мене. А Уља еднакво си седи во постелата, ме чека, вели, и само плаче. Си збира жабурки, жабокречина жената, си клава на срце. Како понижена и непотребна, вели. Плаче, така во себеси, речиси липа, вели, и тоа липање го слушам како мјаукање на мачка, качена на снежен покрив. Не знам што да и речам, вели, ништо не ми текнува. А и таа ништо не одменува, вели. Само го крие лицето и липа. Сигурно си мисли дека е грда и дека таа е крива за се. А може и да е крива, вели, оти надвор од постелата и надвор од собата јас сум здрав маж. Ќе зачекорам и јуничка и јаричка, вели, и коза и магарица, вели. Ама ете, во собата, ме фаќа некој страв и срам, вели, и сета крв ми запира. Кон никаде не оди. И лежам крај неа, вели, целиот глибав, омрлушен и смекнат. Ко перница со плева, вели, ко раскиснат снег. Дури и коските ги сеќавам дека ми се празни и меки, вели. И во тој срам, вели, го слушам само клоцањето и првкањето на добиците, вели, само претањето на кокошките и чукањето на моето срце. Не ми се прима ни миризбата на нејзината женска пот, вели, на нејзината кожа, на нејзината плот. Многупати си мислам, вели, да не влегувам нешто со лева нога. Да не е крив прагот или вратата, вели. Па не ми иде да ја откорнам решетката од пенџерето и низ пенџере да влезам, вели, да го сменам влезот. Ми иди и низ баџа или од некое дупче на ѕидот да влезам, вели, како црвец како црвотечина, вели Мирче.

- Не знам што да направам за да ти помогнам, му велам јас на Мирчета, да појдеме кај Маса Ќулумоска, му велам, може таа знае некој маривет. Нека ти закуша, го наговорувам...

Во гумното влегува Давиде Недолетниот и уште од далеку почнува да зборува:

- Еда, вели Давиде Недолетниот, за малку денеска ќе бев мечкин измет. Еда, го зедов магарето, вели, и фатив кон Петрово речиште, ба му ја, да пособерам малку трески за греење. Еда, одам така и збирам, а едно мечиште, еда, ба му ти е мртви, беше нагазило еден мравјалник, еда, се расчекорило мечиштето над мравјалникот и лижи, дали лижи. Со јазикот, жената, ко со лопата ги црпи мравите. И кога ме сети, еда се сврте, ги ококори очиштата и сега нема каде: јас гледам во неа, еда, таа гледа во мене. Еда, едно време, се исправи, жената и кога ја видов правугоре крената и мене косата ми се крена. Ќе ми ја турне капата, ба му ја. Еда, дувот ми излезе.

Што да се прави, мајче нејзино, е да, оваа ќе ме окрка, си велам. Ојдов кај попот в џеб, си бав мајката. Море, бегај Давиде, ако сакаш жив да престанеш! И, еда, еба си го Давиде, дали бега! Кога сум ги ја драпнал, ба му ја, олкавилески сум прескокнал! Дури в село, еда, се обѕрнав, да не иди уште по мене. Еда, дури во гумното од Мисајлета Ковачон ми текна да се свртам назад. Еда да не иди уште по мене, да ме бара. Кога видов дека нема ништо, еда, седнав на земја, ба му ја, збирам душа, а Мисајлејец ме прашува:

- Што си се отстрелушил така, бре Давиде, ми вели, еда, што си пожолтел ко смил во лицето? - Еда, клај крст на чело оти останав, и велам, со едно мечиште, вака, колку со тебе најблиску се сретнавме, ба му газникот, велам. Уште рака што не фативме, велам, уште што не се поздравивме, ба, му ја!

- Ами брзо оди кај Маса Ќулумоска, ми вели Мисајлејца, оди да те крдиса, оти таа од сите работи чепкат.

И еда, одам јас кај Маса Ќулумоска, и кажувам што ми се стори и таа ги зеде плочите, еда, ги запрета во огништето, се усвитија.

И после ги крена плочите и зина жената, еда, небаре, пештера во устата. И така зината остана, со машата в раце. Море, си реков, зар си ба мајката, се дамлоса над мене. Еда, што да се прави сега, обајцата загинавме. Ама даде господ, еда ја заклопи муцката.

Еда, што ти стана толку што зина, и велам, и што остана толку зината!

- Е, Давиде, ми вели Маса Ќулумоска, многу си бил уплашен. Олку уплашен човек досега нема дојдено кај мене, ми вели. Ќе видиш сега, ко ќе пропаднат плочиве, ми вели. И, еда клавање плочите во ваганката со вода, море вриење, клокотење, да му бам мајката, дури и ваганката се покрева и вода префрла преку венче.

- Гледаш вели ова стравот твој беа преку ваганката.

- Море, стопанче, стопанкино, си велам, и еда, после чинеше клај жарје во вода и, е да жарјето пропадни, никако да завртат над водата, да летнат.

- Еда, сега земи ја водата, ми вели Маса Ќуламоска и на три места на ваганката ќе направиш крст, ми вели и еда, од сите три места ќе се напиеш, ми вели.

- Еда, како да се напијам, велам јас, гледај сето е жарје и пепел, да му бам мајката, еда, јас немам цедилка на устава.

- Еда, од ништо не плаши се, ми вели Маса Ќулумоска, сето тоа е здравје, ми вели.

И еда, зедов јас да пијам. Пијам и ги стегам забиве, как некое бутурисано коњиште. Еда, се напив и отаде и одаде. На три места.

- Еда, сега наведи се, ми вели Маса Ќулумоска, да ти турам малку и во вратот. За да бега лошото по вода, еда, за посигурно, ми вели. Еда, се наведив и Маса Ќулумоска ми тури вода и, еда, ко се исправив, ба му ја сето водиште ко по падинка, ми слезе в петици. Еда, од вратот, по браздичето, па прудолу, преку газ, право од вратот, по браздичето, па прудолу, преку газ, правов петици. Еда, ме замрзна, за да му ја запоебам. Еда откако ме крдиса спав, рает, еда, не пристанував ноќта, не ме повтори уплавот. Еда ми помина, вели Давиде Недолетниот и си заминува.

Мирче леда по него, и ја подгризува устата, го собира носот, ги стеснува очите.

- Му веруваш на овој шут уплашен, ми вели Мирче, и веруваш дека и јас сум ко него?

- Не му верувам, нему, велам, ама верувам во Маса Ќулумоска. Кога може будали да лекува, многу полесно и е за умни, велам. Го куражам, го лажам.

И го прелагав: вечерта отидовме кај Маса Ќулумоска.

- Добровечер, велиме.

- Добровечер, вели, која мака ве донесе?

И ние одоколу вртиме. Кажуваме, ама се плеткаме. Тревлиме. Не знаеме како да кажеме. Е, вака, така, некако не разбра жената.

- Може да ви е нарачана киската, вели Маса Ќулумоска, дали клале леб на киската, како го скршиле лебот, вели, и дали фрлиле пушка? Дали се еднакво или нееднакво дарувани, вели, малиот девер и стариот девер, нункото и старосватот. Дали сватиците го водеа зетот меѓу себе, вели, дали месачките имале чисти нокти. Дали ги завртеле зетот и невестата спроти сонце, вели, и дали околу нив поминало сито со леб и со волна, со вино и со шеќер. И дали допреле се што имало во ситото, вели, да не ве пресретнал некој со празни шејови, вели. Дали му го занишавте самарот на коњот откако ја слеговте невестата, вели, и дали го натуривте со вино самарот. Со која нога ги внесе малиот девер во собата, вели, со левата или со десната. Да не ви се измочал пес на прагот или мачката во обушјето.

(Дел 16)