Потребно е патријарсите да не учествуваат во движењето

Потребно е патријарсите да не учествуваат во движењето

Новиот грчки конзул во Битола К. Кипреос е информиран од своите известувачи за претстојното востание. Два дена пред неговото избувнување тој ќе забележи: „Идната недела на 20 јули навечер селаните се должни да се фатат за оружјето за да ги нападнат засега само турските села и да уништат се што е турско, дали замок, или куќа, или реколта“.

Дури и додава дека само неколку дена подоцна, во рапорт до претседателот на грчката влада, оваа информација веднаш ја доставил, како што впрочем и практикувал секогаш, до отоманската администрација:

„Ме известија доверливо дека на дваесет и први јули, в недела, на празникот на Пророкот Илија, се прогласува бездруго востанието и ми ги посочија местата на собирање на бунтовниците. Не пропуштив тоа да му го соопштам на главниот администратор и да му препорачам, како што секогаш сум правел, да ги преземе потребните мерки за заштита, особено на нашите села. Но главниот администратор не сакаше да ги земе предвид моите укажувања а информациите ги сметаше за обични слухови од припадниците на комитетот“.

Конзулот К. Кипреос на 24.7. во рапорт до министерот за надворешни работи А. Скузес дава опис за првите моменти од востанието, попладнето на 20 јули, во престолнината на вилаетот. Сигналот беше даден со големи огнови што бунтовниците ги палеа на предодредени места. Надвор од Битола беа запалени два огна на стогови на двата краја од градот, во источниот и во западниот, како места во почетокот на револуционерното движење.

Го опишува, исто така, големото свечено знаме на комитетот. Има златни реси и натпис „Народе храброст, Господ е со нас“, а на другата страна „Слобода или смрт“ и имињата на 11 града во Македонија, прва е Битола, потоа Лерин, Костур, Охрид, Струмица итн., потоа со големи букви ВТОР КОМИТЕТСКИ РЕОН.

Во истиот документ читаме дека таа вечер револуционерното знаме е дигнато во селата Смилево и Буково во битолската област. Исто така, дека се запалени некои ниви што им припаѓаат на турски бегови и дека се пресечени сите телефонски жици што го поврзуваат градот со преостанатиот свет. Во наредните денови востанието станува сеопшто. Планините се полнат со илјади вооружени македонски селани. Сите што можат да носат оружје речиси во сите села ги оставија гумната и стоката и куќите и отидоа во планините. Во многу села останаа малкумина затоа што избегаа други и жените. Судири има на многу места, читаме во телеграмата од конзулатот во Битола. Во истата телеграма се известува за освојувањето на гратчето Крушово.

Во документот повторно станува збор за напуштање на селата: некои села ги напуштија сите жители. Жените и децата на некои од нив се вратија на 22 јули. Исто така, и самите селани се враќаат во своите огништа, веројатно прекубројните.

Потребата од прекинување на железничкиот сообраќај, со цел спречување на префрлување воени единици и муниција од Солун, ги поттикна бунтовниците да ги разурнат железничките шини: железничката линија двапати беше оштетена од бунтовниците, близу до Екшису на 21 јули беа извадени некои шини, на 22 јули е дигнат во воздух некој мал мост. Истиот ден војници-чувари на линијата во Петорак спречија бунтовници што се обидоа да ја разурнат линијата.

Кипреос презирно ги нарекува револуционерите бандитски четници. Но призна со жалење дека денес ги има илјадници и ги пребројува нивните успеси: Речиси без отпор зазедоа едно од најглавните точки на овој дел, Крушово, северно од градот Битола, а северозападно и Смилево и многу села од реонот на Преспа и на Костур, како и нашите манастири во Паралово, Драгош, Велушина.

На 25 јули во Битола стигнува телеграма од грчкото министерство за надворешни работи со совршено јасна порака до Кипреос: „Потребно е по секоја цена да се вложат сите напори да не учествуваат нашите (односно патријаршистите) во движењето. И на конзулот му се остава иницијативата за распределба и за користење на агентите. Предлага: ако се оцени од Вас како корисно, испратете агенти низ селата и потврдува дека нема проблем со пари кога се во прашање грчките интереси. Грчката влада, како што повеќепати изјавува, прифаќа секакви трошоци што ќе бидат потребни. А до доставувањето нови износи за нешто непредвидено. Ве ополномоштуваме да трошите од предвидените за просвета“.