2. Положбата на македонскиот народ во Егејска Македонија
Во француските архиви постои бројна документација поврзана интегрално или парцијално со положбата на националните права на македонскиот народ од Егејска Македонија - Грција, во која се изнесени фактографски податоци, анализи и оценки на официјалната француска политика и нејзините дипломатско-конзуларни, воени и политички претставници во Грција и соседните балкански држави. Така, уште во текот на Втората светска војна, кон средината на 1943 година (април-мај), француските известувања укажуваат и ја оценуваат ситуацијата во Грција како “ужасна состојба која постои сега во Грција...”. <Archives militaire де л'Армее де терре. Vincenne-Paris, vol. 4 Н 388. Грција, 5 мај 1943 година.> Воено-политичката и економската состојба кон крајот на 1943 и во текот на 1944 година уште повеќе се заострува и се влошува, особено економската состојба, гледано од социјален аспект. Според француските известувања од ноември 1944 година под наслов “Ситуацијата на населението во Грција”, преку 100.000 деца помлади од 16 години се умрени од глад за време на германската окупација, 60.000 други се сериозно погодени од недостиг на храна, 1200 села се срамнети со земја.<Исто таму... ноември 1944 година, предмет: “Ситуацијата на населението во Грција”.>
Што се однесува посебно за Северна Грција односно Егејска Македонија, француските аналитичари мошне драматично ја изнесуваат и оценуваат социјално-економската и политичката состојба, дека. “ситуацијата во Тракија и Македонија е доста конфузна... ЕАМ е господар во Северна Грција, Тракија и Македонија и црвените знамиња се веат насекаде крај Егејот. Напротив, ЕАМ се избегнува до грчката влада од Казерта... Македонија одново стана зовриен котел на Европа и не се гледа каков компромис ќе може да ја доближи англ. грчката теза (до кого што и да ги доближи)...”.< Archives diplomatique... Paris, Serie з, Europe, sous-serie, Yougoslavie, vol. 31, 5. 10. 1944 година.> За ваквата влошена воено-политичка, а особено социјално-економска криза во Грција, покрај другите околности и фактори, се оценува дека имало придонес и воената интервенција на британските трупи во оваа земја, заради што постои омраза кон Британците. Според француски известувања и оценки од февруари 1945 година во заведениот предмет: “Грчката криза”, Американците се неутрални и не ја поддржуваат британската воена интервенција во Грција,< Archives militaire... Vincenne-Paris, vol. 4 Н 388, февруари 1945 г.>
Масовното учество на Македонците во Егејска Македонија во Народноослободителната војна, а посебно создавањето на македонската државност на македонскиот народ од Вардарска Македонија како рамноправна федерална единица во рамките на југословенската федерација и стремежот на Македонците од пиринскиот дел на Македонија за приклучување кон НР Македонија, како и стремежот за обединување на Македонија, создадоа страв и вознемиреност кај грчките официјални кругови, што француската мисија, привремено сместена во лондон во есента 1944 година, го оправдуваше бидејќи сметаше дека “македонското прашање е многу деликатно и оваа земја пред да влезе меѓу шесте дражви што ја основаат југословенската федерација... има еден дел од бугарска Македонија, чии жители сакаат да се обедината со нивните сонародници од Југославија и би требало да биде приклучена во Федерацијата (југословенската - б.м.) грчката влада би се вознемирила од овие тенденции во кои би се скицирала една голема Македонија. Овој инцидент би можел да предизвика вознемиреност, и британската влада ги осудува аферите на југословените. Грците се доста збркани од самите себеси, и без прашањето на Македонците...”. <Archives diplomatique... Paris... Serie, З, Europe, sous-serie, Yougoslavie, vol. 37 - француска мисија во лондон, 24. 11. 1944 година “многу тајно”.>
Стремежот за национално ослободување и обединување на македонскиот народ кон крајот на Втората светска војна, според француски сознанија, предизвика интерес сред дипломатиите на повеќе европски земји, бидејќи неразрешливоста на македонското прашање и неговото развлекување уште од Берлинскиот конгрес 1878 година создаваше и може да создаде недоразбирање и немири на Балканот: “меѓу проблемите чие решавање останува енигма за канцелариите на европските дипломатии, едно од најсериозните е она за Македонија... за Премин од Север кон Југ по долината на Вардар се формира еден природен пат кон Егејското Море. Таа (Македонија - б.м.) е една вистинска раскрсница во стратешки поглед... словенската маса е компактна во северниот, централниот и западниот дел...,...со многубројно население...,...Македонија се' уште не ја остварила својата рамнотежа и своите политички аспирации...,...пред да се објасни фазата на југословенско-бугарските односи потребно е да се изнесе една синтеза за македонското прашање...,...од Берлинскиот договор кој предвидуваше автономија на Македонија и нејзиното повторно паѓање под турска власт...,...Мирновнито договор од 1919 година не донесе никакво решение на македонското прашање и чија територија остана распарчена во Балканските војни меѓу Грција, Србија и Бугарија...,...приврзаниците на ВМРО (Об) во 1925 година т.н. федералисти-прогресисти се застапуваа за концепцијата за идна Балканска федерација во која би влегла и Македонија...,...македонското прашање е решено во југословенската федерација со влегување во неа на НР Македонија...”.<Исто таму... сигн. 33.>
Стремежот на македонскиот народ за обединување и вознемиреност на Грција од овие тенденции ги изнесува и францускиот амбасадор во Велика Британија Рене Масигли во март 1949 година до француската влада. И во овој извештај е нагласена вознемиреноста на грчкиот амбасадор пред Форин Офис пред евентуалноста од создавање на независна македонска држава, која ги опфаќа и градовите Лерин, Костур, Воден и Гуменџе.<Исто таму... синг. 33.> Според генералниот француски конзул во Солун Раул Дувал, од октомври 1945 година основен предуслов за подобрување на грчко-југословенските односи, истакнат од страна на југословенскиот генерален конзул во Солун, за Југославија е “создавањето на независна голема Македонија и напуштање на Грција од страна на Британците”.<Исто таму...>
Отпорот на македонскиот народ против монархофашистичкиот режим во Грција во егејскиот дел на Македонија доби масовен карактер во 1946 и во текот на 1947 година, а таа реалност не можеле да ја заобиколат или прикријат и самите грчки власти. Така, министерот на војната на Грција соопштува за прв пат дека во една битка на планината Грамос меѓу владините сили и партизаните нивните загуби од 1 мај до 20 јуни 1947 година достигнале до бројка од 7.300 мртви. Целта на партизаните била да се создаде слободен регион за сместување на нивната влада.<> а францускиот генерален конзул во Солун Рaул Дувал нагласува дека “американската доминација во Грција создава ужасна ситуација во Северна Грција со трагични последици за населението во Македонија и Тракија”.< Archives diplomatique.. Paris... sous-serie, Yougoslavie, vol. 33. >
Во сузбивањето на стремежите на Македонците од Егејска Македонија и на нивната борба за извојување на национални права и слободи, грчките власти преземаа сериозни мерки кои се состоеја во примена на репресалии, убиства, прогони и терор. Димензијата на теророт што го спроведуваа грчките власти, мошне сликовито е изнесена во експозето на советскиот делегат Мануилски (од Украина), поднесено на 24-та пленарна седница на Париската мировна конференција во август 1946 година. “Сметаме, меѓу другото, дека жртви на прогоните во Грција се албанското, бугарското и македонското малцинство. Сега илјадници лица страхуваат од истребување... бараат засолниште во Албанија и Југославија. Нема сомнение дека оживувањето на старите расни ривалства на Балканот ќе доведе во овој регион до закана Балканот одново да се трансформира во едно жариште на конфликти и да ја комплицира меѓународната ситуација. Нетрпеливата кампања што сега се води во Грција против шефовите на повеќе држави, како на пр. против Маршал Тито, продолжува...,...врските меѓу грчката влада и Југославија се толку затегнати што југословенскиот амбасадор штотуку ја напушти Атина. Во светлината на овие потези, интервенциите на грчката делегација јасно се покажува како закана за мирот”. Развојот на ослободителната борба на грчкиот и на македонскиот народ принуди Американците уште во текот на октомври 1947 година да преземат посебни воени, економски и политички мерки.
Преземените конкретни чекори во сузбивањето на демократскиот процес во Грција од страна на грчкиот монархофашистички режим потпомогнат од англо-американските сили во 1947/48 година, придонесе и го принуди раководството на Комунистичката партија на Грција да издаде демант во март 1949 година, со цел да ја запознае домашната и светската јавност за вистината и целите на ослободителната борба и на демократските процеси во Грција. Во овој демант на ЦК на КП на Грција по повод вестите за Балканската федерација и македонската држава од 7 март 1949 година, меѓу другото се нагласува деска “последниве денови од разни страни, главно од монархофашистичка Атина, Лондон, се појави под разни видови и начини и иста лажна и клеветничка вест дека КПГ заклучила разни договори за создавање на Балканска комунистичка федерација и македонска држава, која би ги споила сите делови на Македонија што се наоѓаат под југословенска, бугарска и грчка власт. Сите овие вести, лажни, клеветнички, имаат за цел да го потпомогнат монархофашистичкото и империјалистичкото подривање на нашата борба, да го разбијат единството на борбата на грчкиот и македонскиот народ и да посеат раздор меѓу балканските народи.
Петтиот пленум на КП на Грција од 30-31 јануари 1949 година прогласи дека последица на победата на Демократската армија ќе биде македонскиот народ да најде полно национално признание самопоставување, ослободување онака како тој самиот го сака, жртвувајќи ја сега својата крв за да би го стекнал тоа. Тоа е став на КПГ по македонското прашање. Двата народа, грчкиот и македонскиот, се борат заеднички за својата слобода. Последицата на победата ќе биде секој народ слободно и суверено да реши за својот натамошен пат. Последицата на победата ќе биде македонскиот народ сам да реши како сака да живее и каква управа ќе има. Овој народнодемократски став на Комунистичката партија на Грција не може да го изопачува и преиначува никаква клеветничка кампања, ниту полемиката на анепријателите на нашата борба”. (“Слободна Грција”, 7 март 1949, ЦК на кП на Грција).<Исто таму... кут. 1/36 - Деманти од ЦК на КП на Грција.> Независно од реалноста колку тоа било тактички потег на КП на Грција со цел да го придобие македонскиот народ во заедничката борба со грчкиот народ против монархофашистичкиот режим и странските сили, сепак, овој документ е значаен, бидејќи не само што во него КПГ ја признава македонската национална посебност, туку и што на македонскиот народ во Грција гледа како на важен субјект и фактор во текот на Народноослободителната војна и на Граѓанската војна. Спроведуваните репресалии од страна на режимот во Грција наидоа на остра осуда сред југословенските народи. Така, ако се проследи дневниот и периодичниот југословенски печат, ќе се наиде на бројни коментари во кои се провлекува единственоста на југослвоенските народи во поддршката на македонскиот народ во Егејска Македонија за неговото национално ослободување и воедно се осудуваат репресалиите што ги вршеше грчкиот монархофашистички режим над македонскиот народ во Егејска Македонија.
На меѓународен дипломатски план, францускиот амбасадор во Атина во својот извештај до француската влада од септември 1950 година го анализира ставот на југословенскиот претставник во ОН Беблер од 4 септември 1950 година дека, во напорите за југословенско-грчкото приближување, “грчката страна го игнорира македонското малцинство и неговите национални права, што претставува еден од основните предуслови за нормализација на југословенско-грчките односи”.< Archives diplomatique... Paris... Serie, З, Europe, Sous-serie, Грееце 1949-1955, vol. 53. >
Независно од стремежите и желбите на македонскиот народ за извојување на своите национални права и заедничко живеење во една обединета Македонија, треба да се согледаат и земат предвид сплетот на меѓународните околности како фактор. Имено, настаните што уследија по донесувањето на Резолуцијата на информбирото од јуни 1948 година, оставија силен печат и мошне негативно се одразија во остварувањето на стремежите на македонскиот народ за негово обединување и конституирање во една самостојна македонска држава, или во рамките на една југословенска или балканска федерација. Така, ако се проследи основната француска документација, ќе се согледа значителна промена во курсот на тогашното југословенско државнопартиско раководство, па дури во одредени временски интервали, како на пример, пред и по потпишувањето на Балканскиот пакт од 28 февруари 1953 година, е присутно и напуштање па и целосно одбегнување воопшто да се споменува прашањето за Македонците и македонскиот народ надвор од тогашна Југославија, а камо ли да се застапува за нивна заштита и обединување.
Специфичностите на посебниот национален карактер на Македонците од Егјска Македонија, посебноста на нивниот јазик, културата, традицијата, обичаите и другите белези својствени за еадна посебна нација, ги нагласува Лусиен Пјер Лемоан, генерален француски конзул во Солун, во својот извештај од 17 септември 1952 година упатен до францускиот министер за надворешни работи, под наслов “Грчко-југословенските односи и Македонија”. Во овој извештај меѓу другото се подвлекува дека “ова значајно малцинство (македонското - б.м.), е многу жилаво и работливо, со кое Англичаните ги зачуваа тесните врски, живее нескршливо приврзано кон своите обичаи и посебно кон својот јазик. Генералната инспекција за странски училишта со седиште во Солун посебно се зафати со утврдување на задачата, да ја уништи употребата на славомакедонскиот дијалект што се употребува во семејствата кои го исклучуваат грчкиот јазик. На постоењето на славомакедонското малцинство секоја од двете земји (Југославија и Грција - б.м.) му придаваат такво значење, со што се ризикува, а тоа претставува сериозна пречка во полниот развој на нивните односи (се мисли на југословенско-грчките - б.м.)”.<Исто таму... vol. 133. >
Слични белези и оценки за македонскиот карактер на распарчените делови од интегрална Македонија изнесува и ги нагласува и францускиот амбасадор во Софија Жан Луи Бодие во својот извештај од францускиот министер за надворешни работи од 19 мај 1955 година. Имено, тој најнапред соопштува дека е “извршено патување во Грчка и југословенска Македонија (се мисли на Егејска и Вардарска Македонија, односно НР Македонија - б.м.), при што бил во постојан контакт со француските конзули во Солун и Скопје, како и со францускиот амбасадор во Атина”.<Исто таму... sous-serie, Yougoslavie, vol. 103 Мацедоине, Софија 19 мај 1955 година - Белешки од патувањето во Егејска и Вардарска Македонија на Жан Луи Бодие - француски амбасадор во Софија - упатено до Министерот за надворешни работи на Франција Антоан Пинај - Париз.> Натаму, во текстот се подвлекува како лајт мотив една негова констатација од која произлегува заклучокот дека “нивото на животот во Вардарска Македонија го потврдува јавното мислење кое е многу приврзано кон идејата за едно обединување на Јужните Словени..., а во Македонија (Егејска - б.м.), сместена меѓу Удово (село во Демиркаписката клисура - б.м.) и Солун, се употребува еден јазик - словенски и во целиот овој регион селата продолжуваат да ги носат словенските имиња..., а Македонците од Пиринска Македонија се ориентирани кон Вардарска Македонија...”.<Исто таму...> Впрочем, карактерот и состојбата на населението и називите на населбите ги потврдува и приложената француска карта на Македонија, од која јасно се согледува дека сите населени места со исклучок на Солун (во картата стои Салоник) имаат македонски имиња.
Интересни согледувања и оценки во врска со донесениот грчки закон од летото 1953 година според кој се конфискува сиот недвижен имот на пребеганите Македонци од Грција за време на Граѓанската војна изнесува францускиот амбасадор во Белград во извештајот од септември 1953 година. “овој закон е една дискриминаторска мерка во поглед на ова малцинство - лишените Македонци и нивните фамилии беа принудени да ги напуштат нивните огништа за да најдат прибежиште во Југославија... тој е донесен со цел да ја измени етничката структура на населението од Северна Грција....,...овој закон е во контрадикција со грчкиот устав кој забранува целосна конфискација на приватната сопственост без надомест и без легална процедура. Добро информираните лица имаат впечаток дека овој закон го санкционира неправедното држење кон словенското население од Северна Грција... кое е без основни национални права и правото да го употребуваат македонскиот јазик...”.<>
Без оглед до кој степен на реалност продреле француските дипломатско-конзуларни, политички, воени и други претставници на Франција во проникнување и откривање на вистинските состојби за положбата на националните права на Македонците во соседните земји, а посебно во Грција, неодминливо е нивното согледување и оценките дека тогашното југословенско раководство од година во година се' повеќе се оддалечуваше од македонското национално прашање за на крајот, околу 1955 година и потоа, да го одбегнува неговото спомнување во меѓусебните средби и контакти со соседните балкански земји, а посебно во Грција, се' со цел да не се нарушат добрите југословенско-поточно српско-грчки односи. Суштествено е да се подвлече дека изворната документација со која располагаме и ја проучивме, се карактеризира со својата длабочинска проникливост во анализите на настаните сврзани за Македонија и македонскиот наорд. Од документацијата неминовно произлегува и се наметнува заклучокот дека не само што не можело да се заобиколи или негира реалноста за присуството на јасно оформеното македонско национално чувство, туку напротив, ја нагласуваат посебноста на Македонија и на македонскиот народ, и што е најзначајно, на Македонија се гледа како на една интегрална целина и во географски и во национален и во стопански поглед, а во одделни периоди се оправдува и поддржува борбата на македонскиот народ за создавање на своја државност и самостојност.