Германски јазик/Именки
<< Hallo! | Das Genus der Nomen | Das Präsens >>
Das Genus der Nomen / Родот на именките
Граматички категории кај именките
уредиИменките се зборови што означуваат суштества, предмети, појави и поими. Именките во германскиот јазик имаат: род, број, член и падеж. Родот кај именките може да биде: машки, женски и среден.
Бројот може да биде еднина и множина. Членот може да биде неопределен и определен.
Во германскиот јазик разликуваме и четири падежи: номинатив, акузатив, датив и генетив.
Род
уредиИменките во германски, како и во македонски можат да бидат од: машки (m), женски (f) и среден род (n). Меѓутоа, една иста именка може да има различен род во македонски и во германски. На пример. јаболко во македонски е именка од среден род, а во германски е од машки род, der Apfel. Тоа значи дека родот е чисто граматичка категорија и родот кај сите именки треба да се запамти. За полесно изучување, најчесто именките се групираат во групи според нивното значење или според нивниот завршеток. Во зависност од родот именката има и член: der за машки, die за женски и das за среден род.
Машки род
уредиИменки од машки род се:
- Именки кои се однесуваат на мажи, вклучително и професии: der Mann (маж), der Vater (татко), der Arzt (доктор), der Lehrer (учител)
- Деновите од неделата, месеците, годишните времиња: der Montag (понеделни), der Juli (јули), der Herbst (есен)
- Временски појави: der Regen (дожд), der Schnee (снег), der Nebel (магла)
- Страните на светот: der Norden (север), der Süden (југ), der Osten (исток), der Westen (запад)
- Валути: der Dollar (долар), der Euro (евро)
Од машки род се и именките кои завршуваат на:
- -ent: der Patient (пациент), der Student (студент), der Präsident (претседател)
- -ich и -ig: der Teppich (тепих), der König (крал)
- -ing: der Schmetterling (пеперутка), der Frühling (пролет)
- -ismus: der Optimismus (оптимизам), der Kapitalismus (капитализам)
Женски род
уредиИменки од женски род се:
- Именки кои се однесуваат на жени, вклучително и професии: die Frau (жена), die Mutter (мајка), die Ärztin (докторка), die Lehrerin (учителка)
- Повеќето германски реки: die Donau (Дунав), die Mosel (Мозел), die Elbe (Елба), die Weser (Везер), die Oder (Одра)
- Имиња на дрвја, цветови и плодови: die Kiefer (бор), die Tomate (домат), die Gurke (краставица), die Olive (маслинка), die Rose (ружа)
Од женски род се и именките кои завршуваат на:
- -ei: die Bäckerei (пекарница), die Polizei (полиција), die Bücherei (библиотека)
- -anz: die Toleranz (толеранција), die Arroganz (ароганција)
- -heit и -keit: die Freiheit (слобода), die Krankheit (болест)
- -ik: die Fabrik (фабрика), die Politik (политика)
- -in: die Ärztin (докторка), die Amerikanerin (Американка)
- -ung: die Wohnung (стан), die Rechnung (сметка)
- -ur: die Natur (природа), die Tastatur (тастатура)
- Поголемиот дел од именките кои завршуваат на -e: die Tante (тетка), die Katze (мачка), die Lampe (ламба)
Среден род
уредиИменки од среден род се:
- Имиња на бои: das Rot (црвена), das Blau (сина), das Gelb (жолта)
- Имиња на метали: das Gold (злато), das Kupfer (бакар), das Silber (сребро), das Nickel (никел), das Kadmium (кадмиум)
- Глаголските именки: das Schwimmen (пливање), das Kaufen (купување)
- Деминутиви на именките (т.е. зборови кои завршуваат на -chen или на -lein): das Bäumchen (дрвце), das Mädchen (девојче), das Häuslein (куќичка)
Освен овие, именки од среден род се оние кои завршуваат на:
- -ment: das Instrument (инструмент), das Dokument (документ), das Element (елемент), das Medikament (лек)
- -um: das Publikum (публика), das Datum (датум)
Граматика | ||
Именки | Род (машки · женски · среден) · Број (еднина · множина) · Падеж (Номинатив · Акузатив · Датив · Генетив) | |
---|---|---|
Глаголи | Времиња (Сегашно време · Минато време Перфект · Идно време Футур I) · Начин (Заповеден) | |
Придавки | Степен |