Цветови – Славко Јаневски

(Пренасочено од Цветови – Анте Поповски)

ЦВЕТОВИ - СЛАВКО ЈАНЕВСКИ


В Тиквешко негде, в некое село,
кај в слана тивко венеше цвете,
- убија дете.
Последна солза од око капна...
кога на ридот есента стапна,
в крви се изми утрото бело.
И кога в зраци челикот светна
последна мисла ко птица летна:
"Мајка ми сама остана в село".
О, детски очи!
Криевте в себе небесно катче...
Румено крвје течеше в жили
в радост без почин...
Кај око детско натопи земја
гороцвет никна, разлиста пролет,
кај крвта врела растопи слана
црвена роза закити поле.
Мајската роза и цветот модер
в миризма молат:
"Закити, друже, огнена пушка
со цвеќа млади,
па напред појди и други деца
брани со гради".
В Тиквешко негде, в некое село,
кај в слана тивко венеше цвете,
- убија дете.