Таен договор за поделба на Македонија

Со овој договор, поточно Воена конвенција од 2 јуни 1912 година, било предвидено во случај на офанзивна војна против Турција, Србија и Бугарија, да удрат на противникот со 150, односно 200.000 војници, од кои најмалку 100.000 ќе упатат на Вардарското боиште.

Македонската територија надвор од неспорните територии ја нарекле спорна и ја поделиле по долги и жестоки преговори. Во членот 2 од Тајниот додаток од едниот до другиот крај на спорната територија, односно од Големиот Врв кај Крива Паланка до манастирот Губавец (Св. Еразмо) на Охридското Езеро прецизно била повлечена границата. Србија се обврзала да не бара ништо преку означената граница, а Бугарија да ја признае таа граница ако рускиот цар, кој ќе биде замолен со арбитража да го реши ова прашање, се изјасни во корист на оваа линија. Тоа значи дека Србија и Бугарија ја поделиле Македонија пред да започне Балканската војна. Рускиот цар имал само формална улога. Меѓутоа, во членот 4 на Договорот е утврдено: секој спор што би се изродил по повод толкувањето или извршувањето на која и да било одредба од договорот, Тајниот додаток или од Воената конвенција, да и’ се поднесе барање на Русија за конечно решение на спорот, штом едната страна (Србија или Бугарија) ќе изјави оти смета дека е невозможно да се постигне спогодба со непосредни преговори. Тоа значи дека Русија имала неограничени можности во поглед на решавањето на македонското прашање. По потпишувањето на спогодбата за поделба на Македонија, двете земји (Бугарија и Србија) за прва задача го имале отстранувањето на македонската револуционерна организација од македонскиот народ, за да можат полесно со него да манипулираат.