3. Положбата и правата на македонскиот народ во Пиринска Македонија
Прашањето за положбата и правата на македонскиот народ во Пиринска Македонија - Бугарија, за македонско-бугарските односно југословенско-бугарските односи кон крајот и непосредно по Втората светска војна, достатно е опфатено од повеќе аспекти во глава втора од овој труд. Во оваа прилика би изнеле само некои фрагментарни сублимирани француски погледи сврзани за статусот на Македонците, за оствареноста на националните права и слободи низ еволутивните промени на однесувањето на новата бугарска власт по војната. Имено, уште кон кајот на војната, француските аналитичари го изнесуваат и го нагласуваат ставот на Бугарија кон правата на македонскиот народ во Пиринска Македонија, споредувајќи ги со правата на Македонците во Егејскиот дел на Македонија во Грција. Конкретно во врска со тоа француските согледувања и оценки нагласено внимание му придаваат на стојалиштето изнесено од премиерот на Бугарија Кимон Георгиев во врска со македонското национално прашањае: “Македонскиот народ има право да решава за својата судбина... за Бугарите, Македонците се Македонци..., за Грција не постои македонска националност...”.< Archives diplomatique... Paris, Serie, З, Europe, sous-serie, Yougoslavie, vol. 31. >
Француските оценки за националните права на македонскиот народ имаат реална основа во стварноста. Низ бројната документација од француска дипломатска, политичко-економска и воена провиненција педантно се следи оствареноста на македонските национални и културни права и слободи во Бугарија и притоа се разграничуваат три фази во однесувањето на бугарските официјални власти кон македонскиот народ во Пиринска Македонија. Имено, во првата фаза - 1944-1948 година на Македонците во Пиринска Македонија не само што им се признаваат, тие и ги уживаат националните, културните и другите права и слободи во Бугарија, а воедно мошне е изразен стремежот од бугарска страна за македонско-бугарско зближување и дури постои согласност од бугарска страна за отстапување на пиринскиот дел од Македонија и нејзино приклучување кон својата матица - Вардарска односно НР Македонија. Покрај стекнувањето на национални права, македонскиот народ од пиринскиот дел на Македонија имаше и просветно-културни права, што се согледува од отворањето училишта и гимназии со настава на македонски јазик, изучување на македонската историја, отоврањето на македонски книжарници, бибилиотеки и македонски национален театар во Горна Џумаја.
Во втората фаза - 1947-1954 година, поради познатите настани што претходно ги изнесовме во овој труд, настанати по донесувањето на Резолуцијата на Информбирото од јуни 1947 година, не само што претходно стекнатите права на Македонците во Бугарија беа негирани од бугарска страна, туку доаѓа до прекинување на односите меѓу македонскиот народ од Пиринска Македонија и НР Македонија и југословенско-бугарските односи пошироко. Во овој период, а посебно во годините 1950/51, според француски извори, по наговор од советска страна, дури и се подготвувала бугарска воена агресија врз Македонија и Југославија воопшто. Овие затегнати македонско-бугарски односи и целосната негација на националните, културните и други права и слободи на македонскиот народ во Пиринска Македонија, ќе ја достигнат својата кулминација до смртта на Сталин - март 1953 година, за потоа да настапи третата фаза во која доаѓа до оживување и уште поизразено зближување во односите во однос на Димитровскиот период меѓу македонскиот народ од пиринска и Вардарска односно НР Македонија како и враќање и проширување на националните, културните и други права на Македонците во Пиринска Македонија.