Странските пропаганди и последиците од нивното дејствување
По Берлинскиот конгрес, ситуацијата во Македонија уште повеќе се усложнила со засилувањето на пропагандната активност на соседните балкански држави и на некои верски организации.
Тргнувајќи од интересите на своите буржоазии да се дофатат до богатите македонски рамнини, базирајќи се врз специфичната положба во која се наоѓала Македонија и Македонскиот народ во втората половина на од XIX век, а особено врз големата етничка измешаност на Македонија, населена од Македонци, Турци, Грци, Власи, Албанци, Евреи, Роми итн., барајќи поткрепа во ,,историското право", соседните балкански држави развиле огромна пропагандна активност за да го запрат историскиот развој на Македонскиот народ, односно да го насочат тој развој во правец на своите интереси.
Како средство за постигањето на таа цел биле употребени црквата и училиштето. Тие биле најсигурниот фактор за денационализирање на македонскиот народ.
Великогрчката пропаганда
уредиГрчката пропаганда, која во голема мера ги беше загубила позициите во Македонија до војните од 1876/78 година, по Берлинскиот конгрес добива благопријатни услови за проширување на својата дејност. Ползувајќи се од огорчувањето во Османската Империја, поради претрпените порази и заведениот терор особено по Кресненското востание и другите антитурски немири во Македонија, грчката пропаганда тргнала во поход, служејќи се со секакви средства да ги поврати изгубените пред војната позиции. Во тој поглед таа ја имала полната поткрепа на турските власти. По достави на агентите на грчката пропаганда, турските власти го апселе, затворале, осудувале секој Македонец што ќе смогнел доволно енергија да и се спротивстави на грчката пропагандна инвазија.
Дејноста на грчката пропаганда во овој период се одликува со својата многустраност. Директно раководена од Атина, таа на меѓународен план развива широка пропагандна активност, чија основна задача е да го убеди светското јавно мислење за нејзините права врз Македонија.
Во Македонија, доверувајќи им го раководството на пропагандата на своите конзулати, грчката власт настапува со сите средства што и стоеле на располагање: на една страна употребува терор и се служи со шпионирање, на друга, отвора голем број разни видови образовни институции или основа организации чија основна намера е ефикасно ширење на грчкиот јазик, писменост и свест.
Како резултат на оваа активност, во 1886 година, грчката пропаганда во Македонија имала вкупно 846 училишта, од кои 3 учителски школи, машка и женска гимназија во Битола, богословија итн., во кои учеле над 45.000 ученици.
Меѓутоа, сиот успех на грчката пропаганда постигнат во годините по Руско-Турската војна и Кресненското востание, се потпирал на поткрепата на турската власт. Од 90-тите години на XIX век, турските власти почнале да и ја откажуваат својата помош на грчката пропаганда, да го спречуваат нејзиниот терор и да се однесуваат толерантно спрема егзархиската и други пропаганди. Од тогаш грчката пропаганда почнала брзо да го губи теренот во Македонија.
Великосрпската пропаганда
уредиЗа разлика од великогрчката, организираната великосрпска пропаганда во Македонија датира од 1868 година. Меѓутоа, до Берлинскиот конгрес таа се уште не била прецизно одредена. Дури по Конгресот и посебно со потпишувањето на тајната конвенција (1881) со Австро-Унгарија, со која на Србија и биле затворени вратите спрема Босна и Херцеговина, Србија го свртела посериозно своето внимание кон Македонија. Првите чекори што ги презела Србија биле барањата да се дозволи отворањето на српски училишта во Македонија и да се постават Срби за владици во Скопје, Велес, Дебар, Битола и Охрид.
Кон посистематско ширење на својата пропаганда во Македонија, Србија пристапила по Српско-Бугарската војна од 1885 година. Во 1886 година за таа цел било организирано посебно друштво ,,Свети Сава". Во негова надлежност била дадена дејноста на ширење на српската просвета во Македонија. Исто така била засилена дејноста и на дипломатски план. Србија успеала да издејствува потпишување на конзуларна конвенција со Османската Империја, според која добила можност да отвори свои конзулати во Солун, Скопје (1887) и Битола (1888).
Во осумдесеттите години на XIX век, сеуште незајакната врз своја посебна црква во Турција, каква што имале Бугарија и Грција, српската пропаганда, за да се инфилтрира полесно во Македонија, ја побарала соработката на оние македонски кругови кои биле еднакво незадоволни и од Патријаршијата и од Егзархијата и кои се бореле за своја македонска политичка, просветна и црковна самостојност, нудејќи им ја својата поддршка. Така, врз основа на оваа соработка во 1886 година во Цариград е создадено друштвото ,,Србо-Македонци" во чија програма е предвидено издавањето на весник на чисто македонски јазик. Весникот требал да се вика ,,Македонски весник". Во програмата на друштвото стоело дека ќе се залага за обновување на Охридската архиепископија. Се во исто време дошло до контакт помеѓу претставниците на ,,Тајниот македонски комитет" во Софија и српската влада во Белград. Меѓу двете страни бил постигнат договор за заедничка работа врз следниве основи:
- Борба за обновување на Охридската архиепископија под заштита на Цариградската патријаршија;
- Издавање на еден весник во Цариград под името ,,Македонски глас" на македонски јазик;
- Отворање на училишта во Македонија во кои ќе се поставуваат учители што ќе предаваат на народен јазик и
- За потребите на македонските училишта и народ да се печатат учебници и книги на македонски јазик.
Настојувајќи преку спомнатите кругови да осигури пат на своето влијание во Македонија, таа во 1889 година во Цариград го помогнала издавањето на еден буквар, а потоа и на читанка во кои 2/3 од текстот биле пишувани на македонски јазик, а 1/3 на српски.
Меѓутоа, со се поцврстото загнездување во Македонија, српската пропаганда се повеќе ја намалувала поддршката на македонските сили што се бореле за своја независност. Од 1890 година и таа тргнала по стапките на своите ривали во Македонија: пренесување на пропагандната активност во надлежност на Министерството за надворешни работи во Белград и на новоотворените конзулати во Македонија; постојано, од година на година, зголемување на средствата за пропаганда итн. Како резултат на тоа, во почетокот на XX век таа имала во Македонија 217 училишта, во кои учеле 9.179 ученици.
Великобугарската пропаганда
уредиВеликобугарската пропаганда во Македонија се наоѓала во предимство пред другите ривалски пропаганди. Наоѓајќи се во исти државни граници со Македонскиот народ до 1878 година и водејќи заеднички борби со него за духовно ослободување од грчката Патријаршија, бугарската буржоазија во исто време имала можност да го шири своето влијание во Македонија. Со создавањето на Егзархијата во 1870 година, оваа си ја зела улогата на исклучив раководител на црковно-просветната борба не само во Бугарија, туку и во Македонија, задушувајќи ја секоја самостојна активност на македонските сили.
Од своја страна, бугарската држава, по формирањето во 1878 година, ја презема целата иницијатива за ширење на великобугарската пропаганда во Македонија. Иако уште организационо нестабилизирана и економски незајакната, својата прва грижа ја свртува кон Македонија, кон реализацијата на Санстефанскиот договор. Веќе во 1882 година, претседателот на бугарската влада Стоилов подготвува конкретна програма за политиката на бугарската држава во Македонија. Основното во оваа програма е да се развива чувство и свест кај Македонците дека се Бугари, дека ,,кнежевството е најприроден и активен заштитник на Македонија"; да се убедат Македонците дека во ,,Софија се грижат за нивната судбина, сегашност и иднина". За постигањето на оваа цел, бугарската влада ги фиксирала следниве средства:
- Развивање на бугарската просвета во Македонија во најшироки размери; за таа цел при Егзархијата се создава специјална комисија;
- Воведување на еднообразност во организацијата на црковно-училишните општини во Македонија - практично тоа значело ликвидирање на самоуправноста на црковно-училишните општини;
- Создавање на една организација во Македонија што ќе ги држи во тек сите работи;
- Поврзување на мрежата на бугарските железници со македонските итн.
Како другите, така и бугарската пропаганда најголемо внимание и обрнува на просветната и црковната дејност. За нивното развивање, таа, во 1881 година од својот буџет издвојува 100 илјади лева, а веќе во 1885 година таа сума достигнува 574.874 лева, со тоа што секоја година, понатаму, постојано се зголемувала. Со средствата што ги вложувала за развивање на својата просветна дејност, бугарската пропаганда во учебната 1899/1900 година во Македонија имала 1.053 основни и класни училишта, посетувани од 25.994 ученици и од 13.460 деца од претшколска возраст.
На црковен план, бугарската пропаганда успеала во текот на 1890 година да добие одобрение за враќање на своите митрополити во Скопската, Велешката и Охридската епархија, а потоа да добие и берати за нови митрополити во Неврокоп (1894), Битола, Дебар и Струмица (1897).