СОЛУН ПРЕД ГРЧКА ВЛАСТ

По навлегувањето во Солун, бугарската војска го започнала воспоставувањето на бугарската власт. На тој начин се создало двовластие, односно кондоминиум. Постоела можност за вооружен судир меѓу бугарските и грчките сили. На 5 ноември во 1912 година дошло до нормализирање на односите на грчката влада со странските конзули во Солун, а рускиот конзул го посетил и грчкиот крал.

На тој начин, фактички било предодредено Солун да и’ припадне на Грција. Додека се воделе преговорите, грчкиот губернатор Рективан преку својата влада барал повлекување на бугарската војска од Солун, а со помош на критската жандармерија постепено, дел по дел, ја воспоставувал грчката власт. Потоа веднаш организирал воени и жандармериски патроли, на позначајните места воспоставувал вооружени стражи, а преку градоначалникот Аргиропулос одржувал постојани врски со странските конзули. На тој начин бил информиран за ставот на конзулите, односно на големите сили, па веднаш воведувал полициски час и строга цензура со цел да ги спречи несаканите настани.

Грчката окупациска власт во Македонија ги носи сите обележја на еден строго централизиран воено-полициски режим, кој можел да се одржи само со помош на вооружена сила. Поради тоа, во Солун во почетокот на ноември пристигнале уште околу 600 критски жандари, па вкупната вооружена поддршка на грчката администрација изнесувала околу 1.000 души. Воспоставувањето на грчката власт во Солун, покрај другите, значително го помогнале и патријаршиски определените Македонци, Власи и други кои се ставиле во функција на грчката власт. За околиски началник бил поставен Тего Сапунџиев, познат како шпион на турската, а потоа и на грчката власт. Нешто подоцна тој бил сменет, како и други службеници на чии места биле поставени Грци од јужните краеви.

Според бугарските извори, грчката војска влегла во Солун 24 часа пред бугарската, затоа што 7. Рилска дивизија што и’ била потчинета на српската Врховна команда, плански била спречувана, а од друга страна, грчката војска била помогната прва да влезе во Солун. Всушност, за состојбата на Балканот и за решавањето на спорните прашања по извлекувањето на турската војска, решавачка улога имала Русија. Под влијание на рускиот конзул во Скопје, конзулите на големите сили решиле по Кумановската битка на турската војска да не и’ се дозволи повлекување во Скопје, туку преку Катланово кон Битола, а Скопје да и’ се предаде на српската војска. Во Солун, дури по посетата на рускиот конзул кај грчкиот крал, било решено Таксим-паша да и’ го предаде Солун на грчката војска.