ШТО Е СОЦИОЛОГИЈА?

Социологијата за свој предмет на истражување го има целокупниот општествен живот, односно сите појави во општеството. Затоа, таа е општа општествена наука. Во своите истражувања, таа го користи глобалниот научен пристап. Секоја општествена појава ја набљудува во рамките на поширок сплет општествени појави со кои таа појава непосредно или посредно е поврзана. Затоа, социологијата е теориска (воопштувачка) општа наука која настојува да ги открие и формулира општите услови во кои еден вид општествена појава влијае на друг вид независно од времето и просторот.


Според целта и практичните задачи кои се поставуваат пред сите науки, тие се делат на фундаментални (основни) и применети (апликативни). На првите им е основна цел да ги откријат општите вистини за појавите кои ги проучуваат, независно дали нивното знаење може да се примени во практиката. Социологијата е основна општествена наука затоа што претставува темел од кој поаѓаат сите посебни општествени науки. Таа е поле на кое се сретнуваат нивните посебни резултати кои се поврзуваат во широка т.н. социолошка синтеза. Но, тоа е едновремено и применета наука, бидејќи испитува и проучува практични односи и појави во општеството.