СОЗДАВАЊЕ НА БАЛКАНСКИОТ СОЈУЗ
Преговорите за создавање на Балканскиот сојуз започнале есента 1911 година. Особено компликувани биле преговорите меѓу Србија и Бугарија, и тоа поради несогласувањата околу поделбата на Македонија. Под силен притисок на Русија двете страни биле принудени на разни отстапувања. За да започнат преговорите услов било Бугарија да се откаже од прелиминарниот Санстефански договор и на Србија да и’ го признае правото на дел од Македонија. Според тоа, мотивите за создавање Балкански сојуз се поделбата на Македонија, а непосреден повод била Италијанско-турската војна во 1911 година.
Потпишувањето на спогодбата, според бугарската влада, било забрзано од следните причини: таа сметала дека Младотурците ќе го истребат бугарското население во Тракија и во Македонија; дека руско-турските преговори ќе овозможат користење на Босфорот и на Дарданелите на руската флота, со што ќе ја загуби Русија како заштитник на бугарските интереси во случај на војна со Турција, дека врз основа на спогодба меѓу Австро-Унгарија и Романија ќе се овозможи проширување на Романија на бугарска територија и дека Турција ќе отпочне превентивна војна против Бугарија.
Српската влада имала сопствени причини да го забрза потпишувањето на спогодбата со Бугарија. По избувнувањето на Италијанско-турската војна, српската влада веднаш испратила доверлив распис во Петроград, во Лондон и во Париз, обрнувајќи и’ внимание на тројната Антанта на последиците што Италијанско-турската војна, веројатно, ќе ги предизвика на Балканот, напоменувајќи притоа дека најдобар начин за зачувување на интересите на балканските народи ќе биде создавањето сојуз меѓу балканските држави. Грчката влада не го очекувала решението на македонското прашање од големите сили, меѓутоа во согласност со дотогашната поддршка на грчката политика, особено од Англија, очекувала да го оствари своето територијално проширување на територијата на Македонија. Поради тоа била солидарна со другите балкански држави за создавање балкански сојуз. Црна Гора се солидаризирала со Србија, а своите територијални претензии ги насочувала кон Скадар и кон Албанија.