СЕОПШТА МОБИЛИЗАЦИЈА

На 17 септември 1912 година, бугарската влада објавила сеопшта мобилизација. На сите мобилизациски места пристигнувале Македонци од разни места. Поради нивната голема бројност, началникот на Штабот на бугарската армија генерал-мајор Иван Фичев, наредил да се формираат партизански (доброволни) чети и одреди за дејство од зад грбот на противникот. Задачата му ја доверил на потполковник Александар Протогеров и на мајор Петар Дрвингов. За создавањето на овие чети и одреди, Штабот на бугарската армија доделил 600 пушки и 60.000 лева. На предлог на Протогеров и на Дрвингов, во организирањето на партизанските одреди се приклучиле потполковник Стефан Николов, капетан Димитар Атанасов и капетан Стојан Величков. Од тој состав бил формиран Штаб на партизанските одреди (ШПО).

Петар Дрвингов во Седмичниот билтен за изучување на Турција и нејзината армија бр. 3. од 10 февруари 1911 година, меѓу другото, напишал: Денес македонската емиграција, повеќе од кога и да е порано, завладеана е со мислата дека слободата на Македонија може да се постигне само преку силата на бугарското оружје. Поради тоа, таа емиграција не е за потценување, зашто во време на војна може да одигра решавачка улога. Може да се тврди смело дека не може да се пронајде Македонец, млад или стар, кој не би посакал да влезе во македонските доброволни дружини, кои во војна сигурно ќе се формираат.

Со оглед на тоа дека се работи за искористување на македонската емиграција за бугарски цели, која, сепак, требало да се бори внатре во Македонија, т.е. во тилот на турската војска, бугарската Влада од македонската емиграција формирала доброволни формации што ќе мора сами да се снабдуваат и за чии дела одговорност не сноси Владата. Доколку тие формации бидат примени во редовната армија, Владата ќе мора да се грижи за нив, а тоа би било осудено и од Турција и од другите големи сили и особено од соседните земји што се подготвувале за поделба на Македонија.

На 19 септември 1912 година, односно вториот ден по објавувањето на мобилизацијата, генералот Фичев испратил наредба до Протогеров и до Дрвингов да формираат мали партизански одреди. Дрвингов изготвил ”Правилник за доброволните чети кои ќе дејствуваат во Македонија и Одринско во ослободителната војна”. Во Правилникот, покрај другото, се предвидувало четите да дадат заклетва за верност пред бугарското отечество и пред бугарскиот цар. Клетвата имала двојно значење за македонските четници. Од една страна му се колнат на царот, а не се регуларна војска. Од друга страна, биле обврзани како полноправни војници на бугарската армија, за евентуални престапи да одговараат пред бугарските воени судови.

Според Правилникот на Дрвингов, основна задача на партизанските чети и одреди била да уриваат мостови, железнички пруги, телеграфски и телефонски линии и други објекти од витално значење во тилот на турската војска. Се предвидувало создавање на 52 партизански чети, секоја од по 20 до 30 души, односно вкупно со околу 1.250 души. Војводите имале обврска да го организираат снабдувањето од месни извори и да формираат месни чети. На тој начин, да создаваат мрежи на селски чети по примерот на илинденската ВМРО. Од објавувањето на мобилизацијата на 17 септември, па до 26 септември 1912 година, биле создадени 59 партизански чети. Секоја од нив имала свој редовен број. Паралелно со нив, бил формиран и еден партизански баталјон (составен од две чети) и четири специјални партизански чети.