4. Состојбата на земјоделството во Македонија

4. Состојбата на земјоделството во Македонија

Македонија во предвоеното Кралство Југославија, во однос на другите подрачја, претставуваше најнеразвиено подрачје во стопански и во просветно-културен поглед. Таа претставуваше типично аграрно подрачје во кое преовладуваше економската и културната заостанатост. Земјоделството, кое имаше водечки позиции во македонското стопанство. Имаше исклучиво екстензивен карактер. Такват состојба во земјоделството по Втората светска војна не само што не се измени, туку уште повеќе е влошена, пред се' поради последиците од војната. Тоа е една реалност наследена од минатото, што ја увиделе и француските експерти во своите документирани и продлабочени анализи за состојбата во земјоделството; укажувајќи на неопходните чекори за неговиот развој по ослободувањето на земјата: “земјоделството во Македонија е во големо задоцнување. Затоа, најпрвин се потребни серија мерки за неговиот развиток...,...може да се каже дека физиономијата на економијата на селанецот во Македонија не била многу изменета од крајот на последната војна (се мисли на Втората светска војна - б.м.). Денес како и вчера, ситната сопственост доминира, државниот сектор опфаќа едне релативно слаб процент од населението. 111.000 селски семејства располагаат со една половина од вкупната обработлива површина од 467.000 ха, а другата половина од населението поседува од 2-5 ха земја, околу 30.000 семејства се безземјаши. Вкупниот број на селското население во 1948 година изнесува 918.000 лица...,...голема тешкотија претставува недостигот на квалификувана работна сила”.< Archives diplomatique... Nantes... вол, 8, 9, За земјоделството во Македонија.>

Според овие француски согледувања, земјоделството во Македонија има услови и перспективи за развој, но му недостасува селективноста во земјоделските култури, потоа изградба на системи за наводнување, современа механизација, примена на современи агротехнички средства и сл. што се нужни “за да не остане македонскиот селанец со начинот на обработка на земјата денес како во текот низ изминатите векови”.<Исто таму... Nantes... >

Во Македонија непосредно по војната 1945 година околу 80% од населението беше земјоделско и поради низа околности, а пред се' поради тоа што владејачките структури не ја согледуваа полезноста да го ориентираат земјоделското производство кон оние земјоделски култури кои можеа да му донесат висок доход. Имено, иако климатските и педолошките услови беа поволни за одгледување на индустриски култури во Македонија, тие беа минимално застапени, што се потврдува и во следниов преглед на засејани култури по години и периоди:<Исто таму...>

Состојбата на порастот на земјоделското производство по Втората светска војна во однос на предвоеното производство ја покажуваат следниве податоци:<Исто таму...>

Според овие француски изворни податоци, земјоделското производство во периодот 1947-1953 се зголемило за 17,94%, а споредено со 1939 година, порастот во областа на социјалистичкиот сектор до 1953 година во земјоделството е осетно намален, а во наредната 1954 година па наваму тоа намалување е уште поизразено, што е резултат на напуштањето на системот на колективизацијата применет во 1949 година според советскиот модел на колхозите.

Француските согледувања за развојот на земјоделството во Македонија укажуваат дека таа има поволни услови за неговиот равој, а посебно на индустриските култури кои не можат да се произведуваат во другите делови на Југославија. Така, француските аналитичари нагласуваат дека 98% од југословенското производство на памук отпаѓа на Македонија. Во 1948 година пред колективизацијата памукот бил засејан на површина од 15.649 ха, што е за три пати повеќе во однос на 1939 година и со производство од 25 до 35 илјади тони. Натаму француските експерти нагласуваат дека 70.000 македонски семејства, односно 45% од земјоделското население, или 25% од вкупното население во Македонија, живее од тутунот. Во 1939 година, тутунот се садел на 7.200 ха, а во годините 1945-1955 се садел на 16.000 ха и просечно се добивале преку 12.000 тони тутун, а во 1957 година се произвело 27.300 тони тутун.<Исто таму... Nantes... vol. 8. > Првпат тутунот бил засаден во Македонија во 1574 година, а помасовно почнал да се сади во XVII -от век. Француските аналитичари изнесуваат високи оценки за македонскиот тутун и сметаат дека “тутунот претставува главното богатство на Македонија”.<Исто таму...> Според нив, производство на тутун претставува традиционална економска активност и реноме за Македонија. Оваа традиција потекнува од пред 370 години во Отоманската империја, под чија власт се наоѓаше тогаш Македонија. Тутунот се обработуваше и купуваше од познати трговски фирми и се продаваше под етикетата “турски тутун”, но неговото вистинско потекло е од Македонија заради што може да се нарече “македонски тутун” од Југославија. Тутунот или т.н. “жолто злато” како што се нарекуваше, претставува навистина најголемото богатство на Македонија, бидејќи е доминантно и во својата економија учествува со 25% од националниот доход во земјоделството и 50-70% во националниот доход во индустријата.<Исто таму...> Со производството на тутун се занимава голем дел од селското население.

Содржината на никотинот на македонскиот тутун се движи од 0,5 до 1,5% и припаѓа на прочуени сорти од ориентални тутуни кои се барани на светскиот пазар. Македонското производство на тутун е претставено главно преку три сорти на тутун и тоа: “Јака”, “Прилеп” и “Отља”. Тутунот “Јака” е од семето ксанти, кое поседува мирис и убава арома со голем сладок вкус на мека ткаенина и претставува најчиста сорта која го носи епитетот “крал на тутуните” и се произведува во регионите на Струмица, Гевгелија, Радовиш, Велес и други. Тутунот “Прилеп” го добил името по градот Прилеп кој е негов најголем производен центар. Носи потекло од семето “џуме бале”, но всушност е специјална сорта добиена при селекцијата на Институтот за тутун во Прилеп. Се одликува со својата силна и продорна арома и е многу баран во САД. Се произведува во регионите на Прилеп, Битола, Кавадарци, Велес и Штип. Сортата “Отља” и' припаѓа на групата “кабакулак” и се одликува ос својата жолта боја и убав вкус и од него се прават колекции на луксузни цигари. Се обработува во регионите на Куманово, Кочани и Тетово. Сите овие три сорти на тутун се многу вреднувани и барани на пазарите на тутун. Овие сорти на тутун се произведуваат во следните пропорции: типот “јака” - 30%, “Прилеп” - 50% и “Отља” - 20%. Тутунската култура во Македонија постојано се усовршува од надлежните во Институтот за тутун во Прилеп кој бил основан уште во 1925 година. Благодарение на квалитетите и вредноста, македонскиот тутун се здоби со големо реноме по Втората светска војна во светот, што го потврдува и претходно изнесената табела за извозот на тутун по години, а посебно земјите купувачи на тутун од светот.<Исто таму...>

Во структурата на населението во Македонија по дејности во 1955 година, според француски сознанија, 61,3% од македонското население е земјоделско, 4,5% се занимавало со индустрија и рударство, 0,7% со шумарство, 5,4% со градежништво, 2,1% со транспорт, 3,8% со трговија, 7,7% со занаетчиство и 14,2% со разни други дејности.<Исто таму... Nantes... vol. 9. Македонија има поволни услови за одгледување и развој на овчарството во оваа земја што го потврдува и следниот преглед:>

Број на овци во Македонија 1939-1959 година<Исто таму...>

1939 година 1.691.443 1945 1.333.755 1950 1.750.701 1955 2.167.398

Инаку, гледано во целина, вкупниот сточен фонд во Македонија во 1933 година изгледаше вака:

Преглед на сточарскиот фонд во Вардарска Бановина во 1933 година< Archives militaire... Vincenne-Paris... vol. 3190 - Француско дипломатско претставништво во Белград... Извештај од 27. 09. 1933 год.>

Бановина коњи маски магариња говеда биволи Вардарска 108.476 3.744 63.118 493.327 33.447

Според бројот на овците, гледано според територијата и бројот на населението, Македонија го заземала првото место во Југославија и Европа, а во светот е меѓу првите по производство на волна. Пред Балканските војни во Македонија имало преку 5 милиони овци.

Еден од основните принципи што се прокламираше во Македонија е новата аграрна реформа непосредно по Втората светска војна. Прокламираниот принцип “Земјата им припаѓа на оние што ја обработуват”, од страна на надлежните власти во Македонија бил почитуван при неговата примена, се оценува во француската документација. Аграрната реформа и колонизацијата како придружни мерки половично се изведувале во Кралството Југославија, биејќи се задржани големите поседи на поединци, банките и верските заедници, а посебно пречка било тоа што се конзервирале општествените односи од феудален тип во Македонија. Селанството, како главна маса што учествуваше во Народноослободителната војна, со право очекуваше ова прашање на аграрните односи да се реши по војната врз новите начела. Со сите овие акти власта, во завршната фаза на војната, се упатува кон решавање на ова значајно прашање. Тоа се манифестираше преку разновидни начини, меѓу кои и со конфискација на имотите на буржуазијата којашто соработуваше со окупаторот и нивното преминување од лична во општествена сопственост. Иако резултатите од конфискацијата беа незначителни во текот на Народноослободителната војна, сепак треба да се одбележи дека тој процес беше начнат и се одвиваше по линија на НОВ. Во сообразност со решенијата на АВНОЈ, од декември 1944 година, Президиумот на АСНОМ донесува одлука за формирање Оддел за аграрна реформа при поверенството за народно стопанство на Македонија.<Решението на АВНОЈ од 21. XI 1944 год. стои дека... прогресивните демократски слоеви, независно од народната припадност, не се ставени под удар на конфискацијата...”. Решение за преминување во државна сопственост на непријателските имоти за државната управа над имотите на неприсатните лица и за секвестарот над имотите кои ги отуѓиле присилно окупаторските власти” (ова решение содржи 12 членови). - Службен лист на ДФЈ, год. 1, бр. 2, 6. II 1945; Архив на Македонија - Скопје, фонд, Главен одбор на народниот фронт на Македонија. За референт на овој Оддел за аграрна реформа е наименуван Јордан Блажевски, инженер од Тетово - Записник од 15-та седница на Президиумот на АСНОМ од 15 декември 1944 год. Скопје, Зборник на документи АСНОМ 1944-1946 г., Скопје, 1964, с. 521-523.>

Секако дека најсуштествена мерка која во областа на земјоделското стопанство изврши коренити промени во позитивен правец, беше донесувањето на Законот за аграрна реформа и колонизација на 23 август 1945 година од страна на Привремената народна скупштина на Југославија (ПНСЈ), како и на Законот за ревизија на доделувањето земја на колонистите и аграрните интерсенти во Македонија и Косовско-метохиската облат,<Исто таму, Год. 1, број 56, 5. VIII 1945; Архив југославије (во натамошниот текст АЈ), Београд, ф. 97-309.> донесен нешто порано од првиот, односно на 3 август 1945 година во Белград. Во него се третираше прашањето за колонистисте и аграрните интересенти во Македонија и Космет. Според него, колонистите и месните корисници на аграрната реформа извршена пред 6 април 1941 година на територијата на Македонија, го губат правото на сопственост на земјата што им била доделена, под одредени услови пропишани со овој Закон. Посебно значаен белег во овој Закон, како и на другите закони сврзани за аграрната реформа и колонизација, беше тоа што приоритет за добивање земја имаа пред се' безимотните и малкуимотните селани, инаку борци од НОВ, и семејства на жртвите на фашизмот.<Исто таму, Год. 1, бр. 68, 7. Х 1945 г. “Уредба за редот на првенството во одделувањето на земјата”, с. 667-668; АЈ, Београд, ф. 97/1.>

Одлуките за експропријација се преземени од локалните аграрни комисии на јавни расправи со актувно учество на заинтересираните страни што требаше да добијат земја. Според француски гледишта, аграрните комисии донесуваат одлуки во рамките и во духот на Законот за аграрна реформа.< Archives diplomatique... Nantes... vol. 8. Новите сопственици на добиената обработлива земја беа обврзани да ја обработуваат, а секакво оттуѓување, продавање или давање под наем беше строго забранет>

Според некои податоци, со аграрната реформа е создаден крупен земјишен фонд од експропријаните имоти на големопоседниците, од поседите на банки, манастири, цркви и друго, што најдобро го илустрира подолу изнесениот преглед.<Статистички годишњак ФНРЈ, Београд, 1954, с. 115.>

Според други податоци, во НР Македонија за распределба имало земја во износ од 71.000 ха за спроведување на аграрната реформа. Од тој фонд, 18.053 ха биле распределени на безимотните и малкуимотните селани во првата фаза, а потоа од 36.191 ха земја е создаден државен сектор на социјалистичкото земјоделско стопанство на кое му се доделени 24.942 ха земја, а на државните стопанства и селските работни задруги 7.930 ха. Фондовите земја за распределба не беа во можност да го задоволат гладот по земја на 117.757 сиромашни селани, односно 70,84% од земјоделското население. Тоа значи на еден селанец просечно се паѓало по 1,74 ха земја, што претставува минимум, потоа имало 44.567 средни земјоделци, односно 27,04%, што поседувале 309.922 ха земја или 52,38% од обработливите површини, и богати селани - 3.480 поседници што држеле во сопственост 70.259 ха односно 11,87% од вкупните обработливи површини.

Основната цел на оваа аграрна реформа беше да се задоволи гладот за земја на сиромашните селани, потоа да се зголеми и унапреди земјоделското производство и, што е најзначајно, со реформата да се создадат неопходните услови за создавање и развој на социјалистичкиот сектор во земјоделството. Според овој Закон за аграрна реформа и колонизација од 23 август 1945 година, според француски согледувања, се предвидуваше 50.000 утра конфискувана земја (утро е мерка за површина и едно утро содржи 57.547 ари, а еден ар содржи сто метри квадратни) во Бачка и во Срем (Војводина) да им се разделат првенствено на борци од Народноослободителната војна, инаку посиромашни селани од Македонија и од другите краеви на тогашна Југославија,< Archives diplomatique... Nantes... vol. 8 - белешки и документарни студии...> а за што на располагање имале околу 70.000 куќи во селата во Војводина, Барања и Славонија кои биле напуштени пред се' од жители со германско потекло т.н. фолксдојчери и од други соработници на окупаторот во текот на германската окупација на Југославија. На 29 август 1945 година со законски акт е основан Аграрен совет со задача да раководи со аграрната реформа и колонизацијата. До крајот на мај 1946 година 40.000 семејства со околу 210.000 лица беа населени во Војводина.<Исто таму...> Според истиве француски извори, во средината на 1946 година нивниот број е зголемен на 45.000 семејства со околу 250.000 лица. Во почетокот на 1948 година 42.194 семејства, дојдени од разни региони на југославија, вклучувајќи ја и Македонија, беа колонизирани во Војводина, а вкупниот број на колонизирани семејства од Југославија, според француски извори, изнесуваше 65.000 и нивното потекло беше од сите краеви: Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора.

Многу југословенски официјални архивски извори, состојбата на преселените колонисти во Војводина до 1 ноември 1946 година од сите краишта на Југославија изнесуваше 43.472 семејства односно 235.123 лица, од кои од Македонија 1.575 семејства односно 9.244 лица.<Архив Југославије, Београд, фасц. 97/1-10 - Извештај о стаљу пресељених колониста на територију Војводине. Преглед пресељавање ранијих колониста Космета и Македоније - За овие прегледи, како и поопширно за аграрната реформа види: Лазар Лазаров, општествено-економскиот развој... цит. дело; истиот автор. Општествено-политичките организации... цит дело.>

Првите форми на земјоделски задружни кооперации на територијата на Македонија, според француски извори, се основани непосредно по ослободувањето 1945 година. Меѓутоа, за да се сфати процесот на формирањето на земјоделски задруги и кооперации од општ тип, треба да се нагласи дека тие постоеја и пред Втората светска војна, беа основани под различни форми на земјоделско организирање. Новите земјоделски задруги и кооперации во основа имаа за цел и задача да го зголемат кооперативниот задружен сектор, да ги унапредат средствата за производство и да го усовршат и зголемат производството во областа на земјоделството. Така, за секое село или група помали села биле основани такви земјоделски задруги и кооперации со обврска да ја подготват трансформацијата на земјоделското индивидуално производство во кооперативно-задружно производство од општ тип. На крајот на 1948 година, според анализите на француските експерти, како и од официјалните податоци од Министерството за земјоделство на Македонија и Југославија во целина, се гледа дека биле основани 3.862 земјоделски задруги и кооперации од општ тип со преку 2,3 милиони семејства, односно тоа значи дека била постигната опфатеност на сите селски семејства во земјата.< Archives diplomatique... Nantes... vol. 8. >

Системот на колективизација што започна во 1949/50 година во Југославија најмногу напредуваше и дојде до израз на територијата на Македонија: “бројната состојба на новоформираните колективи особено се зголеми во текот на 1951 година опфаќајќи 62% од обработливата површина”, додека колективизацијата за целата територија на тогашна југославија не поминуваше ни 25% од обработливата површина. Затоа француските експерти го поставуваат отворено прашањето: “како да се објасни оваа исклучителна состојба во Македонија, дали е резултат на слепото извршување на директивите од југословенското раководство и притисоците од надлежните органи во Македонија над македонското селанство или можеби на недоволниот и организиран отпор против ваквиот погрешен систем”.<Исто таму...> Отпорот против колективизацијата се зголеми и стана очигледен во текот на 1952 година, кога селаните бараа да ги напуштат колективите. Тогаш, според француските аналитичари, сојузната влада на Југославија примени сила и други принудни мерки и методи за да опстои колективизацијата.<Исто таму...> Владините директиви се состоеја во колективизација на сите гранки во областа на земјоделството. Извесни нејзини олеснителни мерки за задругарите во директивите беа да не плаќаат данок на доход, туку само на 3% од производстото и сл., но и овие мерки не ги дадоа очекуваните резултати да се сочува и унапреди системот на колективизацијата.<Исто таму...> Незадоволителните резултати во новоспроведениот систем на колективизација, а посебно отпорот на селаните, ги принуди југословенските раководни власти да се обидат да ги задоволат и богатите и сиромашните селани, односно за богатите селани се избра решение да се легализира распуштањето на земјоделските колективи врз основа на Одлуката од 30 март 1953 година, а за сиромашните селани настојуваа да останат како земјоделски работници и, што е најзначајно, ја ограничија сопственоста на земјата до 10 ха.<Исто таму... Nantes... vol. 8. Иако оваа одлука е донесена во март 1953 година, таа била очекувана и за неа се знаело уште од 1952 година, што го признава и самито Едвард Кардељ во својата статија во в. “Борба”, од 29 март 1953 година, при што нагласува дека се слуша многу често сред јавносто мислење дека колективите се создавани со сила и дека всушност целта на колективизацијата била да се трансформира земјоделството во социјалистичка ориентација на здружниот систем.>

Француските официјални аналитичари во развојот на Македонија разграничуваат два периода. првиот, до 1948 година, односно до Резолуцијата на Информбирото и вториот, по Резолуцијата па навму.<Исто таму...> Така, во периодот по Резолуцијата доаѓа до зголемување на цените и нивната либерализација, а посебно на прехранбените животни намирници, што осетно се одрази на и онака нискиот стандард на населението. <Исто таму...>

Трансформацијата и развојот на здружниот сектор во земјоделството, според согледувањата и оценките на францускиот амбасадор во Белград, од 1948 година го попречуваа две основни пречки што властите не ги прикриваа. едната од овие пречки е материјалната ограниченост, а таа се одразила и со недостиг од земјоделска механизација, а втората пречка е психологијата, односно селанецот гледаше со недоверба на новите реформи што му се нудат и на фаворизирање на задругарството од дрржавата по секоја цена, а посебно “што селаните се должни да и' предадат на државата повеќе од 50% од нивната раколта”.< Archives diplomatique. де Министере дес аффаирес етрангерес... Paris... serie З Europe, sous-serie, Yougoslavie, vol. 76 - Б. Епинат - француски амбасадор во Белград, 11 октомври 1948 година, предмет: “Селанското прашање во Југославија” - до својата екселенција г. Роберт Шуман - француски минстер за надворешни работи - Париз.> Така, според изнесувањето на Лазар Колишевски на седницата на извршниот совет на НР Македонија посветена на земјоделството од ноември 1955 година, во француските извештаи се истакнуваат две основни причини за незадоволителните резултати во земјоделството, од една страна, недостиг на квалификувани кадри и од друга, лошата организација на овие земјоделски задруги, но сепак проблемот со кадрите е значаен, бидејќи земјоделските задруги рапсолагале со 21.000 ха обработлива земја а имале само 7.000 земјоделски работници од кои најголемиот дел се неквалификувани.<Исто таму...>

Ваквата погрешна политика мошне негативно се одрази врз земјоделството што се наоѓаше во фаза на опаѓање наместо посакуваната ревитализација, а беше очекувано и осиромашувањето на земјоделското население: “за да се отклони оскудицата со животни намирници и да се изнајдат основи за индистријализацијата, владата се нафрлува исклучиво на селаните принудувајќи ги да даваат задолжителни делови од приносите... со еден прогресивен данок што достигаше и до 80% од нивниот доход, кој веќе е многу опаднат...,...владата пристапи и со други ирационални акти и во 1948/49 година пристапи кон колективизацијата, т.н. “доброволна”, чии резултати ќе бидат катастрофални во сите сфери на животот, а посебно во ревитализацијата на населението...,...ова беше владеење на некомпетентните...”.< Archives diplomatique... Nantes... Fond, Etat General des fonds... serie, Скопје, vol. 9... Белешки и документарни студии...> Овие француски согледувања и оценки колку и да се преостри, сепак не се далеку од реалноста.