Русија и Македонското прашање во втората половина на ХIХ век

РУСИЈА И МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ ВО ВТОРАТА ПОЛОВИНА НА ХIХ ВЕК[1]

Македонија како средишна провинција се најдувала во многу понеповолна положба од другите европските владенија на Османлиската држава. Сепак, по системските реформи спроведувани од османлиската централна власт до средината на XIX век, и покрај нивната ограниченост, во Македонија настанале позначајни економски и општествени промени. Се формирал новиот граѓански слој, но се’ уште недоволно броен и моќен за да го покрене македонскиот народ на масовна оружена борба за национално ослободување и создавање македонска државност. Во време кога биле во тек такви процеси и промени во периферните земји на Османлиската држава: Србија и Грција кои, со подршка и директно ангажирање на Русија и други големите европски сили, се здобиле со своја државна самостојност односно независност. Во односот спрема македонскиот народ тоа не било така.

Тешката положба во Македонија биле последица не само на жестокоста на османлиската власт туку и на дејствувањето на грчката Цариградската патријаршија која ја имала црковната власт и со насилното наметнување на хелинизацијата го спречувала процесот на хомогенизација на македонскиот народ. При тие и такви внатрешни и надворешно политички околности, малубројната македонска народна интелигенција за приоритетна задача си поставила подолгорочна цел: да работи на просветување на македонскиот народ и негово подготвување за отфрлање на црковната власт на грчката Цариградска патријаршија и политичката власт на Османлиската держава.

На внатрешните процеси во Македонија евидентно повлијаеле настаните и радикалните промени од почетокот на векот во граничните земји на османлиските владенија на Балканскиот Полуостров. Тие настани повлијаеле на забрзување ослободи-телните стремежи и пројави на македонскиот народ. Носени со мислата дека со ослободувањето на другите поробени православни народи од власта на Османлиската држава се создавале поповолни услови и за ослободување на Македонија, голем број Македонци се бореле, како доброволци, во Српското востание од 1804 година [2] и во Грчкото востание од 1821 година[3].

Кога во Грција започнало оруженото ослободително востание и во Македонија биле во тек забрзани подготовки за оружено востание. Во почетокот на 1822 година било изведено, краткотрајното Негушко востание во приморскиот дел од Македонија. Востанието во Македонија не наишло на одглас кај европската дипломатија. Во актуелната констелација ниту една од големите сили не покажала, а и не можело да се очекува да покаже посебна заинтересираност за ослободителната борба на македонскиот народ и со тоа македонското прашање да се постави како отворено прашање во меѓународните односи. Што не било случај со Романците, Србите и Грците. Македонија се најдувала во своевидна тотална политичка и севкупна изолација од Европа. По разрешувањето на грчкото прашање со создавање самостојна независна грчка држава, западноевропските големи сили биле единствени во определбата доследно да следат политика на зачувување територијалната целост на Османлиската држава на Балкан.

Русија била и останувала единствената од големите сили која, од сопствени посебни стратегиски интереси во регионот, следела политика за истиснување на Османлиската држава од Балканот и ја подржувала ослободителната борба на балканските православни народи. И македонскиот народ верувал во ослободителната мисија на Русија. Македонски интелектуалци и револуционери, школувани во Русија [4], во 50-те години на XIX век воспоставиле врски со руски високопоставени политички личности. Повеќемина се ставиле на услуга на Русија во времето на подготовките за влегување во војна против Османлиската држава [5] кога таа ја засили пропагандата за покренување на балканските народи на оружена ослободителна борба. Основано може да се смета дека тогаш македонското прашање било поставено пред руските политички фактори. Познато е дека Македонецот Константин Петкович од Башино село, Велешко, кој во Русија завршил факултетски студии, бил во врска со високопоставени личности од руското Министерство за надворешните работи. Во пролетта 1853 година допатувал во специјална мисија во Османлиската држава, со крајна дестинација Македонија. Престојувал на Св. Гора и други места во Македонија [6]. Непосредно пред започнувањето на Кримската војна, бил повикан во Русија и ангажиран во воената дипломатска канцеларија во Кишињев [7].

Со очекување дека војната против Османлиската држава ќе донесе ослободување и на Македонија, во редовите на руската армија, како доброволци, се бореле и поголем број Македонци меѓу кои и извесните Леонид Вулгарис (по потекло од Пијанечко) и Иван Б. Шумков (од Крушево) [8].

Востанието во приморскиот дел од Македонија во пролетта 1854 година, предводено од Димитар Каратасе[9], во времето на војната, силно ги загрижило Франција и Велика Британија, водечки сили на антируската коалиција. Истите директно се ангажирале, со бродови од нивните воени флоти во Егејското Море, за негово задушување. Со тоа не било затворено македонското прашање. Израз на ослободителните стремежи на македонскиот народ биле бројните тајни заговорнички кружоци формирани во годините потоа, безмалку во сите делови на Македонија, како и повремените акции за придобивање Русија за македонското ослободително дело. Во Македонија била негувана мислата и надежта дека Русија, во погоден момент, ќе се застаи за ослободувањето на Македонија.

Во 1860 година Димитар Каратасе одново го покренал македонското прашање пред руската дипломатија. При тоа настапил со подготен план за ослободително востание во Македонија, со центар во Солун, со подршка од Русија. Планот го претставил на тамошниот руски вицеконзул кој, од своја страна, за тоа извести во Москва [10]. Русија, разбирливо, не покажала интерес. Непосредно по тешкиот пораз во Кримската војна не била во состојба да војува на Балканот. А со Парискиот договор од 1856 година била обврзана да го почитува територијалниот интегритет на Османлиската држава [11].

По периодот на консолидирање, кон крајот на 60-те години, Русија ја изменила својата позиција спрема регионот. Балканот добил приоритетно место во руската надворешна политика. При неможност да завладее со Цариград и морските премини (поради жестото спротивставување на западноевропските големи сили, во прв ред Велика Британија) за Русија словенските земји под власта на Османлиската држава: Бугарија (со својата местоположба во непосредна близина на Цариград и морските премини) и Македонија на Егејското Море, биле единствената можност да ја елиминира затвореноста на Црното Море и да си обезбеди непосреден излез на Средоземното море.

Со новата руска стратегија за балканска политика, формулирана од канцеларот Горчаков, е стана извесна во 1869 година, се предвидувало застапување за глобално разрешување на прашањата на балканските православни народи, вклучувајќи го и македонското прашање. При што се предвидувало негово разрешување со создавање самостојно македонско кнежевство [12] во рамките на проектираната руска интересна свера.

Меѓутоа, набргу се случило ново свртување на руската политика на Балканот, посебно спрема Македонија и македонското прашање. Извесно, под непосредно влијание на радикалните промени во Централна Европа [13] и новата позиција на Хабзбургшката монархија. Во Русија била прифатена реалноста дека, во новите околности, на Двојната монархија не и преостанувало друго освен своите погледи и амбиции да ги насочи спрема југот на Балканот, како единствен «слободен» простор за дејствување за засилување на нејзиното влијание и натамошно територијално ширење. Нејзините компративни предности ([14] морала да ги респектира. Имајќи го во предвид сето тоа руската дипломатија сметала не само на засилено соперништво туку и, долгорочно гледано, на партнертсво на Хабзбургшката монархија во односите со другите западноевропски големи сили, во прв ред на Велика Британија како нејзина главна опонентска сила [15], за реализацијата на руската балканска политика. Согласно тоа гледање на состојбите во односите со останатите големи сили била ревидирана руската стратегија на Балканот. Руските интереси биле ограничени на неговиот источен дел, на просторот Бугарија, словенска земја на брегот на Црното Море и заднина на стратегиски посебно значајните за Русија морски премини на патот кон Средоземното Море. Простор кадешто не допирале австро-унгарските интереси. Затоа за приоритетен интерес било поставено создавање нова голема (за балкански прилики) словенска држава на тој простор под непосредно руско влијание, за сметка на Македонија. Со тоа Русија сметала да си обезбеди директен излез на Бело Море, односно, на Средоземно Море, со заобиколување на морските премини. На тоа биле подредени сите натамошни руски акции. Првиот голем исчекор во реализацијата таа и таква проекција бил направен со разрешувањето на црковното прашање на словенските народи на Балканот под власта на Османлиската држава во интерес на Бугарите. Со директно ангажирање и притисоци руската дипломатија на Османлиската држава и наметнала создавање Бугарска егзархија која, како единствена словенска православна црква во нејзините балкански владенија, била основана во 1870 година [16].

Со тоа и’ бил зададен решавачиот удар на борбата на македонските црковни општини за создавање самостојна македонска православна црква со возобновување на автокефалната Охридска архиепископија [17]. Руската дипломатија го спречила решавањето на македонското црковно прашање, определувајќи се за Бугарите. Следувале реакции. Тоа и такво решение во Македонија предизвикало силно незадоволство и отпор против Бугарската егзархија. По што «антиегзархизмот лесно и масовно се трансформирал во антибугаризам» [18], Поради тоа со таква жестина пишувал познатиот Бугарин Славејков за тие и состојбите во Македонија [19], што само придонесло за засилувањето на активностите и акциите за разрешуање на македонското црковно прашање и за натамошно актуелизирање на македонското политичко прашање [20].

Во 1873 година Тајниот Македонски Комитет во Солун покренал акција за организирање на македонските црковни општини за поставување решавањето на македонско црковно прашање со создавање самостојна македонска православна црква. Барање што било подржано од либералниот османлиски државник Митхат паша кој во тоа време бил солунскиот валија. Тој добро го познавал вистинските состојби во балканските провинции на Империјата и ја признавал посебноста на македонскиот народ [21]. Митхат паша сметал дека решавањето на македонското црковно прашање, односно создавањето на самостојна македонска православна црква, во потполност одговарало на реалните интереси и потреба на Османлиската држава за нејзината внатрешната стабилност. Не сметајќи со можноста за промена на рускиот позиција по однос на црковното прашање на Комитетот не му преостанувало друго освен да се сврти кон западните големи држави, со очекување не само подршка туку и моќна заштита од од тие сили.

Во почетокот на 1874 година членови на Комитетот се обратиле за подршка и застапување прво на англискиот конзул во Солун Блант, а потоа и на австро-унгарскиот конзул фон Кнапич. Меѓутоа и англиската и австро-унгарската дипломатија биле против поставувањето и решавањето на македонското црковно прашање на што, со право, се гледало како на етапа за решавање на македонското политичко прашање. Следувало обраќање до американскиот дипломатски претставник во Цариград со барање за покровителство од американската протестантска и заштита од САД [22]. Но, и од таа страна барањето не било прифатено [23]. Американската дипломатија покажала воздржаност. Не сакала да се замешува во внатрешните работи на Османлиската држава за решавање на едно такво прашање, како што било македонското црковно прашање, во време кога се поставувале основите на една подолгорочна политика за влијание во Империјата [24]. Руската дипломатија, стравувајќи од засилување на католичкото и протестантското влијание во Македонија, се активирала да го спречи и го спречила разрешувањето на македонкото црковно прашање, со целосно ангажирање за бугарската кауза.

Русија своите интереси во регионот ги врзала исклучиво за Бугарија како нејзино интересно подрачје, чие што ослободување и државно конституирање било проектирано и претстоела операционализација. За тоа се чекало само на поволен развиток на настаните и состојбите во односите со останатите големи сили.

Македонските национални дејци и револуционери, неупатени во планоите на руската политика на Балканот, и натаму очекувале од словенска Русија дека ќе го помогне ослободувањето и на македонскиот народ. Русија била подготвена за еднострана воена акција за воспоставување на непосредно контролирана своја интересна зона на Балкан. Се чекало само да настапи посакуваниот момент за тоа. Тоа се случило по дефинитивниот, толку посакуван, неуспех на амбасадорската Цариградската конференција. Набргу потоа, пролетта 1877 година, започнала воената кампања на руската балканска армија. Со победоносниот поход, до почетокот на 1878 година, руската армија го окупирала источниот дел од Балканот; територијата на Бугарија и Тракија до непосредно до Цариград на исток, а на запад до етничката граница на Македонија. За време на воените дејства дел од предните руски единици навлегле во граничното подрачје во источниот дел од Македонија, во градот Горна Џумаја, од кадешто набргу се повлекле и била воспоставена демаркационата линија. За волја на вистината треба да се каже и тоа дека на почетокот од војната дошло до извесна позитивна промена на ставот на Русија спрема Македонија и македонското прашање. За Македонија се предвидувало да и се обезбеди автономија [25]. Дали и колку за тоа имало влијание и учеството на над 400 Македонци [26] за кои се знае и кои, организирани во доброволечки одреди, се бореа со руската армија во војната верувајќи во нејзината ослободителна мисија, останува неизвесно.

По приближувањето на руските единици до етничката граница на Македонија македонски доброволци во војната, предводени од војводата Иљо Малешевски, се префрлиле во Македонија каде дејствувала востаничката чета на водачот на Првото македонско востание од 1876 година, Димитар Поп-Георгиев Беровски. Со здружени сили продолжила оружената борба за ослободување од власта на Османлиската држава во агонија. За кусо време, во почетокот на 1878 година, во источниот дел од Македонија, во областа Пијанец, биле елиминирани месните османлиски органи и била воспоставена македонска револуционерна власт.

Очекуваната помош од руската армија изостанала. Пред крајот од војната одново било направено радикално свртување на руската позиција спрема Македонија и македонското прашање. Русија се откажа од солуцијата создавање автономна македонска државност и се определила за голема бугарска држава [27] од Бугарија и Тракија (чие што создавање од руската привремена окупациска управа било во тек) и со вклучување и на Македонија [28], (попрецизно, најголемиот нејзин дел) [29]. Тоа решение Русија и го наметнала на Османлиската држава со прелиминарен мировен договор [30], потпишан во Сан Стефано на 3 март 1878 година. По потпишувањето на прелиминарниот мировен договор руските единици останале на демаркационата линија на бугарската територија [31].

Настаните потоа експлицитно потврдија дека вклучувањето на Македонија (само на хартија) во така проектираната голема бугарска држава во тогашните околности [32] било со подруга, прагматична цел. Македонија да ја употреби како предмет за спогодување со опонентските големи сили (единствени во спротивставувањето на руската експанзија на Балканот) за да се спасува, на дипломатската маса, тоа што дотогаш било извојувано со силата на руското оружје [33]. На руската експанзија на Балкан, посебно, на одредбите во прелиминарниот Сан-Стефански мировен договор, следувала жестока реакција од другите големи сили кои се заканиле со војна. Русија, пред опасноста да се најде во војна со коалиција на сите останати големи европски држави, се обидела да се спогоди со германските држави: Австро-Унгарија и Германија, за да извлече од крајно неповолната позиција пред претстојна конференција или конгрес на големите сили. Во почетокот на април биле водени тајни руско – австро-унгарско – германски преговори. Австро-унгарската дипломатија, подржувана од Германија, категорично барала Русија да ја ограничи својата интересна зона на Бугарија [34]. При тоа, користејќи ја таа и таква положба на Русија се обидела да издејствува проширување на австро-унгарското влијание и на Македонија. Од Русија се барало да прифати создавање автономно Македонско кнежевство, со кнез австро-унгарскиот генерал Родич, во царинска унија со Австро-Унгарија [35]. Тоа за руската страна било неприфатливо. Преговорите биле прекинати. Никаква спогодба не била постигната.

Во време кога било сосема извесно дефинитивното разрешување на бугарското прашање односно создавањето бугарска држава, а во очекување на започнување со работа договорениот конгрес на претставниците на големите европски сили во Берлин, од македонска страна биле превземени активности за поставување за решавање и на македонското прашање. Намерата била Русија да се заинтересира за тоа со надеж дека како словенска голема сила ќе го подржи барањето. Со војната за ослободување на Бугарија Русија покажала и докажала дека не отстапувала од политиката за директно ангажирање за ослободување и државно конституирање на словенските народи под власта на Османлиската држава. А бидејќи од сите нив неослободен останувал единствено македонскиот народ затоа македонските очекувања биле дека словенска Русија ќе се застапи за разрешувањето и на македонското прашање при одлучувањето за целината на кризата на Балканот.

Во мај 1878 година Димитар Робев, најавторитетната македонска политичка личност, пратеник во парламентот на Османлиската држава, превзел акција да ја заинтересира руската дипломатија да го покрене решавањето на македонското прашање на претстојниот конгрес на големите сили во Берлин. Неговата намера била Русија на претстојниот меѓународен конгрес да се застапи за разрешување и на македонското прашање со создавање македонска државност. Со такво барање Робев се обрати до рускиот амбасадор во Цариград грофот Игнатиев, творецот на Сан-стефанската конструкција за голема бугарска држава. На средбата на прашањето за рускиот став за идниот статус на Македонија, при битно изменетите околности непосредно пред започнувањето со работа на Конгресот во Берлин, одговорот на рускиот амбасадор (кој во тоа време практично ја определувал руската балканска политика) бил дека Македонија во никој случај немало да биде дадена на било која од соседните држави [36]. Но, не и дека нема да остане под власта на Османлиската држава. Но, на поставеното барање Русија да се застапи за македонска државност, Игнатиев едноставно не одговорил.

На Конгресот на високите претставници на големите европски сили во Берлин, од 13 јуни до 13 јули 1878 година, македонското прашање добило третман на посебно прашање, чие што решавање се наметнало како акутно. Интересот на големите западноевропски сили, со оглед на постојната констелација, налагала зачувување опстанокот на Османлиската држава на Балканот во секој случај и по секоја цена. Тоа можело да се постигне единствено со задржување на Македонија под нејзина власт. Меѓутоа, исто така било извесно дела нерешено прашањето на Македонија, една од размирените провинции, претставувало потенцијално жариште што можело да се го доведе во прашање проектираниот нов поредок на Балкан. Поради тие причини била прифатена солуција што одговарала на нивните интереси и на интересите Османлиската држава, а воедно можела да претставува основа за етапно решавање на тоа прашање. Така во Берлинскиот договор бил вграден посебен член за Македонија. Со членот 23 [37], на Македонија и бил признат посебен статус во рамките на Османлиската држава [38]. Владата во Цариград била задолжена и истата се обврза, со прифаќањето на Берлинскиот договор, новото уредување на Македонија да се регулира со посебен Статут [39].

Меѓутоа, европските големи сили не предвиделе и во Договорот не биле вградени одредби за мегународна контрола и санкции за неспроведување на предметното решение. Во таа смисла не бил донесен ниту друг посебен акт. Користејќи го тоа Владата на Османлиската држава не се сметала за обврзана да ги спроведе превземените обврски. Тоа довело до радикално влошување на ситуацијата во Македонија

По Берлинскиот конгрес, кога сите други православни народи на Балканот добиле со слобода и призната државност, а повеќето од нив: Романија, Србија и Црна Гора, се здобиле со државна независност, единствено македонскиот народ остана во иста положба под власта на Османлиската држава. Силното незадоволство кулминирало со ново македонско востание, познато и како Кресненско, што започнало непосредно по Конгресот, во почетокот на октомври 1878 година, во источниот дел од Македонија. Таму за тоа постоеле најповолни услови. На тој простор се одвивале континуирано, со поголем или помал интензитет, востанички акции уште од пролетта 1876 година. Населението било подготвено за организирана оружена борба за ослободување и во постојните крајно неповолни внатрешни услови и надворешнополитички околности [40]. За тоа не без влијание било чувството за исвесна сигурност од присуството на руските единици на територијата на Бугарија. [41]

По успешниот развиток на востанието, есента 1878 година, во источниот дел од Македонија била создадена слободна територија со организирана македонска востаничка власт, со сите основни елементи на самостојна македонска државност [42]. Македонското востаничкото раководство сметало и очекувало помош во оружје од руските единици стационирани на демаркационата линија на македонската граница [43] за пренесување на востанието и во внатрешноста на Македонија. Меѓутоа, таква помош не била добиена [44].

Со востанието одново било актуелизирано отвореното македонско прашање. Македонскато востаничко раководство, откато изостанало толку очекуваната руската подршка, превзело акција да го сврти вниманието на дипломатиите на другите големи сили за македонското прашање. Во писменото обраќање до британскиот генерален конзул во Солун, од 24 ноември 1878 година, апелирало «просветена Европа» да ја свати и прифати праведната ослободителна борба на македонскиот народ и да го помогне ослободувањето на Македонија. А продолжувањето на ропството под азијатската тиранија водело кон нејзино целосно уништување [45]. Британската дипломатија не покажала интерес, останувајќи доследна на својот став спрема Македонија и македонското прашање. Нејзините интереси во регионот налагале зачувување на со новиот поредок на Балканот воспоставен со Берлинскиот договор.

Во Македонија по неуспехот на туку што задушеното востание од 1878/1879 година во источниот дел, револуционерната ослободителна активност била покрената во западниот дел на земјата на просторот; од Прилеп и Битола до Горица (Корча), Костур и Катерина, како и помеѓу Бер и Воден. Насекаде, во тие краеви, дејствувале вооружени чети. Но, немало услови за организирање масовно ослободително востание. Во такви околности основната цел дејствувањето со превземаните оружени акции била да се покаже и потврдува непомирување со ропската положба. Македонското прашање да се држи отворено пред дипломатиите на големите сили, во очекување на промена на негаторскиот однос.

Во 1880 година, од 21 мај до 2 јуни, на планината Грамос, Островско, приморскиот дел од Македонија, се одржало Национално собрание на Македонија со учество на 32 претставници од сите краеви на земјата. Собранието било свикано за ја разгледа политичката положба на земјата по Берлинскиот Конгрес и покажаната незаинтересираност на големите сили (вклучувајќи ја тука и словенска Русија) да ја присилат Османлиската држава да ја спроведе обврзувачката одредба од чл. 23 на Берлинскиот договор за давање посебен, автономен статус на Македонија. А како непосредна цел било поставено да се утврдат мерките и акциите за постигнување така поставената «националната цел» [46]. Собранието констатирало дека и по последните големи промени на Балканот, кога сите останати христијански народи се здобиле со национална слобода и државност; «Романија, Србија и Црна Гора, по силата на Берлинскиот догвор од 1878 година, се здобиле потполна независност, а Бугарија, Источна Румелија и Крит, добиле граѓански права.., единствено Македонија, која уште во древно време имала своја цивилизација.., била лишена од секаква помош» [47] По што Националното собрание «еднодушно решило» од владата на Османлиската држава и големите сили да бара «праведните барања на македонскиот народ да се исполнат со брзо применување на чл. 23 од Берлинскиот договор» [48] за Македонија. Националното собрание избрало привремена Влада на Македонија [49] «Единство» [50], како извршно оперативно тело што ќе ги превземе потребните акции за реализирање на «националната цел»: создавање македонска државност. За постигнувањето на тоа било решено најнапред да се бара, по легален пат, право на автономија признато од големите сили и санкционирано со меѓународниот Берлински договор од 1878 година. Во случај владата на Османлиската држава да откажела да ја исполни превземената обврска, а големите сили не ќе превземеле мерки да ја присилат на тоа, «привремената Влада на Македонија» си зела за задача да го повика македонскиот народ на оружје, под паролата: «Македонија за Македонците, за воспоставување на древна Македонија» [51].

Во март 1881 година привремената Влада на Македонија објавила Манифест [52] испратен (со Протоколарното решение на Македонското национално собрание) до дипломатските претставници на големите сили. Во Манифестот се барало признавање правото и на македонскиот народ, како историски народ со богато и славно минато кој оставил траен белег во цивилизацијата на човештвото, да ја возобнови својата државност. Привремената влада апелирала и до прогресивното јавно мислење, до сите «слободољубиви луѓе, со благородни срца», да му притекнат на помош на македонскиот народ во неговата борба за слобода. Со Манифестот привремената Влада на Македонија повикувала, пред опасноста татковината да биде распарчена од агресивните «околни народи», «гробари на големата и славна татковина» [53], сите народни сили да се обединат под знамето на «единствена и обединета Македонија.., како единствен национален симбол» (54[54]. Бидејќи, само со единство можело да се смета да се извојува сопствената слобода, «тоа скапо наследство на народите». И со тоа да се обезбеди спасот на татковината. Владата предупредувала на опасноста од делба на Македонија и ново ропство што трајно ќе го спречело возобновувањето на македонската држава (55[55].

Големите европски сили, и покај силната нивна поларизиранот, биле против создавањето нова држава на територијата од посебна стратегиска важност за сите нив, каква што во тоа време била Македонија. Затоа нивната главна грижа била и останувала да не допуштат било која од големите европски држави да воспостави свое предоминантно влијание. Во тој однос посебно се експонирале двете, «непосредно заинтересирани» големи сили Австро-Унгарија и Русија [56]. Во 1881 година тие, заедно со Германија со тајниот трицарски договор од 18 јуни, се обврзале да гарантираат заштита за Македонија од евентуална агресија од Бугарија [57]. А исто така и од Србија. Српскиот крал Милан за време на неговата посета на Виена во август 1882 година, бил предупреден за посебниот интерес на Австро-Унгарија Србија да се откаже од секаков план по однос на Македонија [58].

Пред крајот на 80-те години била обновени активностите за актуелизирање на македонското прашање на европската дипломатската сцена. Видни македонски личности се превзеле акции за придобивање на дипломатиите на големите сили. Кон крајот на јули истата 1887 година Наум Евро и Коста Групче упатиле апел до дипломатските претставници на големите европски држави во Цариград да ја признаат посебноста на македонскиот народ и да се застапат кај владата на Османлиската држава за разрешување на македонското прашање со давање посебен статус на Македонија во рамките на самата држава. Од европските сили барале заштита за Македонија која, «поради важноста на својата географска и стратегиска положба», станала објект на претензии агресивните соседни балкански држави. При тоа укажувале дека претендентите не барале сретства за остварување на своите претензии. Како и дека за Македонија подготвувале «застрашувачка катастрофа», што едновремено претставувала директна закана не само за мирот на Балкан туку и за европскиот мир. Барале интервенција на силите «за да се искоренат таквите илузии на речените (балкански) државички». Предупредувајќи при тоа дека «никој нема право да претендира на Македонија. Таа им останува на Македонците» [59].

Во средината на јули 1888 година еден друг познат македонски национален деец, на прославата на 900-та годишнина од покрстувањето на рускиот народ во Киев, настапил со барање руските политички фактори и руската општественост да се ангажираат за решавање на македонското прашање. Во поздравната реч апелирал, во името на словенската солидарност словенска Русија да ја ослободи поробена Македонија. Изјавувајќи при тоа дека «македонскиот словенски народ» својата «најголема надеж» за избавување ја гледа во велика Русија. Дека верува и очекува Русија, која «ги спаси Грција и Србија, ги избави Романија и словенска Бугарија, еден ден ќе го спаси и македонскиот роб, подарувајќи му слобода» [60].

Меѓутоа, официјална Русија и тогаш, како и пред тоа. останала доследела на политика на неменување постојната состојба на Балканост и за одржување на територијалното статускво, следствено за останување на Македонија под власта на Османлиската држава.

Во 1894 година, македонското национално гласило «Лоза» повикуваше на единство на сите Македонци и дејствување во два правци: систематска борба против режимот на Османлиската држава и исто така систематска дејност со која што ќе се покаже «пред целиот надворешен свет» тешката положба во Македонија и «одново ќе го постави македонското прашање на зелената маса». И дека само тогаш и само така било можно да се натераат големите сили да извршат притисок на Османлиската држава да ги спроведе реформите пропишани со чл. 23 од Берлинскиот договор [61].

Европската дипломатија стравувала за можен непредвидлив развој на настаните на Балканот по се’ посилно манифестиран стремеж на македонскиот народ за слобода и своја државност. Во мај 1895 година германскиот вршител на работите во Цариград, грофот Хенкел фон Донерсмарк, во својот доверлив извештај, го известувал државниот канцелар во Берлин дека «сремежите на Македонците за политичка автономија добија заканувачка форма» за владата на Османлиската држава. Како и дека Македонците своето барање го засновуваа на чл. 23 од Берлинскиот договор. Евидентно со цел пред меѓународниот фактор да се потенцира легитимитетот на барањата. Истиот известувал за растечко незадоволство и за реална опасност незадоволството да ескалира и да дојде до «крвави и фатални нереди» [62]. Потврда за тоа било и пишувањето на македонскиот весник «Револуција», орган на македонските социјалдемократи, револуционери, на крајот од јуни 1895 година, за неминовноста од оружена сенародна борба за ослободување, за независна Македонска република. Како и дека «ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци». А најостро се осудувале сите оние Македонци кои очекувале ослободување на Македонија од големите европски држави, односно, од «разни цареви, па биле тие руски, австриски или други» [63]. Други македонски интелектуалци, ценејќи ги реалните можности при постојната меѓународна положба, и натаму сметале дека Македонија може да се ослободи и да се здобие со своја државност со војната на големите сили. Затоа било потребно да се дејствува не само пред официелните фактори на тие држави туку и на придобивање на демократското јавно мислење.

Во таа насока во 1896 година дејствувал во Париз македонскиот публицист Пол Аргиријадес. Пишувал дека опстанокот на Османлиската држава на Балканот бил несигурен и дека «треба, во догледно време, Македонија да добие своја независност, како што ја добија Грција, Романија, Србија и Бугарија». И дека независна македонска држава ќе ги има сите услови за брз развиток и изградување во современа просперитена држава. Аргиријадес бил категоричен дека на Македонија, «по нејзиното ослободување од турското ропство, Македонците.., ќе и дадат институции сообразно со политичкиот и социјалниот прогрес на времето» [64]. Македонско прашање се позабележливо добивало гласност во европските центри. Во почетокот на 1897 година влијателниот лондонски весник «Тајмс» пишувал за гледањето на Вилијам Гладстон за положбата на Македонија и македонското прашање. Тој ги осуди стремежите на малите балкански држави «за присвојување туѓи територии» и се застапувал за «Македонија на Македонците, како што е Бугарија на Бугарите и Србија на Србите» [65]. Но, не довело до промена на ставот на големите сили од кои зависело разрешувањето на македонското прашање.

Експлицитна потврда за тоа дале настаните во Македонија од крајот на истата и почетокот на 1898 година, познати како Виничка афера [66], кога била разоткрина мрежата на тајната Македонска Револуционерна Организација односно постоењето масовно тајно национално-ослободително движење. Откривањето постоење на едно такво движење во Македонија било примено со големо изненадување од Русија и другите сили. За сите нив постоењето на организирано револуционерно-ослободително движење во Македонија претставувало директна закана за мирот и постојниот поредок во регионот. Особено загрижени биле двете големи сили, непосредно заинтересирани за Балканот, Русија и Австро-Унгарија кои во 1897 година склучиле посебен договор за зачувување на постојното статус-кво [67] на Полуостровот [68]. Нивните дипломатски претставници во Македонија постапувајќи по инструкциите од своите влади ја подржувале владата на Османлиската држава за брзо воспоставување редот во Македонија, а тероризирано македонско население очекувало нивна заштита.

Во времето на најжестоките прогони и масовни насилства од полициските и единиците на војската македонското население заштита барало од рускиот конзул во Скопје. Конзулот Лисевич не покажал ниту елементарна хуманост а уште помалку волја да интервенира за заштита. При тоа не се работело само за спроведување на руската официелна политика туку и за негов личен непријателски однос спрема македонското национално револуционерно движење и македонското ослободително дело. Тоа се потврдува во еден извештај на австро-унгарскиот конзул кој во Виена известувал за незадоволство на македонското население поради «многу студениот однос на рускиот (и српскиот) конзул во Скопје во време на жестоките прогони» [69]. Подоцна, против својата волја, само затоа што дипломатските претставници на другите големи сили покажале нагласена хуманитарна ангажираност, рускиот конзул неколкупати интервенирал кај скопскиот валија по поплаките од семејствата на затворените Македонци измачувани во тамошнит затвор [70]. Новиот конзул во Скопје Машков, кој на таа должност дошол од Белград [71], имал уште понагласен непријателски однос. Затоа македонските барања за заштита биле испраќани до руската амбасада во Цариград. На добиеното барање од амбасадата за податоци и мислење за жалбите од семејствата на осудените македонски револуционери, конзулот Машков во својот одговор молел амбасадата «да не се застапува за (нивно) помилување». Со образложение дека тоа ќе ги охрабрело «неказнето, повторно да се впуштат во слични авантури, а положбата во Македонија и без тоа била ровита» [72]. Таквиот отворено непријателски однос на рускиот конзул спрема македонското ослободително дело бил примен со посебно задоволство од српскиот дипломатски претставник во Скопје. Кутовиќ известил во Белград дека Машков со својот став «им правел услуга на сите што сакале да се одложи решавањето на македонското прашање» [73]. А тоа подразбирало пред се на Србија.

Русија и Австро-Унгарија останувале доследни на политиката за одржвање постојната положба во Македонија. Во март 1898 година, поради се’ поотвореното манифестирање на претензии спрема Македонија, на владата на Кнежеството Бугарија истовремено и’ предале нота со којашто и препорачувале најголема воздржаност од мешање во работите на Македонија и барале да ги растури комитетите формирани за организирање бугарска пропаганда во отоманската провинција [74].

Во почетокот на 1899 година Централниот македонски комитет во Женева, објавил «Апелот за заштита на човечката совест, правдата, мирот и човечноста», за подршка на праведните стремежи на македонскиот народ за ослободување од тиранскиот режим на Османлиската држава, со којшто побудил интересот на дел од европската прогресивна јавност за Македонија и македонското прашање. Централниот македонски комитет во Женева, во својство на легитимен претставник пред европската јавност ги претставил «оправданите желби и политички барања» на македонскиот народ: радикални реформи и конституирање на Македонија како автономна држава, «со Солун како главен град» [75]. При тоа била потенцирана надежта дека «Европа ќе го сврти своето внимание кон судбината на Македонија» [76].

Во тоа време во Македонија се’ уште се гаеле надежи словенска Русија да се ангажира за ослободувањето на Македонија. Тоа верување се засновувало на општо извесниот историски факт дека Русија се изборила за ослободувањето на сите останати православни и словенски народи (Грците, Србите, Црногорците, Бугарите) од власта на Османлиската држава и за создавањето на нивните држави. Во 1899 година следувало ново обраќање од Македонија до рускиот император со кое се барало Русија да се ангажира за ослободување на Македонија [77]. Меѓутоа, Русија останала доследна на превземената обврска од договорот со Австро-Унгарија од 1897 година за зачувувањето на статус-квото на Балканот [78]. Русија, како и на другите големи сили, во својата политика спрема Македонија и македонското прашање не се раководела според принципите за право и правичност туку, исклучиво, од потребите за на нејзините стратегиски интереси на Балканот [79] и во поширокиот регион, во контекстот на глобалните односи со другите големи сили.

Од сето претходно соопштено произлегуваат две основни констатации:

1. Македонскиот политички субјект во целиот предметен период во дејствувањето за успехот на ослободително дело се обраќал до официелна Русија за подршка и заштита. Не ретко се барало и руска воена интервенција.

2. Русија, која своите интереси на Балканот ги врзала за Бугарите и Србите не ја признавала посебноста на македонскиот народ. Била и останувала против создавањето нова словенска држава Македонија. За сето време следела политика на зачувување постојното статус-кво, со тоа и за задржување на Македонија под власта на Османлиската држава.

Наводи

уреди
  1. Се ограничивме да преставиме само еден, за нас, суштествен аспект на комплексниот проблем: актуелизирањето на македонското прашање од страна на македонскиот политички субјект пред официјална Русија со барања за нејзино застапување за ослободување на македонскиот народ и државно конституирање на Македонија.
  2. Некои од нив биле влијателни личности кои имале и истакнати позиции и дале посебен придонес за ослободителното дело на српскиот народ. Прд се Петар Ичко, креаторот на мирот со владата на Османлиската држава, во историската наука познат как «Ичков мир». За тоа повеќе: Љ. Лапе, Учеството на македонските печалбари во Првото српско востание и неговото ехо во Македонија.-Историја, Скопје, 1980/ХVI, 2, 65-78.
  3. Повеќемина од Македонците доброволци во Грчкото востание се истакнале со својата борбена способност и завзеле високи командни должности во востаничките единици. Со својата храброст и пожртвуваност посебно се истакнал Марко Бочвар , прославен воен командант. За тоа повеќе: Д. Зографски, Ѓ. Абаџиев, М. Керамитчиев, Егејска Македонија во нашата историја, Скопје, 1951, 88-89: В. Траиков, Българите участници в борбите за освобождение на Гърция, София, 1971, p. 32-42.
  4. Idem. P. 32-42.
  5. Војната против Османлиската држава набргу прераснала во војна на Русија против коалицијата од големите западноевропски држави, позната како Кримска војна од 1853 до 1856 година.
  6. Миноски М. Влијанието на политичките процеси и промени на Балканот врз формирањето на македонската нација до Разловечкото востание (1876), Македонија, прашања од историја и култура. Скопје, МАНУ, 1999,197.
  7. Поплазаров Р. Ослободителните вооружени борби на македонскиот народ во периодот 1850-1878, Скопје, 1977, 89.
  8. Миноски М. Влијанието на политичките процеси.., 200.
  9. Од с. Добра, Берско, еден од водачите на Негушкото востание од 1822 година.
  10. Соnѕtantinos Рароulidis, Quelques éléments nouveaux concernant les plans insurectionnels de Tsami Caratasso sur la délivrance des peuples balkaniques en 1860. – (In:) Greek-serbian cooperation 1830-1908. Collection of from the second greek-serbian symposium 1980, Вelgrade, 1982, 107-110.
  11. Христов-Јован Донев А. Македонија во меѓународните договори 1875-1919. Скопје, 1994, 23.
  12. Миноски М. Ставот на Русија спрема македонското прашање на Цариградската конференција 1876 година. – Зб. Македонско руски врски, Скопје, 1996, 97-98.
  13. Со обединувањето на Германија.
  14. Како балканска држава со мноштво словенски народи под нејзино владение и извесноста да ја има подршката на Германија за таа и таква политика.
  15. На целиот простор од источниот Медитеран до далечниот Исток.
  16. Според тоа, нејзината јуриздикција можела да се прошири на црковните општини и во Македонија и јужниот дел од Србија. Со тоа, на посреден начин, била промовирана руската програма за создавање голема бугарска држава на Балканот, подоцна конкретизирана во Сан-Стефанската проекција.
  17. Против канонски укината во 1867 година.
  18. Ристовски Б. Димитар Поп-Георгиев Беровски во народното раздвижување пред и во времето на Разловечкото востание. Зб. Димитар Поп-Георгиев и неговото време, Скопје-Берово, 1991, 96.
  19. «Македония», Цариград, 1871 / V, 3, 2.
  20. Според пишувањето на акад. д-р Блаже Ристовски со тоа тој «го отвори «Македонското прашање» на европската сцена». (Б. Ристовски, Димитар Поп-Георгиев.., 96).
  21. Димевски С. Општествената и економска положба на македонскиот народ и развојот на македонската национална мисла пред и во времето на Кресненското востание. 36. Правилата-Уставот на Македонскиот востанички комитет во Кресненското востание, Скопје, 1980, 32; Ристовски Б. Димитар Поп-Георгиев.., 103-104.
  22. Миноски М. Унијатството и протестантството во Вардарскиот регион, со посебен осврт на Дојранско-Гевгелискиот крај, до Балканските војни. 36. Дојрански ракувања, Гевгелија, 1987, 85.
  23. Миноски М. Соединетите Американски Држави и Македонија 1869-1919, Скопје, 1994, 42.
  24. Сепак, воспоставувањето директни контакти, иако во конретниот случај безрезултатни, имаше неспорно влијание за зголемување на интересот на САД за Македонија, со оглед на нејзината местоположба во регионот. Набргу потоа, во средината на 1876 година во Македонија, во Солун, пристигна првиот американски вице-конзул Лазаро.
  25. Доверливо писмо на грофот Игнатиев до Горчаков, министер за надворешни работи, 15 февруари 1878 година. (Документи за борбата на македонскиот нардо за самостој-ност.., 1, 233, бе. 891).
  26. Тоа е едно од многуте прашања за кои што е потребно посебно проучување и елаборација.
  27. Проектирана во времето на создавањето на Бугарската егзархија.
  28. Македонија во билатералните и мултилатерални договори на балканските држави 1861-1913. Документи, Редакција и коментар М. Миноски, Скопје, 2000, д.9, с. 80.
  29. Иземен бил еден мал дел од нејзината југо-западна територија за којшто било оценето дека нема поголемо економско и стратегиско значење.
  30. Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност.., I, 233.
  31. Единиците што во еден момент влегле на македонска територија во Горна Џумаја биле повлечени.
  32. Со оглед на евидентното единство на останатите големи сили Русија да воспостави полна доминација во регион од посебно стратегиско важност за сите нив.
  33. Бидејќи на руската дипломатија и било повеќе од извесно дека така нареченото источно прашање можело да се решава и реши со учество на сите големи сили, следствено на меѓународна конференција или конгрес на силите.
  34. Согласно претходно постигнатите тајни спогодби за разграничување на интерсните свери на Балкан: Рајхштатската од 1876 и Будимпештанската конвенција од 1877 година.
  35. Die Grosse Politik der Europaischen Kabinette 1871-1914, 2 Band. Der Berliner Kongress saine Voraussetzungen und Nachwirkungen, Berlin, 1927, 261; М. Миноски, Политиката на Австро-Унгарија спрема Македонија.., 204-205.
  36. Игнатиев: «Македонија не може да припадне ниту на Србите, ниту на Бугарите, а ниту на Грците». (Историјски институт Србије, Збирка Јована Ристиħа, Ин. бр. 12/581/ 14 маја 1878).
  37. Noradounghian С. Recueil d´ Actes Internationaux..., IV, 183.
  38. Миноски М. Македонското прашање во меѓународните односи. Зб. Македонија и односите со Грција, Скопје, 1993, 60.
  39. Noradounghian С. Е. Recueil d´ Actes Internationaux de l´Empire Ottoman, IV, (1878-1902), Leipzig-neuchatel, 1903, 183.
  40. Вооружената чета од востаничкото јадро на Разловечкото востание, предводена од Димитар Поп-Георгиев, за сето тоа време успеала да се одржи и да го започне новото македонско Кресненско востание.
  41. По загубата на голем дел од своите владенија на Балканот Османлиската држава ја зголемила концентрацијата на своите воени и останатите безбедносни сили во Македонија. А големите европски сили демонстрирале потполно единство за прашањето на Македонија, односно истата да се задржи под власта на Османлиската држава.
  42. Миноски М. Борбата на месните македонски водачи за зачувување на самостојноста во раководењето со Кресненското востание. – Гласник на ИНИ, 1974/ХVIII, 2, 59-79; 36. Кресненското востание во Македонија 1878-1879, Скопје, 1982.
  43. Воено востаничкото раководство верувало дека сепак Русија нема да откаже да даде ефективна поддржка на ослободителната борба на македонскиот народ и во новите околности по Берлинскиот конгрес. Со такво очекување востанието беше кренато во источниот дел од Македонија.
  44. Но, не само тоа. Рускиот фактор ги подржал акциите на бугарските, така наречени добротворни, комитети за оневозможување на самостојниот од на македонското востание и со тоа непосредно придонесол за неговиот неуспех.
  45. Во писмото, помеѓу останатото, се потенцираше: «Нашата македонска крв со која што сме решени, по неволја, да ја крвавиме оваа од пред две илјади години немилостиво осудена и презрена Македонија, дали ќе дојде крај при сегашните европски господаречки народи повеќе да не и се одмаздува на големата некогашна слава!!! Азијатските народи, по нивни стари преданија, може би го сакаат бришењето во светот на името Македонија! А просветена Европа дали има причини за тоа...»? (Сб. Освобождение Болгарии от турецкого ига. Документи в трех томах, III, Москва, 1967, 235; Љ. Лапе, Разловечкото востание.., 80).
  46. Saatsarciv, Wien, Politisch archiv (Sat A, PA), K. 135, Ber. 117, 19. III. 1880; Arhiva Ministerul Afacerior Straine –Bucuresti, F. Constantinopo. Consulat Salonic (A MAS-B, CS. 31 VII 12 VIII, 1880, p. 28-33; Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност..., I, 266.
  47. На истото место.
  48. Idem, 267.
  49. Претседател Васил Симон (Чомо), секретар Никола Трајков.
  50. А МАЅ-В, СЅ, 28-33; Документи за борбата на македонскиот народ за независност.., I, 265-267.
  51. На истото место, 267.
  52. Центральный государственный Архив Октябрьской революции и социалистического строительства СССР (ЦГАОР), Москва, Ф. Гр. Игнатьева, Н 730, оп. 1, ед. хр. 79, според Документи за борбата на македонски народ за самостојност…, 1, 268.
  53. Грчката влада во средината на февруари 1878 година, преку инфилтрираната пропаганда организира формирање седумчлена «Привремена влада на Македонија», на планината Олимп. Во нејзино име беше издадена прокламација, предадена на дипломатските претставници на големите сили, со која што се бараше присоединување на Македонија кон грчката држава. (Хр. Андоновски, Привремената влада на Македонија мај-јуни 1880. 36. Македонија во Источната криза 1875-1881), Скопје, 1978, 369. Веднаш потоа, на 3 март, со Сан-Стефанскиот прелиминарен мировен договор, беше предвидена поделба на Македонија со присоединување кон проектираната голема бугарска држава поголемиот нејзин дел.
  54. На истото место.
  55. Буквално речено: «регенерацијата на Македонија».
  56. Миноски М. Македонското прашање .., 61.
  57. Die Grosse Politik der Europaischen Kabinette 1871-1914, 3 Band. 1922, 178-179.
  58. Министерот за надворешни работи грофот Калноки, по разговорите со српскиот крал, забележал: «Од причини дека и кралот Милан и бугарскиот кнез ги насочиле своите идни планови кон Македонија, оваа покраина за нас е посебно важна точка каде што би морале, во прв ред, да се погрижиме да отстраниме се’ што би можело да го наруши она што постои». ( Политиката на Австро-Унгарија.., 249).
  59. Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност.., I, 277-278.
  60. Радев Мажовски И. Въспоминания. София, 1922, 26-27.
  61. «Лоза», I/V, 1894, 26-38.
  62. Die Grosse Politik der Europaischen Kabinette 1871-1914, 12/ I Band, Berlin. 1923, 121-122.
  63. В-к «Революция, 28. VI. 1895, 1-2.
  64. Pol Argiriјades, La Macedoine. –Almanach de la Question Sociale, Paris, 1896, 240-244.
  65. The Times, London, 6th. 1897, 12.
  66. Апостолов А. Виничката афера, прво масовно разоткривање на ТМРО.-Историја, Скопје, 1977/ХШ, 2, 105-114; М. Миноски – Ѓ. Стојчевски, Австриски документи за Виничката афера 1897/1898 година.-Гласник на Институтот за национална историја Скопје, 1981/XXV, 2-3, 329-355.
  67. Dr Alfred Pribam, Die Politischen Geheimvertrage Osterreich-Ungars 1879-1914. Nach den akten des Wiener Staatarcivs.., Ersten Band, Wien und Leipzig, 1920, 79-80.
  68. 3а регионот непосредно или посредно биле заинтересирани и другите големи европски сили, сметајќи ја во тој ред и и Германија. Во 1898 година бил објавен германски план на Брезниц фон Судаков за Балканот со која што се предвидувало негова поделба на источен, до р. Места, руска интересна зона и западен австро-унгарска инстересна зона. При што за Македонија се предвидувало влезе во интересната зона на Хабзбургшката монархија, со статус на автономна управна единица, односно, «како Босна и Херцеговина по Берлинскиот договор». (М. Миноски, Политиката на Австро-Унгарија.., 212). Но, гледано подолгорочно.
  69. Haus Hof und Staatsarchiv (HHStA), Wien, PA XXXVIII, Konsulate 1848-1918, Uskub, 22 XII 1897, N-o 228.
  70. ДА ДСИП ФНРЈ, ф. Преписка, ф-кла V, 1898, Краљевско посланство Србије, Цариград, 17 јуна 1898, Стојан Новаковиħ д-р Владану Борħевиħу; Скопје, 28. фебруара 1898, Куртовиħ М. д-р Владану Борĥевиħу.
  71. Миноски М. Некои согледувања за осносот на руските дипломатски претставници во Скопје спрема настаните во Македонија од крајот на 1897 и почетокот на 1898 година.-Историја, Скопје, 1986/XXII, 1, 54.
  72. На истото место, 54-55.
  73. ДА ДСИП ФНРЈ, ф. Преписка, 1898. Ф-а V, Српски краљевски конзулат-Скопље, 23 фебруара 1898, М. Куртовиħ д-р Владану Борĥевиħ.
  74. АМ-М. 181/29 III 1898; Михајло Миноски, Ставот на Австро-Унгарија према македонското националноослободително движење во предилинденскиот период (1893 – 1903), Прилози за Илинден II, Крушево, 1979, 543
  75. На истото место, 375.
  76. Idem, 377.
  77. Адреса на жители од Скопје до рускиот цар. ЦДИА, София, ф. 176, Оп. 1, ае 1396, 1899. Во документот е внесено бугарското име од тамошниот егзархиски владика кој, евидентно, го пишувал.
  78. Миноски М. Федеративната идеја во македонската политичка мисла 1887-1919, Скопје, 1985, 25.
  79. Раководниот принцип бил и останувал: «Прво интересите на Русија, а потоа на Словените». (Косик В. И. Проблема Македонии и балканские государства в конце IX начале XX вв. (Константинопол, проливы и Македония). – Македонско-руските врски…, 87.