Подвижни гробови - Божин Павловски
Можеби ова ќе биде и приказна за Енвер Петровци, нашиот единствен муслиман кој во 1912 година се обиде да формира војска за да го спречи делењето на Македонија. Неговата слава отиде во заборав речиси истото лето, откако гробот му го селеа на три места, потоа му се загуби трагата, а конакот, во кој се роди и живееше, беше проголтан од страшен пожар. И кога споменот за него избледе во родниот крај, по некои чудни патишта на судбината, од Мала Азија надојдоа легенди и преданија за Енвер Петровци.
Меѓу стотиците илјади бегалци во Бурса, Ефес и Кушадаси, кои не можеа да ја заборават родната Македонија, кои особено продолжија да навраќаат во Преспа, се множеа преданија за детскиот лик на офицерот кого рано го пензионирале, за неговите соколови очи и црни, негувани мустаќи, како и за силната лева рака со која можел камен да здроби. За чесноста, за бестрашноста на тој наш торбеш, кој ја ризикувал својата кариера за да ја спаси татковината, беа испеани и неколку песни што одекнуваа дури и во долиштата на шумната река Радика. Се велеше дека тој еднакво им припаѓал на двете живи религии, христијанската и муслиманската, па затоа и настрадал од пушката на фанатик. Само најупатените знаеја дека убиец беше неговиот полубрат Зија Нерези од Скопје, со кого не се ни познаваше, а мотивот за тоа злосторство сепак немаше политичка туку социјална заднина.
Во легендите, покрај мудроста на жена му Нура, ќерка на цариградски слаткар и поет од селото Жировница, се фалеа и вештините на неговиот бел коњ што умеел да го заштитува својот господар. И за неговите два сина, одамна мртвиот Нусред и се уште живиот Тасим, се велеше дека биле листови од иста гора. На архиварот Коста Догу пак му се случуваше, не толку често, да рече дека фамилијата Петровци има проблеми со нервите од денот кога го напуштила христијанството за да го прими исламот.
Некои учени мудериси вратени од Египет, што проповедаа во битолските џамии, правеа споредби меѓу судбината на Македонија и мизерниот крај на Енвер-беј Петровци. Бил изеден од волците, како некоја загубена овца, велеа низ симболи и мошне вешто ги предупредуваа верниците на исламот, кои во Битола се проретчија, да не седат на два стола.
Последните триесет дена од неговиот живот треба да бидат запишани во книга, ме убедуваше, меѓу другите, и мојот школски другар Нијази Лимани, потстанар во куќата на Петровци, кој подоцна ќе направи кариера на познат етнолог како доктор Лиманоски.
Таа ужасно лоша зима 1960 година, кога се решив да ја запишам приказната за овој знаен и незнаен јунак од Преспа, спроти мојот осумнаесетти роденден, во градот Битола падна голем снег, замрзна и реката Драгор, па во оскудица на храна и огрев, многумина како мене се грееја со преданија и легенди за далечните времиња. Божем ќе ти олесни на душата кога ќе поверуваш дека минатото било многу поцрно од сегашниот живот. Дека и во најцрното време ќе се појави некој јунак што ќе им вдахне надеж на безнадежните и среќа на несреќните, што ќе го положи својот живот на олтарот на татковината, како што постапи Енвер Петровци од Преспа.
Вечерва спроти Божик, додека се прашував како ќе ја преспијам ноќта во ладната соба покрај Драгор, каде што и пес да врзеш утрото ќе го најдеш пцовисан, дојде малиот, со немирни очи Нијази Лимани и ме извести дека Тасим Петровци ме чека во слаткарницата Шехерезада. Што е сега ова, се прашував додека ги обував чевлите. Вчера цел ден во бележникот ја запишував приказната што ми ја раскажуваше за својот татко, а на разделбата прецизно се договоривме да се видиме дури по Божик, тој да продолжи со раскажувањето, а пак јас со запишувањето.
Во главата уште ми ѕунеа неговите претерано романтични изјави за некои подвизи на древниот крал и војсководец Искендер или Александар, кој ја разнесол нашата слава до Индија и оставил свои војници да живеат во некои долини под Хималаите, чии потомци се денешните Ханзи кои исто така се муслимани како фамилијата Петровци, за Мохамед али од Кавала, чија лоза се исламизирала, кој го основал модерниот Египет, па за Мустафа Кемал од Солун, подоцна наречен Ататурк, чии родители потекнувале од Голо Брдо, кој бил чест гостин во нивниот конак кај Миримор во Преспа и на овој наш јазик раскажувал како ќе ја реформира Империјата што била на умирање и како ќе го развласти султанот. Со чуден пламен во очите Тасим го спомнуваше и Димитар Благоев од селото Загоричани, кој ги поставил темелите на обновената држава Бугарија. Се одбрани наши јунаци, христијани или муслимани по вера, заедно со Незнајниот јунак, од чија слава создадена и негувана во туѓи земји се задоил и напоил татко му Енвер-беј Петровци, кој исто така имал големи амбиции, но, за жал, не успеал во намерата да ја спаси целокупноста на Македонија што му била нешто како животен сон.
Ниту поседував искуство за правење на ваква книга, ниту ја познавав митологијата на мојот народ, ниту пак можев да се надевам дека читателот ќе поверува во приказната за еден наш торбешки јунак чии предци, не толку одамна, пред неполни двесте години, си ја мениле верата, од христијанска во муслиманска, а потоа, како поданици на падишахот, направиле кариера и богатство во Империјата.
Во песните што ги пееше народот беше прецизно одредена позицијата на муслиманите како вековни душмани на христијаните. Не постоеше шанса да се изместува народната митологија во која, покрај верите, замешале прсти идеологиите и пропагандите. Се уште можеше да се раскопува по историјата за да се издвојат хероите од предавниците, но дека еден муслиман се обидувал да ја спаси и одржи целокупноста на Македонија, тогаш верно не се прифаќаше ни како факт ни како бујна фантазија.
Така, малку и незадоволен што си губам златно време со волонтерот на Радио Битола, неуморниот, вечно насмевнат Тасим Петровци, кој имаше чудна навика да си буричка со левиот показалец во носот и да си кубе влакна од мустаќите, кој си ја грицкаше скромната турска пензија што нередовно пристигаше од Анкара во Битола и, покрај свирењето на виолина, подработуваше на пазарот со овошје и зеленчук - тргнав на уште една средба во Шехерезада. Во тоа време бев распнат меѓу средното училиште за ветеринари што мислев да го напуштам поради неподносливата беда, волонтерските активности во месниот клуб на млади писатели, но особено во Радио Битола каде што меркав некакво вработување и, на крајот, правењето записи со литературни амбиции. За своите години верно бев премногу оптоварен со задолженија што пак доброволно ги прифатив.
Наспроти отпорот кон темата за торбешите, која не ми беше доволно блиска, кога го слушав Тасим Петровци како раскажува за својот татко, се чувствував како под дејство на магија. Не само што ме дразнеше ориенталната мистика во таа романтична приказна, туку наизменично пред мене се појавуваше и исчезнуваше последниот жив доказ за постоењето на еден таков народен јунак. Можеби затоа, колку да мислев дека губам време за таа човечка драма во која нема да поверува никој, сега брзав по замрзнатиот кеј на реката Драгор. Само малку подоцна, бегајќи му на студениот ветар кој завиваше меѓу дрвените капаци на дуќаните, со премрзнат нос и црвени уши, со речиси вкочанети раце длабоко вовлечени во џебовите, стапнав во Безистенот и посакав да купам печени или живи костени од таткото на мојот професор Владимир Костов, кој на самиот агол од старото здание продаваше овошје и зеленчук.
Немаме време, Шехерезада ќе затвори наскоро! извика Нијази Лимани и ме повлече за ракавот кон слаткарницата.
Но, јас сум прегладнет! - се пожалив.
Зар костени ќе те заситат?, се чудеше Нијази.
Тетка Ангелина ќе ни зготви нешто подобро! додаде внимавајќи на дебелиот уличен мраз покриен од новиот снег.
Верно таму, во Шехерезада, дрвените столови ги превртуваа и ги поставуваа на масите, од шанкот ги вадеа стаклените предмети и ги носеа во топлата работилница за да не замрзнат и да не испукаат од студот преку ноќта, а една жена, забрадена со шамија, го бришеше подот. Само што ме послужи со две баклави и чаша боза, дебелиот слаткар итро ме предупреди да побрзам зашто работното време истекло, а тој, за да стигне во својот дом, ќе мора да пешачи по мразот до самиот Дрвен пазар.
Вечерва улиците се како стакло! рече за да го оправда брзањето.
Не грижи се! Мразот ќе биде покриен од снегов што не престанува да паѓа! додаде Нијази Лимани.
Ако се лизнам и паднам на такво мразиште, којзнае дали ќе станам! помирливо рече дебелиот слаткар.
Многу е студено вечерва! реков присетувајќи се на својата собичка.
Ќе одиме кај мене, таму ќе се раскомотиш! ми предложи Тасим Петровци вадејќи пари да плати за се што беше изедено и испиено.
Зар толку доцна? Што барам кај тебе? грубо прашав голтајќи парче зашеќерена баклава.
Си доаѓал ти и подоцна, на полноќ! Не знаеш дека твојата братучеда утре заминува на далечен пат? Никој тоа не ти го кажа? Ниту јас вчера не те потсетив? Не знаеш дека и кумот Наум Манивилов пристигна од Скопје за да им пожела среќен пат на моите деца. Дека Коста Догу и Милтон Манаки ќе дојдат во мојот скромен дом? се чудеше зборливиот Тасим Петровци ставајќи ја шубарата, запетлувајќи го ветвото палто и, како по навика, чепкајќи си во носот со прстите.
Мислев дека Ерол и Мина ќе заминуваат кога ќе расцути пролетта! Па кој патува на овој студ? прашав додека се подготвував за излегување надвор.
Ех, кој? Веќе знаеш, син ми и снаа ми! Тасим воздивна.
Ќе останеме без Славеите! Тешко ми е да помислам дека ќе ги загубиме, а тие веќе утре заминуваат! рече таговно Нијази.
Ајде да се видиш и да се поздравиш! Денес братучеда ти се истури од плачење! Нејзините родители не сакаат веќе да ја спомнуваат в црква меѓу христијаните! За нив Мина е мртва, така порача нејзиниот татко!
Но таа е жива! се побунив спонтано.
Се разбира! Чедо како ќерка му се раѓа еднаш на сто години, а тие ја отфрлаат затоа што се омажила за момче од друга религија! воздивна Тасим Петровци загледан во градскиот часовник на спротивниот брег од реката каде што на мразот шлајфуваше еден камион претоварен со дрва за огрев, а неколкумина премрзнати луѓе се обидуваа да го турнат и се надвикуваа во полутемнината. Ерол ти е добар пријател, редно е да му пожелаш среќен пат! ми шепна Нијази како во доверба.
И со Наум е како брат! прифатив.