Писмо од П. Р. Славејков - Февруари 1874

Писмо од П. Р. Славејков,

До Бугарскиот Егзарх,

Ваше Блаженство,

Со вашите молитви безбедно пристигнав во Солун на 14-ти вечерта тековниот месец, во 11 часот во четврток [1] и успеав до сега да се сретнам со сите тукашни и надворешни, од кои можев да го дознаам она што ми беше потребно за мојата мисија.

За да проучиме подобро која и да е работа, па и оваа сега овде, како и која било друга, пред се’ треба да ги проучиме настаните што довеле до таа работа, и затоа јас, сакајќи да ве ставам во состојба на одлично познавање на работите што се одигруваат денес тука, ќе ви ја изложам на кратко историјата на се’ што се случувало од пред извесно време и како последица на кое денеска се појавија овие бранувања и движења.

Се гледа дека уште пред решавањето на прашањето[2], уште со првото пробудување на населението од тукашните земји, поради неразумните проповеди на ограничените и кусогледи тукашни патриоти, се изродило некакво неразположение на тукашните бугари спрема бугарите од Дунавскиот и Одринскиот[3] вилает и некаква завист спрема нивното порано пробудување и очигледното преовладување на нивниот јазик во книжевноста.

Едностраното, на прв поглед, решение на прашањето во полза само на придунавските и тракиските бугари го поттикнало уште повеќе тоа неразположение, а кога не се земаат предвид околностите кои доведоа до тоа не во целост задоволително решение на прашањето, спомнатото нерасположение лесно се претворило во недоверба спрема дејците на прашањето и изродило во тукашните патриоти погубна мисла да дејствуваат сами по себе за воздигнување/воведување во употреба [4] на нивното месно наречје и уште повеќе, за воведување на своја сопствена македонска хиерархија[5], мисла коja e за несреќа поттикната, како што можев да разберам, од излишната ревност на еден од нашите владици[6], кој сакајќи да искористи, неусетно, а можеби и намерно, ги поттикнал уште повеќе, и допуштил, заедно со народното самоосознавање, да се протуркаат и распространат овие погубни идеи по тие краишта. Десеттиот член на ферманот е тој што до сега го сопирал донекаде избувнувањето на јавниот раскол и го притајувал секое бранување.

Бавното и тешко напредување кон спроведувањето на десеттиот член од ферманот, а во последно време и јавните тешкотии тој да се спроведе, а додајте на тоа и неблагопријатните гласини за спогодбата[7], кои тука особено биле пораспространети и веројатно представени како што им чинело на некои православци, кои уште од времето си работеле божем да ги приготват духовите кон спогодбата, им оставиле простор на некои други немирни духови да започнат и да изведат на свет друг вид скандали. Се гледа дека во еден мал и таен круг во Цариград најпнапред се зачнал тој сега отворен и разсмрден зачеток, и движечката сила му е меѓу тие малку лица кои се обидуваа да го возпроизведат дедо Харитон[8] во архиереј. Сакајќи да видат свој кандидат за владика со посредство на Егзархијата, приврзаниците на дедо Харитон, со негово знаење и согласнот ли, или не, тоа веќе не можам да го потврдам, почнале да се договараат со незадоволните од тие краишта, за да превземат други дејствија и да побараат негово ракополагање преку присоединување кон католичката црква; тоа се работело во Цариград и тука, но многу тајно пред да се испрати г. Нил за тука.

Испраќањето на г. Нил во тие краишта го прекинало тоа тајно и подземно дејствување на гореспомнатите партизани, но неговите непромислени изјави и нетактични постапки се тие што сосема ја поколебале довербата на населениот спрема Егзархијата, и го оладиле од неа. И во почетокот, кога уште дејствувал во името на Егзархијата, тој непромислено доста го поткопал нејзиното влијание, кога уште повеќе ги засилил гласините распространувани од Харитоновите приврзаници за спогодувањето, и, сакајќи да им стане омилен и пријатен на тукашните, ја претставувал Егзархијата како рамнодушна и неделотворна за избавувањето на македонското население од гнетот на погрчувањето; а потоа тој веќе направил уште повеќе за отуѓувањето од неа, дури почнал да ги уверува дека македонските бугари се продадени од егзархот и от другите ракоположени владици, за да можат тие да си ги заздрават своите епархии, а се разбира, на таквите вести лесно е да им се верува од недоверчиво расположените.

Тешко е да се открие и точно да се дознае дали г. Нил, пред да тргне, имал договор со некои од тамошните наши и дали имал некои особени инструкции во однос на тоа движење и на тоа што го стори; но тука не е тајна дека неговата непослушност спрема заповедта на Егзархијата да се врати назад станала по инструкциите на некои наши тамошни владици[9] и жално е што и сега уште се чувствуваат такви некакви односи и јавно се зборува за спогодбата на дедо Харитон со г. Нил, уште велат се дејствувало и за неговото божемно ракополагање за Серско и Мелничко, како и на г. Нил за Солунско, Кукуш-Струмица и Воден.

Ете такви биле и такви се работите, општо гледано, до денеска. Поединечното одвивање на работите на тукашните по ова прашање, денес за денес, е такво.

Што се однесува до Солун, може да се каже дека нема унија, или дека е поставена на стаклени нозе, за во случај на потреба, и може уште да се каже дека и ако се појави такво нешто преку вовлекување на другите при враќањето на г. Нил, може да се задуши, ако се постапи умно, зашто работите се во рацете на луѓе врз кои можеме успешно да дејствуваме, макар што денеска сите се настроени во тој дух, дури и браќата Паунчеви[10], кои однапред биле нешто како против движењето, а денеска се сметаат за едни од прозелитите. Само г. Буботинов[11] е божем православен, но можам да ве уверам дека не од друго, туку од интерес, зашто е исклучен и неомилен од другите дејци, како и од наведената општина. Од друга страна неговите дејствувања, или подобро речено интриги за поддршка божем на православието, бидејќи очигледно се од личен интерес, не прават ништо друго освен што го засилуваат движењето, и бидејќи се со нечиста совест, ги парализираат уште и искрените постапки на она православно агентство, кое немајќи преку кого да дејствува, дејствува преку него. Г. Буботинов, сакајќи да ја покаже неопходноста тој да биде замешан и да се каже дека тој може, и божем прави нешто, си дозволува многу непристојности, ненавремености и дрскоси, кои, како што забележав, повеќе наштетуваат и бунат, како што верувам и дека ја збунува и самата Егзархија во писмата од овде, на кои значи треба да им се придаде сосема малку внимание, или никакво внимание да не им се дава, според моето мислење. Состојбата на работите во Солун во однос на унијата не е опасно; но Солун се’ уште не е бугарски град и не стои на чело на движењето, ниту пак има влијание врз другите места и градови, за да го поттикне или да го закочи движењето.


На чело на движењето стои Кукуш, подпомаган денеска доста силно и од до сега заспаниот Дојран, а во него јавно учествуваат Струмица со Малешево и Воден. Веднаш за нив куцаат Солунските села, Серските, Мелник и Драмските. Сега за сега, ако некој погледне, ќе му се стори дека не гледа најаве ништо освен чад; но тој чад го покажува присуството на огнот, кој се потфаќа, зашто сите со трескавична нетрпеливост го очекуваат враќањето на монсињор Нил, и нема сомнение дека огнот ќе избувне.


Писмата од страна на монсињор Нил се полни со надеж и се разнесуваат насекаде преку агентите на унијата, кои се поврзани со околните места. Во првото писмо по пристигнувањето во Цариград тој им ветил дека по 15 дена ќе се врати со бератот. Во второто писмо им рекол дека штом тргне новиот Солунски грчки владика Јоаким за Солун, со истиот брод ќе тргне и ќе дојде и тој. Последното им писмо кое пристигна со денешната пошта е уште поохрабрувачко. Се’ било готово, велат, изработено и писмата напишани и останувало само да се потпишат, а тука, пишуват тие, да им испратат пари за враќање и затоа Димитар Малешевски оваа утро заминал за Кукуш да собере пари да им испратат. Коњоводците на движењето се весели.


Ваше Блаженство!


По се’ што видов и дознав, без да обрнувам внимание на празни гласини, искрено можам да ви кажам дека ако монсињор Нил се врати со ферман тука да остане каде било во овие краишта, не само што Полјанската епархија ќе го прифати, но ќе му се присоединат со Струмската и Воденската и многу од селата на Солунската, Драмската, Серската и други, но покрај нив ќе се разнишаат и сите други македонски епархии. Треба да имате предвид дека најнапред ќе се растури Велешката, од која и сега одвоени лица имаат не мало учество во тоа движење. Таа епархија, од една страна незадоволна од нивниот владика, од друга велешани, подбуцнати од својственото им властољубие и желба да владеат над Јужна Македонија во одност на црквните прашања, го подпомагаат тоа движење, кое јавно отпосле ќе има сосема други последици од тие што ги посакуваат, но работата е дека сега и тие фрлаат масло врз огнот. Желбите им да си ги зголемат епархиите преку унијата се јавна химера; но благомечтателните велешани, како добри шпекуланти, како што изгеда, не го испуштаат тоа шпекулативно претпријатие, и божем за него работат, го шират меѓу угнетеното население уште повеќе погубното предубедување дека спасението му е преку унијата.

Друго што уште помага за распространувањето на унијатската зараза е обновениот прогон од страна на грчките владици. Јасно се гледа дека тукашните грчки владици, наместо да превземат некакви мерки за ограничување на злото или за задрушување на незадоволството, со една рамнодушност соработуваат за да искористат од тоа движење во обратен однос, во истиот дух како што сакаа да искористат и од шизмата. Од нивните зборови и дела јасно се разбира дека тие дејствуваат така што да го дотуркаат до очај што повеќе бугарското население и да го поттикнат што поскоро да го презвеме тој чекор, за да излезат на чистина во врска со нивната состојба. Бидејќи немаат грчко население на кое да се потпрат по одделувањето на бугарите и бидејќи повеќе се плашат од нивното присоединување кон Егзархијата, зашто гледаат дека така ќе останат сосема без стадо, дали се лажат или право мислат, дека со пристапувањето на бугарите кон унијата ќе спечалат повеќе, зашто се надеваат дека повеќето од населението, воздржано да не ја промени верата, нема да се фрли во прегратките на унијата и тие, од една страна ќе имаат приврзаници и следбеници, и од друга, сите немирни духови, попретприемчиви мажи и патриоти да речеме ќе се закачат со унијатите и зафатени со расправиите при устројувањето на новото им општество, нема толку да ги збунуваат оние што ќе им останат верни; и трето и најглавно е што мислат дека така ќе се парализира влијанието на Егзархијата врз населението, на кое и се надеваат најмногу, зашто од тоа најмногу и се плашат. Од тие причини тие дејствуваат така што да ја забрзаат разврската на таа комидија и затоа, до колку што биле понапред рамнодушни и покорни, а при неговото Превосходство Мидхад[12] паша по предпазливи во дејствувањето, денеска започнале уште повеќе да го потискаат населението, при што го користат влијанието на својот агент К. Логади при месното началство.

Таква е, општо гледано, колку што можев да разберам, политиката на грчките владици во вилаетите на разбрануваните епархии, како што можам да проценам од тоа што го слушам од бугарите, од една страна, и од тоа што можев да го забележам од разговорот што го имав при една случајна средба со намесникот на тукашниот митрополит, Кожанскиот владика и со Сисанискиот кој исто така е тука.

Слично размислуваат, како што ми се чини, донекаде и прврзаниците на спогодбата, кои се лажат дека унијата нема да земе големи размери и само малцина ќе се одделат со унијата, а другите ќе останат со грците и го сметаат дека тоа е согласно со нивниот план да го парализираат влијанието на Егзархијата по тие места, за да се разочараат и тие да бидат принудени да се прифати спогодбата така како што тие си ја меркаат. Но вистина е дека тие така само му наштетуваат на православието, зашто нема никакво сомнение дека ако тука има уште некаква надеж да се сочува православието, таа надеже е во присоединувањето кон Егзархијата, ако се осуети таа надеж, нека знаат сите оние кои дејствуваат во тој дух, дека присоединувањето на македонските бугари кон римската црква е свршена работа и нема да биде само делумно, туку целокупно, како обид да ја воскреснат Охридската архиепископија, со кое ги мамат и денеска охриѓани, и како што сакаат да речат дека и тие, како и скопјани биле божем согласни на тоа и ќе траат до воскресение со надеж на Егзархијата и ако не се даде некоја сокојунтија на 10-от член – збогум Македонијо!


Тукашните монсињори работат неуморно и велат дека ако г. Нил по некоја случајност не се врати побрзо во Солун, за Велигден ќе го прогласта монсињор Рафаил[13] и планираат како во случај на непредвидени околности и тие самите (католичките попови тука) да излезат надвор. Полјанците и малешевците веќе искажале желба да ги примат уште веднаш, но Кукушани се решени да чекаат до Велигден, за да не им ги попречи нивното присуство на општото движење.

Тукашниот грчки силогос[14] распратил насекаде учители и попови да проповедаат подчинување на новиот Солунски владика, но во Солунските села тоа имало спротивен ефект. Тукашните прозелите се фалат дека имаат фатено писма од патријархот и од Логади до Полјанскиот владика во кои се говори дека: што се однесува до Македонија, со власта е веќе решено таа да остане под нив; само да гледаат да го растурат влијанието на Егзархијата. Писмото од Логади го видов и јас. Започнатото во Воде бугарско училиште одново е затворено. Во Дојран се затворени 8 души, меѓу кои и сонот на г. Михајловски. Во Кукуш од селото Богданци се затворени 32 души. Во Струмица настанал некаков истилим од страна на власта, без да се вмешаат ни грци, ни бугари, само чиновник од месната власт одел по селата да ги прашува со кого сакат да бидат селаните и резултатите, велат, се откај Бугарите.

Молете се за мене,

Сум на Ваше Блаженство,

П. Р. Славејков

ЦДИА, ф. 989, оп. 2, а.е. 290, л. 3—4. Оригинал. Рaкопис.

  1. Писмото е без место и без датум. Од текстот се гледа дека е пишувано во Солун скоро по 14 јануари, не не покасно од 31 јануари 1874 г.
  2. Се мисли на решавањето на црковното прашање со создавањето на Егзархијата во 1870 г.
  3. Во писмото на Славејков стои: Охридскиот вилает. Тоа е очигледна грешка, и од тексто се гледа дека станува збор за Одринскиот вилает. Охрид во тоа време бил центар на каза, а не на вилает.
  4. Во писмото стои: провъзвеждание
  5. Во писмото стои: собствена македонска иерархия-българска. Од ракописот се гледа дека последниот збор е накнадно допишан, и ја прави реченицата неразбирлива
  6. Веројатно станува збор за Охридскиот митрополит Натанаил Кучевишки, избран во 1872 г.
  7. Кога се појавила Егзархијата била анатемисана од Патријаршијата и прогласена за неканонска. Во текот на 1872 година се расчуле гласини дека се подготвува спогодба со која Егзархијата ќе и’ ги препушти македонските митрополии на Патријаршијата во замена за признавање на автокефалноста.
  8. Свештеникот Харитон Ангелов Карпузов од село Либјахово, дедо на Борис Сарафов, бил енергичен и многу искусен човек, еден од водачите на населениоето од источна Македонија во црковната борба. Како претседател на Неврокопската општина (1871-1878) Харитон бил предложен од населението за Неврокопски митрополит, но бугарската Егзархија не го одобрила.
  9. Можеби охридскиот митрополит Натанаил и скопскиот митрополит Доротеј, кои ги подржувале врските со унијатите.
  10. Браќата Димитар и Никола Паунчеви, солунски првенци, членови на црковната општина во Солун, а Никола бил и претседател на општината. Натанаил Охридски и Доротеј Скопски отседнале на 28 март 1874 г. в нивниот дом во Солун на патот за нивните епархии.
  11. Михаил К. Буботинов (1839—1912), Бугарин oд Софиja, претставник на Егзархијата во Солун, бил поврзан со рускиот конзул во Солун, и нескриен противник на Македонското Национално Движење.
  12. Мидхад Паша бил назначен за валија на Солун на 3 ноември 1873, но останал во Солун само до 11 февруари 1874. Во тој краток период со неколку потези јасно ставил до знаење дека тој се залага за еднаквост меѓу националностите што живеат во вилаетот, и дури го подржувал обновувањето на Охридската Архиепископија како Македонска црква. П. П. Карапетров, Бугарин по народност, запишал неколку навистина интересни сведоштва во врска со ова прашање: „Митхад Паша се обиде да убеди неколку поистакнати македонски Бугари дека тие не се Бугари туку Македонци; дека тие се луѓе различни по националност од Бугарите, како што тоа може да се докаже преку нивниот јазик (дијалект), кој е различен од бугарскиот, и дека ќе биде добро ако тие се одвојат од дунавските и одринските Бугари (Мезија и Тракија) и така си основаат независна црква преку возобновувањето на Охридската Архиепископија, и слични други работи... (П. П. Карапетров, Сбирка от статии, Средец 1898, 91)
  13. Рафаил Добрев Попов бил Бугарин, унијатски епископ од 1864 и водач на унијатите со средиште во Одрин.
  14. Силогоси — грчки мисионери / учители


Надворешна врска

уреди