4ти МАЈ 1903 – Гане Тодоровски
- Така му било пишано: гробот да си го сони!
- В срце го клукна прокоба, стегајќи в гнев тупаница.
- Имаш ли доволно гробје, ој Македонијо,
- покрвава за уште една рана: Баница!
- Побогати сме сега со уште една смрт и пресен гроб.
- Таго ле неисплакана, остани горда и недоустена,
- разграни пазуви црни земјо, извалкани, запустена,
- за да го прегрнеш сина си што беше најмалку роб.
- Плачот му прилега на оној што има солзи доста.
- Ти, бесолзна немоќнице проголтни најгорчлив јад
- и биди уште за една загуба погорда, оти тој левент млад
- на твоите чеда им завешта в бој да умираат и простум.
- Црна зацрни се таголика страдалнице,
- прегризи усти, расчешлај коси, раскини руба,
- и смирено, со зборови најгалежни и жални,
- тивко, но мајчински, оплакувај си ја загубата.
- Друга смрт таква ти не ќе дочекаш скоро,
- на таков свој заљубеник што само Тебе те имал.
- Ој неразвенчана Гоцева изгоро,
- ој, Македонијо, ој рано многуимена!