Релативно добар војвода против апсолутно лошите бунтовници

Релативно добар војвода против апсолутно лошите бунтовници

Во последните денови од престојот на грчките офицери во западна Македонија, пролетта 1904 година, во времето кога меѓу нив избива караница поради различните оцени за иднината на грчката антимакедонска борба и поради формата што таа требаше да ја има, се отвора поглавјето за предавството на војводата Коте или Кота. Оваа особено контроверзна личност, еднаш како покаен локален ајдук во соработка со македонските автономисти, другпат како гркоман-платеник, со својата активност во голем степен ќе го определи текот на случувањата во реонот на Корешта, во периодот пред и по Илинден.

Не постои ниеден грчки автор што се занимавал со таканаречената македонска борба, а кој не му посветил неколку страници на делото на славофониот Грк и маченик Кота. Но мошне мал е бројот на оние што зборуваат за темните подробности на неговото апсење од Турците.

Познато е дека Коте бил поткупен и, во текот на околу две и пол години, бил издржуван од митрополитот костурски Германос Каравангелис, кој бил пријателски настроен спрема Турците. Каравангелис од мај 1902 година сметал дека Кота бил негов слеп орган. Кота ја обезбедува контролата над Корешта, но постојано врши притисок и врз митрополитот за пари, заради издржување на својата чета.

Грчкиот конзулат во Битола нема доверба во Кота, но сепак од честољубивост спрема него покажува пријателско расположение.

Грчките интереси го поттикнуваат конзулот Пезас на толеранција спрема четниците на Кота и истовремено на тајна соработка со Турците. Јон Драгумис го смета Кота за релативно добар, но во отсуство на апсолутно добар војвода го смета за отскочна штица против апсолутно лошите бунтовници. Последното поглавје од дејноста на Кота, тоа што завршува со неговото апсење, почнува во регионот на Мурикио, југоисточно од Костур, во грчките села Лошница и Богацко. Таму, на 15 април 1904 година, грчките офицери на Коте му даваат пари за да најде месни платеници и да го изврши своето ветување кон нив, односно да ги ликвидира Митре Влаот и неговата чета. Коте ја презема мисијата истиот ден кога Кондулис го информира конзулатот во Битола за нарушувањето на еднодушноста меѓу грчките офицери и бара да биде отповикан во Атина.

Кота со малкутемина што му останале (веќе петнаесет луѓе под водство на Сфејко го напуштиле), па тројцата Криќани (Каудис, Диконимос и Перакис) во Лехово ги води Христос Аргиракис. Оттаму одат во соседното Сребрено и ги земаат со себе луѓето на Вангелис, но без него, зашто тој бил заминат во Битола. И сега сите заедно, околу дваесет и пет луѓе, во правец од исток кон север низ падините на планината Вич, близу до селото Белкамени, Нерет, поминуваат западно во регионот на Корешта и преноќуваат во шумата над селата Оштима и Трново.

Во почетокот на мај бандата на Кота влегува во македонското село Трново и до смрт го претепува егзархискиот учител. Митре Влаот, кој е на чело на една револуционерна македонска чета од четириесет вооружени лица, испраќа порака до Кота и го поканува да се сретнат насамо, со беса за беса. Средбата не е тешко да се оствари, бидејќи двајцата се стари пријатели и побратими. Како место за средбата се одредува македонското село Оштима.

Коте ја остава својата чета, којашто не знае за настанот, надвор од селото и влегува една вечер во мај во Оштима, за да собере наводно информации за Влаот. Со себе го зема единствено својот посинок Симо Стојан и оди во куќата каде што е закажана средбата.

Коте со часови разговара со Митре Влаот. Тој го повикува Котета да престане со својата антимакедонска дејност и да се врати во редовите на бунтовниците. Му ветува дека ќе стане војвода во Преспа. Кота побарал и добил рок за одговор до септември. Се враќа со Симо во четата и се соочува со гневот на Каудис, поради многучасовното доцнење при неговото враќање. Но ја држи во тајност својата средба со Влаот.