Тешкото – Блаже Конески
- О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,
- штом тапан ќе грмне со подземен екот -
- во градиве зошто жал лута ме стиска,
- во очиве зошто ми навирa река
- и зошто ми иде да плачам ко дете,
- да превијам раце, да прекријам лик
- та гризам јас усни, стегам срце клето,
- да не пушти вик.
- О тешкото! Старци излегуват еве,
- на чело им мисла, во очи им влага
- и првиот чекор по меката трева
- е мирен и бавен, со здржана тага.
- Но 'рзнува тапан и писок се крева
- и молнија светнува во секој глед,
- и напред се пушта, се стрелка, се слева
- стегнатиот ред.
- До старците момци се фаќаат скокум;
- не издржа срце - сив сокол во клетка,
- не издржа пламен жив потулен во око,
- не издржа младост што сака да летне!
- Се залула оро! Се заврте земја,
- и чиниш - се корне стресениот век,
- и околу трпнат ридиштата темни
- и враќаат ек.
- И божем се врасло кипнатово оро
- со исконска сила за земјава наша
- и во него шуми на реките зборот,
- и во него рика див ветер и страшен
- и во него шепнат узреани житја
- и вечерен мирис се разлева тих,
- и земјата дише во пролетна ситост
- со запален здив.
- И душата, чиниш, на родот мој мачен
- во тешково оро се уткала сета -
- век по век што трупал сè попуст и мрачен
- од крвава болка, од робија клета,
- век по век што нижел од корава мисла
- за радосна челад, за слободен свет,
- од песна - за љубов што гине со пискот
- ко жерав во лет.
- О тешкото! Кога во молк да те гледам,
- на очиве магла ми напаѓа сура,
- и одеднаш - в бескрај се растега редот
- и ридја се губат в пустелија штура -
- и еве кај иде од маглата матна
- сè сенка до сенка, сè еден до друг -
- во бескрајно оро син оди по татка,
- по деда си - внук.
- Времињата мрачни се нивното поле,
- и нивната свирка - на прангите ѕвекот,
- а главите им се наведени доле,
- и покроце врват - сè чекор по чекор.
- О времиња, што ве в мрак родот мој минал,
- кој збор ќе ми најде за вашата стрв?
- Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат
- над пустош и крв?!
- Кој број ќе ми каже на лутите рани,
- на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,
- кој на срце болки ќе изреди збрани,
- и на очи солзи, и клетви на усти?
- О тешкото! Синџир ти беше на робја,
- од калеши моми и невести ред.
- со врзани раце во плен што ги погнал
- насилникот клет.
- О тешкото! Синџир ти беше на робја,
- дур не стана народ во листена гора,
- сè дури со јадот од векови собран
- не поведе бујно, бунтовничко оро!
- се залула танец низ крвје и оган,
- и повик се зачу и грмеж во чад -
- те разнесе сегде бунтовната нога
- по родниот кат.
- О тешкото! Сега по нашите села
- во слобода првпат штом ќе opo сретнам,
- зар чудно е - солза да потече врела,
- зар чудно е - жалба јас в срце да сетам?!
- Од вековно ропство, мој народе, идеш
- но носиш ти в срце дар златен и пој.
- Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
- И животот твој!